(Oтворено писмо до Џо Бајден, претседател на САД, по повод неговиот заканувачки указ кон Македонците да не ги гибаат Преспанскиот и Охридскиот договор)
Господине Џо Бајден, претседател на планетарно моќната економска и пред сè воена сила Америка (САД), ви го пишувам ова отворено писмо по повод вашиот неодамнешен заканувачки указ кон Македонците да не ги гибаат Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор, со изготвување на црна американска листа за престапниците. Сè ми е јасно, и мене и на сите чесни и доблесни Македонци, надвор од оние за кои фрла ситна пара планетарниот „хуманистички“ монструм Сорос плус и УСАД, а сè со цел да работат тука за американските геополитички и други интереси, кои, како што видовме, а сега и со вашиот несимпатичен указ го потврдувате тоа, ги насочувате изродите против народот што ги родил.
Да, претседателе Бајден, кај Македонците, па и кај целиот сиромашен свет, е веќе од поодамна урната илузијата што се вика „американски сон“, било на економски за материјална, било на хуманистички демократски план за духовна и достоинствена човечка среќа. Крај. Либералниот американски капитализам го пречекори прагот на подносливото и стана гранична ситуација на модерната катастрофална светска историја и цивилизација. Попусто Фукујама врз база и на американскиот либерален систем ја напиша својата славна книга за крајот на историјата и промаши. Промаши, оти новата постмодерна историја по Хитлер, имено, почна со Америка, со нејзините атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 г., кога војната буквално беше завршена. И тоа, господине Бајден, всушност е обнова (по штотуку урнатиот германски) на американскиот фашизам. Така се оствари пророчката изјава на Томас Ман дека Хитлер е победен, но не и фашизмот. Парадоксот, пак, е во тоа што него како пост или неофашизам, имено, го обновиja тие што се бореа против оската на злото, изневерувајќи ги милионите жртви што загинаа борејќи се за новото хуманистичко планетарно општество. Но, за жал, како што се гледа, нивната жртва и сон биле само јалов утопизам, оти и Америка и Европа ги вјавнаа агресивни недоносени и, во основа, примитивни политичари со заледен палеолитски ум.
Америка со Хирошима и со Нагасаки, спепелени докрај, а Европа само три години по неа (со мало задоцнување) го обнови фашизмот врз грбот на Македонците со еврототемот Черчил и неговите бомбардери од американско потекло, кои ги убиваа Македонците во Егејска Македонија од пеленачиња, а некои и уште неродени во утробата на македонските невести, до немоќни старци. А сè со цел да ја исчистат Беломоријата од домородното македонско население и да им ја предадат сосе напуштените македонски домови, полиња и гробишта на Грците. На Грција кон која Европа одгледува патолошки болен Едипов комплекс, полнејќи ја, како што вели Х.Д. Лоренс по инерција „грчката вреќа“ со сè до што ќе стигне. Полнејќи ja сега и со целокупната македонска античка културно-цивилизациска меморија. За таа цел е сега смислен, претседателе Џо Бајден, и геноцидниот Преспански договор, кој, како што добро знаете, е во основа фашисоиден геноциден проект на Вашингтон, а импотентната кон Америка бриселска Европа е само во улога на ваша ефективна слугинка тука. Со исклучок на Англија, која е во добра смисла мајка на нејзиното вонбрачно дете Америка, сега до бескрај палаво и деструктивно. Некои него го викаат копиле. А може тоа го мислеше дури и темниот западен масон Черчил, кој сметаше дека по Втората светска војна Англија според сè треба да ја има супрематистичката улога во новиот поствоен свет, но како мозок, додека, според него, дивата сила на мускулите отпаѓа на „примитивната“ Америка.
Тоа, господине претседател на САД, ако сте ги читале, а треба да ги прочитате како поучна лектира, мемоарите за Втората светска војна на еврототемот, несреќа за Македонците, Винстон Черчил.
Дотука се јасни работите, господине Бајден, а ако мислите дека јас лично и Македонците (кои имаат право на тоа) ви накалемуваме фашизам, ќе ве упатам на автентичен американски извор за тоа, и тоа на еден маркантен во светски размери американски писател Норман Мајлер и неговото дело, култниот роман „Голи и мртви“. Имено, во него еден од ликовите, генералот Камингс во своите рефлексии од воен карактер, поаѓајќи и од менталниот склоп на американската психа, вели дека Американците се повитални и поспособни за фашизам од Германците, кои не ги бидува за тоа. Еве, земете и прочитајте го романот на Мајлер колку за да се уверите во тоа, Претседателе, иако самата американска воена пракса по Втората светска војна од Хирошима наваму го потврдува тоа. Да речеме праксата што ја практикуваше пред Трамп, редок американски претседател што не отвори војна, нобеловецот за мир Обама, кој уби илјадници луѓе за нафта по Блискиот Исток. А пред него Клинтонови и Бушови. Па и распадот на Југославија со многу жртви не се одвиваше надвор од полутајните операции на ЦИА. Се разбира и кукавичкото НАТО-бомбардирање на Србија 1990 г., ноќе од 11 илјади метри височина, за на нејзина територија да создадете нова држава – дивоградба што ќе ги задоволи мегаломанските територијални апетити на вашиот најомилен и нajoпeративен за американските интереси балкански сојузник Албанците. А зошто ги избравте баш нив, тоа и не е многу тешко да се погоди. Туку за докрај да ги задоволите нив ја проектиравте и терористичката 2001 г. во која албанските терористи многу отворено ги помагавте логистички и воено, наоружувајќи ги, за потоа да ги притиснете Македонците до ѕид со понижувачкиот Охридски договор, а по него најцинично како божемни борци за човекови права терористите да ги доведете и во македонската влада и парламент. Плус, малку беше тоа, па пред некоја година ни ја тупосавте како проект изготвен од ЦИА и Тиранската платформа за докрај да бидеме понижени, со целосно разбиен национален и државен суверенитет. Но американската булдожер-дипломатија на закана и сила кон помалите и послабите не заврши тука, туку притисокот се насочи и кон македонската идентитетска ликвидација за што беше смислено преименувањето на Македонија и Македонците, финализирано со таканаречениот Преспански договор на 18 јуни 2018 г. во Нивици. И како главен актер на тој геноциден фашистички проект беа САД, а бриселска импотентна Европа негов подиректен реализатор.
Тоа е суровата вистина, ако не сте знаеле, господине Бајден, а вие сега уште заканувачки барате од Македонците да не ги гибаат и да стојат покорно и во понижение пред тие договори. Непослушните, пак, ќе ги ставате на црна листа како непожелни за Америка и цивилизацијата што ja градите заедно со вашите моќни европски партнери. А знаете ли што значи таа репресивна закана. Значи цензура слична безмалку на онаа што на почекот од својата фашистичка кариера Хитлер со Гебелс ја заведе кон Евреите, прикачувајќи им ja Давидовата ѕвезда на десната рака за полесно да ги контролира.
Господине Бајден, вашата закана е дополнителна стигматизација на и онака премногу стигматизираното македонско национално битие. Тоа е забрана на слобода на говорот, мислата и чувствата. Тоа ли е многу фалената американска демократија, која, согледувајќи ja одблизу советскиот дисидент, поетот Јосиф Бродски не случајно ја дефинира како прериска, односно вестерн-демократија. Неа на своја кожа добро ја почувствуваа и Асанж и Сноуден, кои мораа да бегаат од Америка заради нивното откривање на вистината поврзана со мрачната страна на американската политичка реалност со воените планови и военото профитерство на ЦИА и Пентагон. Но исто така тука е и маринецот Менинг, заборавениот херој, кој му ги даде материјалите за „американската вистина“ на Асанж, па за да ги избегне Гвантанамо или смртна казна мораше дури и да го смени полот, па сега е ѓ-ѓа Челси.
Асанж во бегството побара заклон во амбасадата на Еквадор, која, за жал, по повеќе години му откажа гостопримство, а Сноуден во Русија. Па и генијалниот Фишер, кому му немаше во светот рамен во шахот, и што ја прослави на свој начин Америка мораше да бега од неа поради некои закани во затвор наравно поради затајување данок. Долго време тој престојуваше во Јапонија, а потоа прибежиште од неговите гонители му даде гостољубивиот Исланд, каде што и почина во Рејкјавик. Тоа е вистината, а вие сте се запенавиле за Навални во Русија, без да си ги средите работите во својот двор. Да. Оти најстрашниот збор на американската политика, претседателе Бајден, ако не сте знаеле досега, е зборот демократија. Кога ќе го изговори таа него веднаш некаде по нафта или други материјални ресурси и геостратегиски интереси неодложно полетуваат американските бомбардери полни со смрт: кон Ирак, Либија, Сирија, Авганистан, Србија, или некаде како на „Мајдан“ во Киев, Украина, се вклучуваат во акција платените Сорос и ЦИА-снајперисти што предизвикуваат хаос. Итн.
А во што се крие тајната на страшниот американски притисок за целосна стигматизација и идентитетско обезличување на Македонците? Можеме само да претпоставуваме, оти сигурно тоа не е за нивна среќа, просперитет и иднина. Можеби тука малку ја расветлуваат ситуацијата документите што излегоа на виделина на шефот на ЦИА и за време на Втората светска војна, Ален Далас, во кои се скицирани планот и методите за потиснување и по можност ништење на словенската раса. Нешто што беше, по Евреите, замисла и на Хитлер. Да. А Македонија е најлесна за тој фашистички експеримент. Таа е малечка, а нејзиното македонско население е меко по менталитет, со космополитски ген и неотпорно на каков било вид насилство. Малечка е, но генерички е веројатно, како древен извор на словенството и најважна. Впрочем и Библијата, најважниот религиозен и антрополошки документ на Западната цивилизација, дава некои важни податоци и сведоштва за тоа.
Туку сега една мала дигресија од моето детство, а која целосно се вклопува во темата за која зборуваме, господине Претседателе на моќната длабока држава. Имено во детството и добата на момчешката адолесценција јас и моите врсници бевме „заразени“ со филмскиот вестерн на Холивуд, чија профитабилна индустрија сериски го произведуваше него. До бесвест по стопати во зататантената провинција ги гледавме филмовите со Гари Купер, Џон Вејн, Ричард Видмарк и преостанатите филмски каубои, кои ја проектираа во најубаво скроено светло „доблеста“ или „правдата“ на Дивиот Запад, од кој се раѓаше енормно виталната американска цивилизација. И во што е тука приказната. Во тоа што сите мои врсници, без исклучок, навиваа за амерокаубоите прикажани во најубаво светло во борба за правда, можеби како што сега и вие се прикажувате, господине Бајден. Само јас од врсниците бев на страната на Индијанците, кои каубојските винчестерки и револвери ги косеа како полски глувци, а тие минуваа одвај со понекоја гребнатинка или рана, оти се светци и херои на новата цивилизација во зачеток. Најверојатно, пак, дека и несвесно длабоко во мене тогаш работел мојот инстинкт за правда и отпор кон манипулацијата да се искривува вистината како што го прави и денес тоа, особено надвор од својата држава САД, автентичен наследник на Дивиот Запад, кој сега со политиката на Вашингтон има планетарна димензија. Тоа е вистината, господине Претседателе. А што се однесува до моето безрезервно застанување на страната на Индијанците во холивудските филмови што ги гледав во детството, тоа можеби се должи и на скриената детска пророчка потсвест или натсвест за она што ќе му се случи, по аналогија на тие пропагандни филмови, во не толку далечна иднина и на мојот народ. На „смачканото племе“, како што вели нашиот славен поет Конески, кое и смачкано треба да се досмачка. И, имено, тоа и го снајде со благослов и план на длабоката држава: Македонците таа ги фиксира како новите Индијанци на западната либералкапиталистичка „демократија“. А, се разбира, да не бидам неправеден, има и други народи избрани за Индијанци сега на вашингтонската политичка филмска индустрија: Ирачаните, Виетнамците, Либијците, Сиријците, Авганистанците, Србите, Украинците. А на задоволство на длабоката држава, кога би можела тоа би биле евентуално дури и омразените Руси и Кинези, ама тука не се пробива ледот, а може лесно и да се загуби каубојската битка.
Мислам дека доволно ви кажав на оваа тема, претседателе Бајден. А таман мислев да тркнам до Америка, како Лорка и Есенин, да напишам од самото место и јас нешто за неа. Не од растојание, како сега, иако Дивиот Запад од неа е речиси оригинално имплантиран во Македонија, во која сега улогата на американските каубои перфектно ја играат Албанците, оти им е беневолентно доделена од Вашингтон. Оти, реков, Македонците се задолжени со разноразни физички и психолошки притисоци, декларации и погубни договори да ја играат само и само улогата на Индијанци. Но сега сум веќе на вашата црна листа, господине Бајден, и не можам да ја посетам Америка. А и генијалниот шпански поет Лорка настрада во некоја смисла поради неа, не во Гвантанамо, туку во душата на неговиот, исто така генијален, аргентински пријател Борхес, американофил со печат на челото. Имено, тој смртно му се налути на Лорка за неговото саркастично иронизирање со американскиот идентитет, велејќи му дека основен мит на американската цивилизација е Мики Маус. Не ги додал уште и Том и Џери и Суперменот, антипод на Статуата на слободата. Но сеедно, сите тие од идентитетска гледна точка се вклопуваат во „симболизмот“ на Мико Маус. Е, тоа беше причината Борхес да го замрази смртно Лорка, па да изјави (во книгата на Ричард Бергин „Разговори со Борхес“) дека е добро што е убиен во Гранада од Франко, бидејќи и така е лош поет. А според моето скромно разбирање од поезија, најмалку десет пати е тука подобар од, инаку генијален во кратката проза и есејот, аргентинскиот писател.
Тоа, господине Џо Бајден. Зборот ми е, пак, дека со Преспанскиот геноциден договор (aj да ги оставиме сега настрана цијашкиот Охридски и Тиранската платформа) вие од Вашингтон и оние ваши слуги од Брисел дури, ако добро размислиме, нè ставате нас Македонците и во полоша улога отколку Индијанците. Заедничка со нив ни е судбината на понижувачкиот цивилизациски резерват. Но додека тие сепак располагаат со своето генеричко идентитетско обележје, име, род и минато, нам со Преспанскиот договор, господине Претседателе на длабоката држава, целосно ни е ускратено тоа. Со тој геноциден фашистички договор ни е одземено Името и дадено како имот на друг, иако не е негово тоа, а сè со цел да ги снема идентитетски Македонците, новите Индијанци на пофашизената амероевропска цивилизација денес. Така што нам како да ни е забрането идентитетски, откако ни се украдени митовите, симболите и сите други архетипски знаци, да почнеме да создаваме нов идентитет дури и со некој, по примерот на Американците, Мики Маус.
Тоа е вистината, доколку се разбирате вие во Вистина, господине Џо Бајден. Ако не знаете, прашајте ги американските антрополози што значи генеричкиот поим Име за еден народ и што значи неговото насилничко преименување, спротивно на волја. И тие ќе ви кажат дека е тоа идентитетска смрт. Најстрашната од сите видови смрт што постојат. Затоа, исправете ја вашата грешка и не барајте со закана Македонците да не бидат против вашингтонскиот проект Преспански договор. Можете тоа да го барате од квислингот Заев и од македонските (Албанците, вашите ангели ги оставаме настрана) изроди во неговата влада и парламент, а од чесните и доблесни Македонци немате морално и никакво друго право да го барате тоа. А да имавме и ние како Северна Кореја атомски бомби, немаше да ни се случи тоа што ни се случи. Но…
Тука ставам точка, претседателе Бајден, на моето можеби малку и подолго писмо до Вас. Се надевам дека вашата акрибична амбасадорка на Кале во Македонија (оставете го тоа северна засекогаш) леди Кејт Брнс ќе ви го препрати него по препорачана електронска пошта. Кејт, која поседува тивок лирски шарм, но е беспрекорна во исполнувањето на „американските“ интереси на Балканот, посебно во Македонија, која вие ја ставивте на линија на огнот, тој што направи од нас пепел. Леди Кејт, која е многу поцивилизирана од нејзиниот претходник Џес Бејли што дејствуваше тука со каубојски манири, учени во школото на Дивиот Запад. За разлика од него, леди Кејт како да излегла, по воспитание, од шинелот на француското европско просветителство. Секоја чест.
Само уште нешто, господине Бајден, на самиот крај од моето писмо до Вас, а кое се надевам нема да го примите како тажна вест што ви ја праќам во името на мојот мал македонски столчен народ. А тоа е дека по вашиот страшно несимпатичен указ за американска заштита на по Македонците понижувачки и геноцидни договори Преспанскиот и Охридскиот, посебно фашистичкиот Преспански, Македонците вас ве ставаат на нивната црна листа. Тоа е вистина. Тие никогаш нема да се помират со идентитетскиот геноцид што им го зготвија фашизоидните кон нив политички кујни во Вашингтон и во Брисел.
Толку. Примете ги моите и на мојот народ искрени поздрави. И покрај сè, за разлика од вас, тој знае како Исус на своите непријатели, да им проштева во име на утопизмот дека ќе настапи сеопштото планетарно време на љубовта и разбирањето меѓу народите, моќните и столчените и понижените. Знае да им проштева и кога го распнуваат и му ги забиваат клинците во дланките, како сега со Преспанскиот и преостанатите геноцидни и фашизоидни договори, кои не само што силно ги поддржува Вашингтон туку и директно ги крои и заканувачки поставува.