Во современата историја на македонското здравство ќе останат вечно врежани за идните поколенија изгорените остатоци на тетовската модуларна болница, како најнеславен паметник за едно време-невреме, за нечовечноста на забеганата власт и за алчноста на себичниот бизнис. Низ пепелта, чадот и смрдеата што сè уште се шират од пеколното жариште, неповратно исчезнува грижливо градената сказна за „успешното“ справување на Македонија со чумата на 21 век. Коронавирусот однесе премногу животи кај нас, далеку повеќе отколку што беше потребно, но не постојат зборови што може да ја опишат безумната загуба на 14-те маченици, згрижени болни пациенти, кои спасот од чумата го бараа во најблагородното место на Земјината топка, болницата, а таму ја најдоа смртта, произведена од негрижа, надмен аздис и јавашлак.
„Не политизирајте го случајот“, најгласно зборуваат токму оние што ја исполитизираа целата пандемија, од самиот нејзин почеток, па сè до денес, и тоа не само за стекнување политички капитал туку и за заработка на грбот и на маката на обичниот граѓанин. Неразбраните трговци, на чело на македонската власт, се грижеа повеќе за своите провизии, за полнење на бисаѓите и за своите бизниси, отколку за здравјето и благосостојбата на сопствените граѓани. Резултатот го гледате во сите статистики за бројот на прекумерни смртни случаи каде што Македонија е бесславен лидер, и тоа не само европски туку и глобален лидер.
Што се случи во изминатава година и половина?
На почетокот на 2020 година, светот зачекори во темнината. Замелушено од децениите без поголеми воени глобални воени судири, хроничен глад, страдање или избувнување на заразни болештини, а осоколено од сите нови технолошки пробиви во превозот, комуникациите, здравството и, воопшто, квалитетот на живеењето, човештвото се подзанесе дека е на прагот да ја победи природата. „Веќе е роден човекот што ќе живее вечно“, тврдеше футуристот Реј Курцвејл, а бизнис-могулите на 21 век од Волстрит и од Силиконската Долина инвестираа во мали зафатни бизниси од областа на медицината, кои требаше да измислат „волшебни“ течности или прашоци за победа на стареењето. И токму во оваа ера, кога го победувавме стареењето, теоретизиравме за четвртата индустриска револуција, веќе ја населувавме вселената и ламентиравме како роботите и алгоритмите ќе ни ги украдат сите работни места, природата нè потсети колку сме немоќни пред нејзините законитости со избувнувањето на пандемијата предизвикана од еден обичен вирус, токму онаа микроскопска честичка што се наоѓа на преминот помеѓу неживиот и живиот свет.
Како и при избувнувањето на секоја криза, човештвото се обедини околу власта и институциите, а најголемите надежи беа проектирани кон оние што во тој момент го држеа националното знаме во раката. Тогаш македонскиот бајрак цврсто го фати во рацете Венко Филипче и го поведе македонското здравство во битка против вирусот. Нормално, смелоста и преземањето одговорност беа почетно наградени со растечка популарност, меѓу другото и затоа што еден лекар, припадник на најблагородната професија во светот, го предводеше бојот на Македонците против коронавирусот.
За жал, тука веднаш влета Зоран Заев, кој препозна шанса за своја лична рехабилитација пред македонскиот народ и пред македонската историја за дебаклот со „Северна…“, па отиде целиот потфат во ендек, однесувајќи ја и новостекнатата популарност на Венко Филипче во политичкиот понор.
Одговорен премиер, решен храбро и смело да го предводи својот народ низ немирните води на историјата, ќе го препознаеше моментот за обединување. При војна, пандемија, глад, посериозна елементарна непогода или кое било друго изместување од нормалните текови на животот, токму носителот на најголемата политичка одговорност, претседателот или премиерот, треба да подаде рака кон сите политички сили во земјата и да ги обедини во заеднички фронт за справување со кризата. Во еден таков одлучен момент никој нема право да го одбие лидерството на премиерот или на претседателот, а власта тогаш може најправедно да ги раздели ресорите кај најспособните политичари и да им ја остави професионалната и експертската работа на најдокажаните во областа. Така сета општествена енергија ќе се насочи кон надминување на кризата, наместо да се троши во беспотребни дневни расправии. Но наместо еден таков мудар и државнички потег, Зоран Заев како ситен трговец тргна да заработува политички поени на кризата и се фати за тогаш растечката популарност на Филипче, како давеник за сламка спас. Во меѓувреме излегоа и далеку посериозни обвинувања за коруптивно однесување на власта за време на кризата, сериозно се потфрли со набавката на вакцините и со мобилизацијата на целиот здравствен систем во справување со кризата.
Па, така, летот во стратосферата на политичката популарност на Венко Филипче заврши со вртоглав пад откако се потроши керозинот на надежите и изневерените очекувања на македонските граѓани. Сега веќе не помагаат ни скапо платените ПР–агенции, ни кампањите низ медиумите, ни изнасилените и патетични одбрани од политичките истомисленици. Едноставно, веќе не може да се игнорираат бројките, кривите и другите статистики на неуспешното македонско справување со пандемијата, предизвикана од коронавирусот.
Деновиве, пак, сведочиме на ново дно на македонската политичка беда. Венко Филипче „понуди“ оставка, со цел да се обиде Зоран Заев да ја смири јавноста по чудовишната трагедија во Тетово, но истовремено совршено е јасно дека токму премиерот лично ја оркестрира оваа патетична, вештачка и изнасилена лакрдија во јавноста да се создаде атмосфера за одбивање на „понудената“ оставка на Филипче. Директорите на здравствените установи во Македонија, насред пандемијата, успеале „спонтано“ да се „самоорганизираат“ и уште да потпишат петиција до премиерот Зоран Заев каде што апелираат до него тој да ја одбие оставката на министерот за здравство. Вакви епизоди не сум видел уште од антибирократската револуција во Србија и „спонтаните“ изливи на поддршка кон Слободан Милошевиќ во познатата рубрика на белградска „Политика“, која се викаше „Одјеци и реаговања“, а знаеме како заврши сето тоа. Да бидат нештата уште далеку повеќе безумни дури и од времињата на Милошевиќ, се погрижи и директорката на битолската болница, која ги повикува колегите „да се затворат вакциналните центри во знак на револт против оставката на Филипче“?! Трагично е колку политиката ги изопачува луѓето, а посебно колку еден лидер, како Зоран Заев, прави монструми од совршено нормални и разумни луѓе, како споменатата лекарка од Битола.
Јас сум дете на здравствен работник и израснат сум на лекарска плата во Македонија. Исто така, и јас, како и сите граѓани на Македонија сум израснат, прегледуван, вакциниран и лекуван во македонскиот здравствен систем. Да, постојат сериозни проблеми во македонското здравство, но какво-такво тоа успеа за само еден век да го дуплира просечниот животен век на македонскиот граѓанин и да ни даде пристојна здравствена нега и заштита. Проблемите во македонското здравство настануваат кога таму ќе се замеша политиката или профитот, па вниманието не оди кон пациентите, туку кон нечии џебови.
Затоа, би сакал нешто да му порачам на министерот за здравство.
Венко, батали! Не вреди сето ова… Генерација сме и двајцата, па треба уште долго да се среќаваме по скопските улици и, дај боже, еден ден и внуците да си ги шетаме заедно низ парк. Ти имаш благородна професија, одличен занает и углед на врвен хирург. Не постои никој на светот што може да ти го земе тоа, а верувај дека оставката ослободува… Сум поминал низ тоа и знам како е. Веднаш ќе се вратиш во хируршката сала, помеѓу студентите, а за некоја години и повторно ќе ти се исцртаат вистинските пријатели (доктор Арбен Таравари веќе самиот се вброи во тоа одбрано друштво). Навистина не вреди да те влечат низ калта ликови што не ти се ни до колена, море ни го глуждови. Наедно, тоа им го должиш и на колегите. Биди повторно лидер и заблагодари им се на колегите од „петицијата“ со тоа што ќе им укажеш дека само го валкаат и го урнисуваат угледот на професијата лекар, дека треба да си ги гледаат пациентите и да ги унапредуваат институциите, а не да бидат пиони во туѓи политички игранки.
Венко, батали! Не вреди сето ова…