Со кое право тогаш хомо политикусот денес се претставува како ЕДИНСТВЕН фактор што ја води Македонија кон Европа и тврди дека единствен критериум за прием се политичките успеси (сведени на отстапки)? Па уште се вели дека тој „европски подем“ допрва треба да го „одработиме“? Тоа е лага. Европскиот напредок Македонија веќе го има направено на многу за политиката невидливи и „неважни“ полиња
Посветено на европскиот гол на Горан Пандев
Кога Горан Пандев го даде голот со кој се пласиравме на Европското првенство, прва асоцијација ми беше – ќерамида. Мислев сум се мрднал од радост. Но другиот ден се сетив: во еден есеј, Блаже Конески соопштува дека во Македонија, околу 1840 година, во истражувачка експедиција престојувал познатиот германски ботаничар Аугуст Гризебах. Собирал ретки растенија и една ноќ морал да заноќи во Лешочкиот манастир, кај нашиот Пејчиновиќ. Така, под ист покрив се нашле еден доктор на науки на Гетингенскиот универзитет и еден полуписмен монах, наш прв просветител. Тоа била средба меѓу тогашна Европа и тогашна Македонија. Пишаното сведоштво на Гризебах е поразително: врз црните ризи на монасите се собирале толку муви што комотно можеле да бидат и бели, а тоа да не се забележи. А околу полноќ, од покривот на чардакот се откачила ќерамида и за малку ќе му ја столчела главата на гостинот. По сто и осумдесет години од оваа бедна германска слика за Македонија, македонските фудбалери станаа компетитивни со германските!
Во исто време додека нашиот монах држи поучни слова во манастирот полн муви и непросветен народ, само на 609 километри воздушна линија, во Загреб, постои салонска интелигенција.
Таа ги посетува „казалишните“ спектакли на најславните европски романтичари, од Виктор Иго до Фидрих Шилер (сонародник на Гризебах). Во 1835 година Хрватите создаваат дневен весник, „Новине хорватске“ („Нова Македонија“ се роди по 109 години), во тогашен тираж од 30.000 примероци! А сите изданија на печатницата на нашиот Теодосиј Синаитски во Солун имале вкупно 980 претплатници во Македонија. Хрватскиот народ во тоа време има и европска библиотека во Загреб, „Илирска читаоница“, со илјадници книги на хрватски, српски, германски, унгарски, француски, англиски, руски… Тоа се тогашни вистински европски вредности.
Но иако тогашната културолошка паралела е поразителна, македонскиот забрзан пат кон европските вредности, за кои денешниве политичари зборуваат како тие допрва да ги откриле, почнува токму од таа ќерамида. Веќе во 1860 година, Македонија го добива првиот европски признаен поет, овенчан со грчки лавров венец (Григор Прличев), кому му е понудено место во Оксфорд или Кембриџ. Ги добива Миладиновци со нивниот Зборник на народни песни (660 вкупно, од кои 584 македонски и 76 бугарски), ги добива европските романтичарски треперења на Константин Миладинов, а со Цепенков ја добива првата авторска сказна инспирирана од фолклорот (единствена по својот мотив во светот, според Арне-Томпсоновата класификација на мотиви) – „Силјан Штркот“. Во 1901 година се игра првата македонска драма – „Македонска крвава свадба“ на Чернодрински.
Во 1903 година ја добиваме „За македонцките работи“ на Мисирков, со предлогот за кодификација на македонскиот јазик, што и се случува во 1945 година. Уште во 1905 година, само шеесет години од падот на онаа ќерамида и само десет години од откритието на браќата Лимиер, една камера, марка „бисокоп 300“, од Лондон е донесена во Македонија, како подарок на Јанаки Манаки за братот Милтон Манаки (нашите „филмски Миладиновци“). Меѓу двете светски војни веќе функционира битовата драмска тројка Иљоски – Крле – Панов, што за нашата скоро зачната драма одговара на античката тријада Софокле – Еврипид – Есхил. Потоа доаѓа Рацин: европски елегичар и експресионист од калибарот на Брехт… и уште многу македонски ЕВРОПСКИ културни бисери… Сите тие Македонци од XIX и почетокот на XX век се бореле да го зачуваат националниот идентитет, па ако има држава – има, ако не – добро, идентитетот е тука. Ние денес се бориме да ја зачуваме државата, па ако има национален идентитет – има, ако не – никому ништо.
Или: метеорскиот подем на македонскиот роман. Првиот наш роман е објавен дури во 1952 година, со доцнење од околу сто до сто и педесет години во однос на балканските култури, и уште повеќе по однос на европските книжевности.
Но до 2000 година, само за пет децении, македонскиот роман ги помина сите регуларни еволутивни стилски фази и стана ценет во светот на најсериозната европска белетристика. Како и поезијата на нашите поети, на кои „Струшките вечери на поезијата“ им беа авторска легитимација пред светот. И обратно: многу поети што го добија нашиот златен венец, подоцна станаа нобеловци!
Значи, не само што стигнавме туку и престигнавме некои европски земји во некои нешта. Онаа падната ќерамида, од симбол на непросветеност и беда, се претвори во ерупција од европски успеси, пред сѐ во спортот и уметноста. Борачите од мал Радовиш станаа европски и светски шампиони. Ракометарките од Ѓорче Петров – европски шампионки. Милчо Манчевски беше номиниран за „оскар“ за игран филм. „Медена земја“ номинирана за „оскар“ како документарец. Дејан Дуковски жареше по Европа, со својот „in-yer-face theatre“. Горан Стефановски во Кентрбери им предаваше драматургија на студенти од сите краишта на светот. На Симон Трпчевски му се поклонуваа(т) од Лондон, преку Париз до Москва. Тоше Проески беше „таксан“ за Лондон кога загина. Наши фотографи, монтажери, режисери и денес работат од Холивуд до Москва. Во стопанството, многу наши бизнисмени се европски и светски познати. Се закитија со златни медали за своите производи – виното, лековите и градежништвото се само три нешта што сега ми паѓаат на ум.
Имаме и светски кардиохирурзи и сѐ повеќе други лекари. Млади македонски писатели, наша гордост, добиваат европски награди, надоврзувајќи се на нас, постарите генерации, кои освојувавме балкански, регионални, словенски и руски награди. А никој кај нас не јавува за тие нивни успеси: камерата е секогаш „зафатена“. Но секогаш е слободна кога третокласен бирократ од Владата ќе излезе гордо да ни соопшти дека „сме чекор поблиску до европските интеграции“. Тоа го повторуваат со години, а нема гол. Немаат свој Пандев.
Тоа значи дека за „Македонија со европски стандарди“ многу повеќе работат луѓе што не се политичари. Со кое право тогаш хомо политикусот денес се претставува како ЕДИНСТВЕН фактор што ја води Македонија кон Европа и тврди дека единствен критериум за прием се политичките успеси (сведени на отстапки)? Па, уште се вели дека тој „европски подем“ допрва треба да го „одработиме“? Тоа е лага. Европскиот напредок Македонија веќе го има направено на многу за политиката невидливи и „неважни“ полиња. Индивидуалци, со поддршка на приватни спонзори, а не некаква државна политичка стратегија ја прославуваа и досега Македонија во Европа,
Наспроти тоа, нашиот политички „прогрес“ е само лет во место. Доказ? Еве: Во 1893 година, на насловните страници на светските весници хит се пневматиците, кои ги обложуваат дрвените тркала на парните и бензински автомобили, за Европејците да си ги зачуваат бубрезите од труцкање.
Истата година е оформена ВМРО, за да се бори за нашиот национален идентитет. Во 1903 година, на насловните страници на светскиот печат хит е првиот лет со авион на браќата Рајт, а ние крваво се бориме во Крушево за нашиот идентитет. Во 2020 година: на насловните страници хит се Илон Маск и екскурзиите на Марс. Ние уште се бориме за нашиот идентитет: со Бугарите, Грците, со себе и светот.
Единствено во СФРЈ бевме мирни половина век. Па кој не го одработува своето, господа, а платен е за тоа?