Минатото е лага, сегашноста – изобилство од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, сѐ во рамките на раѓањето на уште еден нов сладок парадокс
Блумберг медија (Bloomberg Media) и МТел Свис (MTel Swiss) – радиодифузер во мнозинска сопственост на „Телеком Србија“, го објавија договорот за создавање на првата регионална мултиплатформска мрежа за деловни информации во Југоисточна Европа, со центри во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и во Македонија. Почнувајќи од 2022 година, Блумберг адрија ќе понуди деловни и финансиски вести, анализи и податоци преку телевизија, печат, дигитални канали, мобилни и социјални мрежи.
Светот исчезнал во 1945 г., а ова што сега го гледаме се симулациски холограми на вистинските луѓе и вистинските збиднувања, како во филмот „Матрикс“ – ексцентрично постулира канадскиот „медиумски еколог“, соработник на Маршал Маклуан. Нови глетки пристигнуваат без престан, бидејќи веќе нема ништо живо што би можело барем за момент да нѐ исклучи од директниот пренос на постоењето и светот е само еден обичен холографски виц. Спас е можен единствено ако на момент за кратко ги исклучиме сите медиумски постројки и алатки и излеземе од медиумската матрица со пречистено внимание, но за таков обид најверојатно е доцна, предоцна.
Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на реалноста во сите историски епохи биле цел на политичката пропаганда. Имајќи го предвид нивниот секојдневен близок контакт со гледалиштето, слушателите, потрошувачите, граѓаните, читателите… – потенцијално сегашно и идно гласачко тело, сосема е „природно“ настојувањето таа сфера да се освои и да се уреди според соодветната логика и правилата на дејствување.
Иако првите прототипови на механичка и електронска телевизија се развиени во дваесеттите години од минатиот век, тој медиум се зацврстува дури по Втората светска војна. Дотогаш, во етерот суверено владее радиото. Имајќи предвид дека секое германско семејство има радиоприемник, основата на Гебелсовата пропаганда е емитување содржини на радиото, но и на филмските содржини подготвени и режирани од Лени Рифенштал и емитувани како кинопрограма пред секоја театарска, кабаретска и филмска проекција. Ѕвезда на советското медиумско небо е радиоспикерот Јуриј Борисович Левитан. Сугестивниот бас-баритон ги објавува соопштенијата за подготовките за големата татковинска војна, за воените дејства, победите на Црвената армија. „Зборува Москва“ е најавата по која застанувал животот, движењата во градовите, фабриките, домовите. Гласот од Москва ги растреперувал и непријателите. Адолф Хитлер го прогласува Јуриј Борисович Левитан за свој личен непријател бр. 1. Непријател бр. 2 во списокот е Јосиф Висарионович Сталин. Хитлер ветил и се заколнал дека Левитан ќе биде прв обесен на Црвениот плоштад штом војската на Вермахтот ќе влезе во Москва. Главата на спикерот на Московското радио е уценета од нацистите на 100.000 рајхсмарки и е разработен план за негова ликвидација. Но спикерот Левитан во „Главниот глас на татковината“ бил обезбедуван деноноќно од службите НКВД со дозвола на употреба на огнено оружје и при најмала опасност. Во годините на Втората светска војна во Германија се произведени и 150-180 пропагандни филмови и во киносалите се емитувани како задолжителен дел пред секој филм. Лени Рифенштал е ѕвездата на тој жанр, „Триумф на волјата“ е насловот што ја прослави. Така било тоа во минатото.
Канали што 24 часа емитуваат вести, инстант комуникации стануваат физичко продолжение на нашиот свет, простор во кој се снаоѓаме и се движиме без напор, непрекинат тек, медиумски пандемониум, драми и театар во кој сме и актери и гледалиште, во кои сѐ помалку успеваме да разликуваме објект од слика или глетка. Денес и војните во голем дел се одвиваат на небото, меѓу ѕвездите. За сите, освен за некои директни учесници во збиднувањата, како војната во Заливот, Египет, Авганистан, Сирија или збиднувањата на плоштадот „Тјенанмен“, се само некои во низата продукции на Си-ен-ен. Во тие обреди налик на транс, во кој секојдневно свесно се вградуваме, крајна „возвишена“ цел е да се воспостави вид медиумска империја – хелиоцентричен онтолошки систем, каде што смислата не се врти повеќе околу нас, туку ние сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да се доближиме до дигитализираната бесконечност.
Речиси истовремено „завојуваните“ страни најавуваат отворање нови медиуми. ЕУ, според најавите, ќе отвори европска телевизија на руски јазик, ТВ „Гласот на Европа“, за земјите од Источното партнерство, а „Русија денес“ веќе отвори локални бироа во дваесетина светски престолнини, вклучувајќи ги и Белград и Букурешт. Иницијативата за проектот на ЕУ, под покровителство на Европскиот фонд за демократија, потекнала од полскиот парламент. „Потребата од ваква телевизија е очигледна за да се понуди објективно и избалансирано известување на луѓето во земјите од Источното партнерство, кои информациите за случувањата во регионот сега главно ги добиваат од руските телевизии“, се вели во образложението. Според иницијативата, руските медиуми не го почитувале принципот на објективност, туку биле користени како орудие во информативната војна со Западот.
Од друга страна, слично објаснување дава и „Русија денес“, чии бироа низ Европа и пошироко треба да почнат со работа наскоро, со интернет-страници, а потоа и со радиопрограма. Како причина се наведува потребата од видувања и од руска перспектива на настаните во светот во кои во последните децении доминираат западните медиуми. Новинската агенција „Русија денес“ е формирана лани во декември, со декрет на претседателот Владимир Путин. Според претседателскиот декрет, мандатот на новата агенција е да се „обезбедат информации за руската државна политика и рускиот живот и општество за публиката во странство“. Западни претставници неофицијално велат дека „Русија денес“ и други државни руски медиуми се инструмент на пропагандата на Kремљ, а руски извори возвраќаат дека западните медиуми спроведуваат информативна војна против Русија и нејзините интереси.
Блумберг адрија ќе се потпира на 2.700 новинари и аналитичари на Блумберг њуз (Bloomberg News) во 120 земји, комбинирајќи го локалното известување со широкото покривање на светските пазари и економијата. Таа ќе вклучува преведена содржина од Блумберг њуз, како и оригинално известување од наменски уреднички центри во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево и Скопје.
За крај, како и на почетокот… во војната под ѕвездите. Минатото е лага, сегашноста – изобилство од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, сѐ во рамките на раѓањето на уште еден нов сладок парадокс…