Во 2020 година, ниту една од шесте земји од Западен Балкан не напредуваше во европскиот процес на интеграција. Точно е дека можеа да сторат повеќе, но ова сепак го отвора прашањето дали самиот процес „функционира“ во ситуација кога повеќе земји не напредуваат со години, децении. Лошите потези на обете страни доведоа до меѓусебна недоверба, што се одразува во реформите.
Се сеќавам како изјавата на Жан-Клод Јункер одекна негативно, кој кога беше избран за претседател на Европската комисија рече дека нема да има проширувања на Европската Унија до 2020 година. Реакциите од сите страни беа толку остри што подоцна се обиде да ја ублажи таа изјава. Стигна и 2021 година, а проширувањето сѐ уште не е на виделина.
Германското претседателство со Европската Унија, покрај најдобрите намери и заложби, не успеа да го даде очекуваниот стимул за пристапување на Југоисточна Европа во Европската Унија. Ова доволно говори за тоа колкав дел од проблемот е под површината и колкав е отпорот во земјите-членки кон идејата за понатамошно проширување. Многу актери во Унијата не веруваат дека Балканот некогаш ќе се трансформира во регион каде што се негува владеењето на правото. Тие се сомневаат во нас, ние се сомневаме во нив, односно се сомневаме дека тие воопшто некогаш ќе нѐ пуштат внатре. Во таква атмосфера, тешко е да се одржи евроентузијазмот. Но тоа е сепак и понатаму најдобриот пат за нас, од сите можни.
Можеме да кажеме дека Европската комисија и Европскиот парламент искрено веруваат во европскиот сон за единство, солидарност и обединета Европа и дека активно работат за да стане Западен Балкан дел од Унијата, каде што и припаѓа. Сепак, историјата на односите покажува дека овие институции немаат доволно сила да ги исполнат ветувањата што ги даваат. Со неправедни одлуки се соочија не само Македонија и Албанија туку и Косово во врска со визната либерализација, но и Босна и Херцеговина, која сè уште нема ниту статус на кандидат. Црна Гора и Србија тапкаат во место со години.
Не е тајна дека Франција, Данска, Холандија, Шпанија и најмалку уште две-три земји-членки имаат резервиран однос кон оваа тема и сметаат едни на други дека процесот ќе се забави и ќе се отежне. Врвот на застојот може да се види од фактот дека на крајот на 2020 година, заклучоците за процесот на проширување/стабилизација и асоцијација не беа усвоени. Заклучоците се блокирани во Советот на министри и нема ништо посебно во нив и тие не содржат никаква законска обврска – ниту за ЕУ ниту за Западен Балкан, туку имаат мотивациски карактер и лабаво ја одржуваат врската помеѓу Унијата и Западен Балкан.
И покрај тоа што нашиот регион е навикнат на недоследности во спроведувањето на Стратегијата за проширување, веста за последната блокада на Македонија, поради билатералниот спор со Бугарија, внесе нова инјекција на безнадежност во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Силната Германија не успеа да го „омекне“ ставот на Бугарија и ова многу потсетува на тврдоглавоста на Грција, која ја држеше Македонија под блокада цела деценија. Овие одлуки се полни со ирационалност, неразумност, најмногу затоа што отворањето на преговорите навистина нема големо значење. Црна Гора доби рамка за преговори пред осум години и нема гаранции дека некогаш ќе ги заврши преговорите.
Преговарачката рамка е само формалност, првиот чекор од долгиот пат што треба да го изодиме, патот чиј крај не се гледа. Оттука, се очекува новата методологија за преговори да помогне процесот да биде посуштински и повеќе политички, а не само технократски, каков што беше досега. Сепак, една година по неговото усвојување, тој не е детално разработен ниту, пак, е започнато со неговото спроведување.
Суштината што произлегува од блокадата на Македонија е дека секоја земја-членка може во секое време да „измисли“ нов критериум, кој не е релевантен за природата на преговорите и кој би требало да биде поврзан со европското законодавство, доброто управување, владеењето на правото, човековите права, квалитетот на демократијата. Ова воведува неизвесност, непредвидливост во процесот и ја поткопува довербата. Блокирањето на аспирантска држава врз основа на ад хок прашања, како што се билатералните односи и различното толкување на историјата, културата, идентитетот, апсолутно нема место во „политиката на условување“. Освен доколку постои намера преговорите да не водат никаде.
„Отстапувања“ oд планираната политика за проширување и утврдената методологија се случуваат постојано, и тој факт значително депримира и ги демотивира оние што работат на трансформација на Западен Балкан во развиена, прогресивна средина. Зошто? Процесот на пристапување е тежок и бара од нашите земји да се променат, да се подобрат, да се откажат од своите проблематични практики, да ја стеснат волјата на авторитарните лидери и притоа, тие всушност со право се сомневаат дека ќе бидат праведно наградени за тоа.
Западен Балкан преговара според најстрогите критериуми досега од сите земји што станаа членки, а некои од нив ни самите не ги усвоија сите стандарди. ЕУ треба да има разбирање за оваа реалност и, покрај „стапчињата“ со кои ги казнува земјите кога не ги исполнуваат своите задачи, треба да осмислат и повеќе „моркови“ со кои ќе ги наградат земјите кога навистина ќе постигнат резултати.
На овој аргумент вообичаено некој од ЕУ ќе одговори „но вие треба да ги спроведувате реформите заради вас“. Да, апсолутно. Сепак, секој што ќе го каже тоа, не разбира колку е заводлива моќта, како феномен, самата по себе, и колку е тешко доброволно да се откажеш од толку голема надмоќ што ја имаат балканските владетели во свои раце. Секоја успешна реформа во суштина е свесно одрекување, намалување на концентрацијата на моќ, воведување правила, предвидливост, контрола, рамнотежа, дисперзија на силата и власта.
Се разбира, реформите се најважни за нас самите, за граѓаните, но исто така, факт е дека притисокот и „побарувачката“ за реформи во нашите земји е мала, недоволна, дека сите политички партии на која било влада имаат празнини во кои ги извршуваат своите интереси над европските вредности. Клиентелизмот и неформалните практики се начин на живот на Западен Балкан. Прогресивните сили што „влечат“ напред насекаде се во малцинството. Ова се ретки индивидуи и групи во медиумите, граѓанското општество, партиските структури и неформалните здруженија на граѓани, и ЕУ треба да го препознае тоа и да им помогне на таквите сили така што ќе го одржат својот збор. Главните реформи се исто толку макотрпни како и исполнувањето на новогодишните резолуции, кои совршено ги планираме, но некако во новата година сè е исто како порано.
Преговорите се долги и не се ефективни. Ова може да се види со фактот дека годините минуваат и нема напредок. Ова го знаеја и во ЕУ кога започнаа да работат на новата методологија. Погрешна е, дури и бесмислена претпоставката на некои земји-членки на ЕУ дека колку подолго траат преговорите, земјата ќе биде поподготвена откако еднаш ќе влезе. Од многу едноставна причина, а тоа е дека земјите за кои тој момент на членство е далеку во иднината, не вложуваат максимални напори да ги извршат своите задачи токму сега. Кога Јункер во 2014 година изјави дека нема да има проширување, Црна Гора веднаш ги намали своите напори и тоа се одрази на напредокот во преговорите. Зошто да направите нешто во 2015 година, кога награди нема да има уште долго? Поважно е да се победи на изборите во 2016 година, користејќи ги државните ресурси нелегално.
Критериумите за напредок се предмет на политизација и се одвиваат во две насоки – едната е државата да напредува во процесот затоа што е политичка одлука да биде така, и покрај тоа што објективно не заслужува доволно. Другата е да не напредува, исто така од политички причини, и покрај тоа што прави мошне важни чекори. И двете насоки се деструктивни, и за самиот процес и за довербата.
И додека сево ова се случува и постојано добиваме неповолни сигнали за регионот, новите црногорски власти даваат изјави дека има реални шанси Црна Гора да ги заврши преговорите до 2025 година, односно да ги исполни сите обврски до 2023 година. Точно е дека Црна Гора доби уверување од Брисел дека доколку ги исполни своите задачи, може да стане дел од ЕУ. Сепак, такви уверувања им беа дадени и на Македонија и на Албанија. Такви уверувања му беа дадени и на Косово во врска со визната либерализација. Сепак, се чини дека треба да се подобри нешто сериозно и суштинско во односите на Унијата со Западен Балкан за да можеме навистина да се надеваме на посакуваното проширување.
Авторката е истражувачка на јавни политики на Институтот алтернатива (ИА), непрофитен аналитички центар од Подгорица