На 27 април за малку била избегната трагедија, која денес се претвори во политичка и правна комедија. Од врата на срамот, се претвори во врата на спасот, што пак, од своја страна, е една позитивна метафора. Тие што влегоа во Собранието на голема врата, сега се спасуваат низ малата. Само различни се влезот и излезот за покајниците и за недостојните, како што секогаш и секаде било и ќе биде. Едни ќе си останат во пеколот, други се префрлија во рајот. Зашто некои тропнале на вистинската врата, која им се отворила, а други на погрешната врата, која останала затворена. Или некој им тропнал на нивната врата
Денешниот текст ќе биде мешавина меѓу симболите и реалноста. Нешто симболично посложено, нешто разбирливо и реално. Симболиката ќе биде за рајските врати и вратите на пеколот, а реалноста за вратите на Собранието, отворени на 27 април, низ кои влегоа стотици незадоволници од резултатот на политичкиот расплет. Настан број еден што ја потресе Македонија минатата, 2017 година. Ја потресе и сѐ уште ја тресе, не се знае до кога. Веројатно до денот кога ќе се пишува конечната политичко-правна историја на поранешната Република Македонија (за внатрешна употреба), ако таква некогаш се стигне да се напише во идната Северна Македонија (за севкупна употреба).
Зачудувачка е симболиката на вратата со настаните во Собранието, во тој народен храм на демократијата, на законодавството. Вратата не е само направа што отвора и затвора, отвор низ кој се влегува или излегува. Оној што ја отворил (а се знае кој) или тој што подоцна ја затворил (не се знае кој) како да ги знаел сите тие значења.
Вратата го симболизира местото на минување меѓу две состојби, меѓу два света, меѓу познатото и непознатото, светлината и темнината, богатството и сиромаштијата. Отворената врата нуди мистерија, таа е предизвик да се премине, да се види што има од другата страна. Таа не е само отвор на ѕидот или спој на парчиња од дрво закачени околу своите шарки. Во зависност од тоа дали е отворена или затворена, заклучена или притворена, вратата е симбол на присуство или отсуство, повик или одбрана, перспектива или назадување, одење напред или враќање назад, постапка на чесност или направена грешка без размислување. Намера или случајност.
Влегувањето низ врата значи и потрага по нов свет, по нов живот, пробивање на владејачките ограничувања, надминување на стравот, потврда на индивидуалната моќ. Во крајна линија, таа означува премин од живот во смрт, но и премин од смрт во ослободување. Важноста на вратата е голема, бидејќи овозможува влегување во една виша реалност, пристап до откровението и до апокалипсата. До последниот суд, божји или човечки. Затоа постои и врата на правдата – праведните влегуваат во неа, неправедните остануваат надвор.
Отворената врата и влегувањето низ неа во многу случаи е цена за искупување, плаќање некаква откупнина, поднесување жртва за да се спаси животот. Наплата за прошка за некоја грешка, со признавање на целата вистина. Означува барање за прочистување за сторениот грев, избавување од него. Но не може секој да се искупи, да биде помилуван или амнестиран за своите грешки. Има заслужена и незаслужена искупнина.
Во христијанството вратата се смета за симболичко обележување на самиот Исус Христос, неговата врата е единствената низ која овците доаѓаат до стадото, до царството на избраните. Тој е вратата низ која се влегува во небесното царство – ‚‚Јас сум вратата, кој ќе влезе преку мене ќе се спаси“, вели Исус во една од своите параболи. Не случајно над вратите на некои цркви се насликани крволочни ѕверови, стражари што чуваат да не влезат во храмот нечистите, злите сили. Има врата за боговите и врата за луѓето, рајски врати за кон небото, врати на пеколот, на подземниот свет. Тесна е вратата низ која се влегува на небесното царство, како што е тешко да се провира камилата низ иглени уши. Но ако сака, ако рече Исус, и тоа може да се случи, да помине камилата низ иглени уши и сите да веруваат дека е вистина.
Во некои села во Африка на врати на верски храмови се поставуваат симболи од кои треба да биде разбрано дека не е вистина она што се гледа со очите туку она што кажуваат главатарите. Гревота е да се рече дека Македонија е Африка, но и во неа сѐ почесто се наметнува политичка атмосфера дека не е вистина она што се гледа со очите туку она што ќе кажат лидерите или оние што се до нив. На пример, отворањето на вратите на Собранието и насилничкиот влез на фрустрираната маса народ, инструирана од некого, која беше во потрага по поинакво решение за изборот на претседател на Собранието. Она што тогаш се подведе под квалификацијата „отворање на вратите на пеколот“, што беше означено како монструозен план, напад на темелите на демократијата, државен удар, терористички акт и слично, одеднаш не значи тоа што тогаш луѓето го видоа или го рекоа. Било, ама не било.
Ако тогаш настанот значеше отворање на вратите на пеколот, за да влезат во Собранието злите сили, сега, со новосоздадената слика, со носењето на законот за селективната амнестија, би требало да се прифати новата вистина дека, всушност, тој чин бил отворање на портите на рајот, на европскиот рај. Истите луѓе сега ни кажуваат дека сликите од 27 април 2017 биле лажни, фалсификувани, а овие сегашните, од лицемерното помирување, се вистинските.
На 27 април за малку била избегната трагедија, која денес се претвори во политичка и правна комедија. Од врата на срамот, се претвори во врата на спасот, што, пак, од своја страна, е една позитивна метафора. Тие што влегоа во Собранието на голема врата, сега се спасуваат низ малата. Само различни се влезот и излезот за покајниците и за недостојните, како што секогаш и секаде било и ќе биде. Едни ќе си останат во пеколот, други се префрлија во рајот. Зашто некои тропнале на вистинската врата, која им се отворила, а други на погрешната врата, која останала затворена. Или некој им тропнал на нивната врата.
Што се случува на крајот? Излегува дека главната врата на Собранието за да се случи „крвавиот четврток“ не ја отвори никој. Според најновите тврдења, таа се отвори сама како што „сама“ се отвора црковната врата на полноќ на Велигден, по вртењето на трите круга. Или се отвори само со еден таинствен збор познат од приказната за Алибаба и четириесетте разбојници: „Сезаме, отвори се!“.