Во периодот што претстои пред нас повторно ќе бидеме сведоци на изјави што ќе пристигнуваат од Софија дека во Македонија има недостиг од реформи, поради што портите на Европската Унија треба да ѝ бидат затворени. Пред вистината и боговите молчат, затоа кога Екатерина Захариева вели дека не треба да бараме надворешни причини, не можеме да ѝ противречиме. Вината е само во нас како општество и во никој друг
Екатерина Захариева, поранешната министерска за надворешни работи на Бугарија, за првпат ја проговори вистината. Според неа, Бугарија не е виновна за блокадата кон Македонија, туку се виновни македонските власти. Не случајно посочи: „Пред четири години виновна им беше Грција, две години подоцна виновни им беа другите две држави, Холандија и Франција, сега виновна е Бугарија. Скопје не треба да бара надворешни причини за недостигот од реформи во државата. Ние немаме претензии за тоа како ќе тие ќе се наречат себеси.“
Да направиме мала дигресија. И покрај тоа што искажа една голема вистина, Захариева не ја заборави антимакедонската реторика, во смисла дека македонските власти ќе направат сѐ што можат Бугарите таму да се сѐ помалку. Мало потсетување. И децата знаат дека Бугарите уште од создавањето на македонската држава имаат слободно право на национално самоопределување. Без разлика дали некому ќе му се допадне или не, Македонија по ова прашање не е Бугарија, само погледнете ги пописните листи во последниве педесетина години. Но да го оставиме ова прашање настрана и да се навратиме на суштината.
Очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита ја промени својата тактика кон Македонија. Промената е особено видлива кај оние што сакаат да го решат македонското прашање во бугарска полза преку кодифицирање на антиисториската теза за вештачка македонска нација, со што по автоматизам би се решило прашањето за македонското малцинство во Бугарија.
За што точно станува збор? Софија е под силен дипломатски притисок поради ветото и ирационалните ултиматуми кон Македонија. Во овој дух се и критиките на хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ, според кого: „Ова што ѝ се прави на Македонија е влегување во интимен простор. Тоа не се прави и отворено ќе му се спротивставам на тоа. Бидејќи не може да се премине преку сѐ. Тоа е една порака што не ја упативме.“
Бугарската елита, не можејќи да ги оправда своите апсурдни барања, го промени пристапот и удри на нашата најслаба точка, за која постојат бесконечни аргументи. Само прочитајте ги пишувањата на „Нова Македонија“ и сѐ ќе ви стане јасно. „Нова Македонија“ во еден подолг период преку анализи многу јасно ги посочи нашите егзистенцијални проблеми – владеење на корупцијата, клиентелизам, партизација, невладеење на правото и сѐ така до бесконечност.
Затоа во периодот што претстои пред нас ќе бидеме сведоци на изјави што ќе пристигнуваат од Софија дека во Македонија има недостиг од реформи, поради што портите на Европската Унија треба да ѝ бидат затворени.
Пред вистината и боговите молчат, затоа кога Екатерина Захариева вели дека не треба да бараме надворешни причини, не можеме да ѝ противречиме. Вината е само во нас како општество и во никој друг.
Крајно време е сите ние како општество да го ставиме прстот на главата и да се подзамислиме. Сите политичко-економски фактори во македонското општество мора да постигнат консензус и да изградат една национална стратегија, која ќе ги реши најгорчливите проблеми. Нашите читатели можеби ќе нѐ прекорат бидејќи по стоти пат пишуваме за една иста работа, стоти пат иста клапа, но реалноста е таа. Сѐ додека нема спогодба и решителни мерки за корупцијата и другите канцерогени појави во нашето општество, портите на Европа ќе ни бидат затворени.