Запознајте се со генерализираното анксиозно растројство
Да сe биде загрижен и под стрес стана вообичаена состојба за една личност. Секако, дозата анксиозност е природна и потребна, таа е биолошка реакција на телото што нѐ штити од опасности. Проблемот настанува кога загриженоста е ексесивна и нѐ ограничува во секојдневните активности, анксиозноста почнува да нѐ контролира и да ни го менува дотогашното функционирање
Јасмина Јонуз
Анксиозноста како симптом е термин што во контекстот во кој живееме стана широко употребуван и честа проблематика. Да сe биде загрижен и под стрес стана вообичаена состојба за една личност. Секако, дозата анксиозност е природна и потребна, таа е биолошка реакција на телото што нѐ штити од опасности. Проблемот настанува кога загриженоста е ексесивна и нѐ ограничува во секојдневните активности, анксиозноста почнува да нѐ контролира и да ни го менува дотогашното функционирање. Личноста започнува да живее во еден емотивен затвор, кој е под надзор на лупата на постојаната загриженост.
Свеста на општата популација се подига, а барањето помош од специјалист веќе не е табу. Преваленцата на анксиозни растројства е навистина голема и за нив се зборува често. Паничните напади се една од главните причини поради кои луѓето денес бараат терапија. Каква е состојбата со генерализираното анксиозно растројство и дали доволно се зборува за прекумерната загриженост како симптом? Мојот впечаток е дека ова растројство заслужува поголем фокус за зголемена психоедукација и свесност на општеството, а со тоа и навремен третман.
Според Дијагностичкиот статистички прирачник (ДСМ 5) типичен симптом на генерализираното анксиозно растројство е ексесивна грижа, која трае подолго од 6 месеци. Типично за него и она што го прави различно од другите анксиозни растројства, е тоа што грижата не е насочена кон едно поле и опфаќа широк спектар на содржини. Загриженоста флуктуира – тоа што било причинител во еден момент, одминува, а личноста грижата ја пренасочува кон друго поле. Загриженост за блиските, загриженост за работното време, за здравјето… Едноставно содржините се менуваат низ свеста на индивидуата, придружени со напнатост, иритабилност, тензија во мускулите и проблеми во спиењето. Грижата тешко се контролира, личноста е преплавена со загриженост.
Која е етиологијата на генерализираното анксиозно растројство? Се смета дека растројството може да започне како последица на настан што бил стресен, вознемирувачки и повторувачки. Студиите што ги истражувале генетските фактори добиле наоди дека ова растројство е зголемено и со преваленца од 20 отсто на поединци, кои се прво колено на роднини на личност што ја имала оваа дијагноза. Некои автори тврдат дека атачментот/поврзаноста во детството е важен фактор и зголемен е ризикот кај возрасни што во детството имале дефицит на заштита во кризни периоди (Боулби, според Кругер, Куран и Вотис, 2009). Психоаналитичкиот приод причинителите ги наоѓа во сепарационата анкзионост на мајката при одгледувањето на своето дете. Од друга страна, невробиолошкиот приод растројството го објаснува со дисбаланси во одредени невротрансмитери.
Како да се справиме со генерализираното анксиозно растројство? Особено е важно да бидеме претпазливи и да се консултираме со професионалец при поставувањето на границата што е вообичаена, а што патолошка загриженост. Секако, нереалистично очекување е апсолутно отсуство на грижи, напнатост или иритираност, а од друга страна неадекватна е и рационализацијата дека прекумерната загриженост е нормална и мора да се приспособиме кон неа. Самодијагностицирањето е неадекватно и се прави исклучиво со специјалист, кој ќе направи добра диференцијална дијагноза. Третманот вклучува психотерапија, а понекогаш во консултација со психијатар се препишува и медикаментозна терапија. Когнитивно-бихејвиоралната терапијата е мошне ефикасна и препорачувана за ова растројство. Клиентот заедно со терапевтот учи да ги спознае и да ги замени негативните автоматски мисли што му ја поттикнуваат анксиозноста, со поадекватни реалистични мисли. Клиентот учи како да го прекине магичниот круг на негативни мисли, негативни емоции и нефункционално однесување што го носи во растројствo.
Барањето помош од психолог е првиот чекор во борбата со ова растројство, кое води кон успешна битка со него. Токму затоа и е неопходна зголемена едукација и свесност за симптомите на ова растројство за навремен третман и совладување на овој притаен психолошки затвор.
Авторката е магистерка по советодавна психологија, психолог во поликлиниката МВР