Ноќта на 8 октомври 63 година пред нашата ера, Старите Римјани биле сведоци на невообичаен настан. Римскиот сенатор Марко Тулиј Цицерон во полна воена опрема, во придружба на вооружени телохранители и со огнен факел во раката, го одржа својот најпознат говор во храмот на Јупитер Статор пред сенаторите. Спектаклот предизвикал збунетост и страв кај присутните. Римскиот сенат заседавал во храмот секогаш кога на римската држава ѝ се заканувала голема опасност, што е спротивно од традицијата, бидејќи сенаторите со својата работа започнувале взори, а не треба да ги заборавиме ниту огнените факли и оружјето кај присутните.
Во оваа напната атмосфера, Цицерон го започнал својот најпознат говор: „До кога најсетне, Катилина, ќе го злоупотребуваш нашето трпение?! Колку долго тој твој бес ќе се подигрува со нас? До кој крај ќе те донесе таа твоја разуларена дрскост? Не чувствуваш ли дека се откриени твоите намери и не гледаш ли дека е оневозможен твојот заговор со самото тоа што им е познат на сите овде? Мислиш ли дека некој од нас не знае што правеше синоќа, прексиноќа, каде беше, кого го повика и што одлучи?“ Всушност, Цицерон го обвинил поранешниот претор Катилина дека сака да изврши политички преврат, да ја преземе власта, да ја уништи демократијата и да воспостави диктатура.
Говорот предизвикал голема вознемиреност кај сенаторите, а Катилина кога согледал дека Сенатот е против него, веднаш го напуштил Рим. Во следните месеци, настаните се движеле кон трагичен крај. Сенатот ги осудил на смрт учесниците во заговорот на Катилина. Цицерон веднаш потоа лично го спровел Лентула, приврзаник на Катилина, во Маретинскиот затвор, а преторите ги довеле и преостанатите заговорници и ноќта сите биле погубени со давење. Наскоро, Цицерон ја добил титулата татко на татковината, бидејќи ја „спасил“ државата од пропаст.
Што се однесува, пак, до Катилина, се обидел да ги консолидира приврзаниците што панично заминувале од Рим и започнал да се подготвува за воен судир. Бидејќи неговата положбата во Италија била неодржлива, со сојузниците се упатил кон Галија, но патот му бил пресечен од три римски легии. Во текот на решавачката битка, Катилина се борел до последниот здив и неговото тело било пронајдено меѓу загинатите. Победата на Сенатот била платена со многу крвави загуби, сепак на крајот заговорот на Катилина бил спречен.
Во историјата, Катилина останува запаметен како лош и изопачен. Обвинуван е дека е чудовиште, изрод, дрзок, подмолен, превртлив, способен на секаква притворност, алчен по туѓото, пламнат во страстите, најголемиот душман на татковината, дека во цела Италија не може да се најде трујач, гладијатор, бандит, разбојник, убиец, фалсификатор, прељубник, подведувач што не бил близок со Катилина и сѐ така до бесконечност.
Овој мрачен поглед за Катилина се зачува илјадници години и не случајно во текот на руските револуционерни години, непријателите на Ленин ги обвинуваа болшевиците дека се катилинци, односно дека се чудовишта што заслужуваат да бидат распарчени. Меѓутоа, тука има едно големо „но“, како да забораваме дека историјата ја пишуваат победниците, во овој случај политичките непријателите на Катилина.
Кој бил, всушност, Катилина? Потекнувал од благородничко семејство и се обидувал да добие државничка функција преку легална политичка борба. Се залагал за укинување на старите долгови, кои воделе кон клиентски односи и доделување земја за сиромашните. Со својата политичка дејност стекнал големо влијание кај Римјаните, особено меѓу илјадниците сиромашни римски граѓани.
Неговите политички разбирања ги дознаваме од еден говор, во кој истакнал: „Кој… може да поднесува да се зголемуваат нивните богатства, што тие ги расфрлаат во градби како планини, а вам ви недостига она што ви е најнужно? Тие имаат по две или повеќе куќи, а за вас нема простор ни за домашниот Лар (римско божество – заштитник на домот), купуваат уметнички слики, статуи, релјефи, нови куќи уриваат, градат други, на сите можни начини го расфрлаат богатството, но и покрај најголема желба – не можат да го изарчат. А во вашите домови владее немаштија, надвор – долгови, неволји, безнадежност. Впрочем, што можеме да загубиме освен бедната душа, а што можеме да постигнеме? Она што најмногу го посакувате – слобода, а со неа и богатство… Јас се надевам дека како конзул заедно со вас ќе го остварам ова, ако не ме мами мислата дека вие сте повеќе расположени да робувате одошто да господарите…“
И покрај најавите, Катилина никогаш не беше избран за конзул и не ги спроведе реформите, бидејќи против себе ја имаше моќната римска елита и аристократија, која се плашеше од неговите политички идеи. Сите негови обиди беа спречени од страна на аристократијата, која ги користеше сите можни начини, вклучувајќи и поткупување на гласачите. Кога Катилина ги исцрпе сите легални и правни средства, се реши да дејствува преку нелегално преземање на политичката власт.
Катилина беше продукт на економската и политичката криза на Римската Република, која беше предизвикана од огромната социјална диференцијација помеѓу римските граѓани, кога многумина ја изгубија својата земја и живееја во длабока сиромаштија. Всушност, тој беше политички наследник на браќата Грах, кои се залагаа за економска реорганизација на римското општество преку предлагање и спроведување социјални реформи што требаше да го подобрат животот на сиромашните граѓани. Затоа Катилина својот живот го заврши како и браќата Грах, кои наспроти себе го имаа аристократскиот сенат и беа убиени поради политичките погледи.
Бидејќи победниците ја пишуваат историјата, Цицерон – заштитникот на аристократијата, е запаметен како еден од најголемите римски државници, како татко на татковината, а Катилина како чудовиште и изрод, човекот што беше гласот на сиромашните. Можеме бесконечно да ги обвинуваме популистите од типот на Катилина дека дејствуваат во своја полза, но тие секогаш ги искажуваат потребите на нацијата и општеството, всушност народот секогаш говори преку нив.
Меѓу приврзаниците на Катилина беше и славниот Цезар, кој по освојувањето на власта ги спроведе Катилиновите реформи, бидејќи беа општествена нужност. На крајот, римската аристократија ја согледа реалната потреба од политичка стабилност, која изискуваше баланс помеѓу општествените класи.
Сѐ додека во едно општество постои голем социјален јаз помеѓу богатите и сиромашните, општеството ќе се соочува со постојана политичка нестабилност и популистите ќе никнуваат како печурки. Оваа анархична состојба е условена од немањето носител на општеството. Богатите или сиромашните не можат да бидат стожер на општеството, потребна е средна класа, која ќе балансира помеѓу нив и ќе ги намали социјалните немири. Само погледнете ги напредните држави, како Канада и Швајцарија (или поранешната Југославија), каде што средната класа е стожер на општествените текови. Без средна класа не е можна политичка стабилност, затоа „нашата земја“ (како што некои љубат да го користат алтернативниот назив за нашата Македонија), постојано се соочува со политички кризи.
Крајно време е македонската политичко-општествена елита да осмисли стратегија со која ќе ја намали социјалната диференцијација, во спротивно постојано ќе се соочуваме со неизвесна иднина. Да побрзаме, зашто како во поговорката: „времето си врви, а нам ни се куси“ и ќе ја изгубиме државата.