Денес веќе не гледам причина зошто да не зачекориме храбро напред. Со вакви политичари визионери мора да напишеме нов устав на „Република Северна Македонија“. За новите визии да се преточат во закон. А и така одамна ја отворивме Пандорината кутија. Сето зло што можеше да исползи од неа го видовме
Порано ги сожалував, веќе не. Се обидував да ги разберам и да најдам оправдување за луѓето во државава што веруваа дека власта и политичарите го имаат монополот на вистината и правдата. Верував дека се заведени од убавите зборови и ветувања за вистина и правда и грдата слика за политиката што ја слушнавме низ „бомбите“, која ни ја понуди македонскиот „Бошко Буха“. Во меѓувреме додека тие викаа и маршираа барајќи ја правдата, државата и историјата ни исчезнуваа пред очите. Ни се случуваше нејзина ерозија, а тие продолжија да мразат.
Притоа ја имаа слушнато само едната грда страна на политиката. Другата имаа можност да ја видат. Ама одбија. На очи слепи одбија да ги видат политички мотивираниот прогон, галопирачката корупција, неспособноста на власта, променетото име на државата, двојазичноста и корозираниот унитарен систем, историското обезличување на нацијата.
Молчеа за дивоградбите во Уставот што ни ги инсталира власта. Станаа тивки соучесници во процесот за исчезнување на државата Македонија и нејзина замена со некоја клонирана творба наречена „Република Северна Македонија“. Непрепознатлива по својот историски наратив, колективна меморија, настанување и носител на нејзиниот суверенитет. Зашто оној вистинскиот, македонски народ на референдум ја отфрли како диво месо.
Тогаш, кои се овие луѓе? Се гордеат со првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, а му стокмија држава што е антипод на двата столба на македонската државност – АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 година. Оние што го сменија името на државата и се откажаа од нејзината историја „остануваат определени да ги негуваат и спроведуваат вредностите што претседателот Глигоров ги остави зад себе“. Празна реторика кога ќе се соочите со реалноста во државава. Глигоров ќе изјави дека „Македонија е сѐ што имаме“. Е веќе ја немаме. Барем не онаа Македонија чиј претседател беше. Ова сепак е друга држава. Изгледа шашаво ама не функционира.
А не функционира ни Уставот на државата. Како да функционира Уставот на Република Македонија од 1991 г., устав на една држава како устав на друга. Која настана низ потписот на фејсбук-министерот за надворешни работи и пенкалото на премиерот. А не од волјата на македонскиот народ. Затоа не гледам веќе никаква целисходност од неговото понатамошно постоење во оваа форма и содржина. Толку промени доживеа, толку беше дефлориран што стана документ без правен кредибилитет на највисок правен акт на државата, со кој се дефинира државното уредување.
Уставот ниту нѐ водеше низ поларизирачките закани и националните расколи во последниве триесетина години, ниту ги посредуваше тектонските конфликти што го тресеа теренот на македонската државност. Никогаш не стана обединувачки документ во срцето на нашата репрезентативна демократија, го толкуваа како сакаат, а политиката успеа да го јавне неговиот авторитет. Сѐ повеќе сум убеден дека Уставот, ваков каков што е, веќе не ги одразува политичката и правната реалност на новата држава, „Република Северна Македонија“.
Уставот испадна толку несовршен, а уставниот и политичкиот систем толку нефункционални, што е време да се напише нов. Новиот устав мора да го одразува концептот на „една држава за сите“ и „носителот на сувереноста во Северна Македонија, мултиетничкиот народ“. Не оти разбирам што значи тоа, но битно премиерот Заев разбира. А штом тој разбира, целиот свет разбира. Па пржинската влада, новиот концепт на политичко договарање во Клубот на пратениците, како и уникатниот модел за носење одлуки во парламентот преку Бадинтеровото мнозинство мора да станат уставна категорија. Исто така, треба да се редефинира унитарниот карактер на државата во светлото на тиранскиот концепт на двојазичност и системот на „правична застапеност“, како и новиот концепт на еднаквост промовиран од премиерот Заев – сто отсто еднаквост за Албанците? Така ќе ги избегнеме и проблемите со Венецијанската комисија и можноста правото да се меша во политиката.
Ќе ја избегнеме и можноста кој како сака да го толкува Уставот, во согласност со потребите – нормално, политички. Еднаш одамна кога ги подготвував промените на Уставот во делот на следењето на комуникациите, еден од уставотворците ме замоли да останеме на тоа, да не одиме подалеку во неговото отворање. Знаеше што значи тоа и каде ќе нѐ одведе. Денес веќе не гледам причина зашто да не зачекориме храбро напред. Со вакви политичари визионери мора да напишеме нов устав на „Република Северна Македонија“. За новите визии да се преточат во закон. А и така одамна ја отворивме Пандорината кутија. Сето зло што можеше да исползи од неа го видовме. Повеќе од ова не може.
Затоа време е за нов устав. Овој сегашниот ниту беше амблем на единство, ниту тело на фундаментални принципи, или утврдени преседани според кои се управува една држава. По толку сеизмички политички потреси, овој е нужен за да сфатам каде и во каква држава живеам. Време е политиката и политичарите да си ги легализираат дивоградбите во нашиот државен систем. И нивните визии за изгледот на шахтите во државава.
Авторот е универзитетски професор