Есенско-зимскиот период и животот во затворен простор, особено во предучилишната и раната училишна возраст, е идеален за забрзано ширење на една најчестите детски болести – варичела, или народски позната како овча сипаница. Варичелата е вирусно заболување предизвикано од вирусот херпес зостер, кое најчесто се јавува кај децата на возраст од 2 до 8 години. Со оглед на нејзината висока инфективност многу лесно се шири преку директен контакт и аерокапков пат, па не се поштедени и возрасните што не ја прележале, или не се вакцинирани, односно немаат стекнат имунитет. Имајќи предвид дека кај нас вакцината против варичела не е вклучена во календарот за редовна имунизација, огромен е процентот на појава на овча сипаница во детската возраст, но за среќа, освен потребата од изолација, прогнозата е добра во најголем број случаи. Сепак, доколку навреме ја препознаеме и преземеме соодветни мерки може значајно да го скратиме времетраењето на болеста, да го спречиме нејзиното ширење, и да го намалиме ризикот од дополнителни компликации или последици од сипаниците.
Варичелата обично има 3 стадиуми: продромален период – кој трае 1-2 дена, а може и да го нема. Се карактеризира со истоштеност, главоболка, покачена температура, а понекогаш пред карактеристичната варичела се јавува исфрлање од ситна бледоцрвена сипаница. Во овој период е корисно пациентот да се изолира во една просторија и да мирува, бидејќи е веќе инфективен и може да заболи други лица. Со заболениот треба да бидат во контакт само лица што веќе имаат имунитет за варичела, а просториите треба често да се проветруваат. Во случај на температура треба да се користи парацетамол.
Ибупрофенот треба да се избегнува поради опасност од дополнителни кожни инфекции, а аспиринот исто така е контраиндициран кај деца до 18 години бидејќи е поврзан со ризик за развој на Рејев синдром (оштетување на мозокот и црниот дроб со висока стапка на морталитет). Уште веднаш, а и во текот на целото траење на болеста, корисно е пациентите и оние што се грижат за нив, да започнат со засилување на имунитетот со инозин, бетаглукани, пробиотици, цинк и високи дози витамини Ц, Д и Б. Исхраната треба да биде богата со млечни производи, овошје и зеленчук. Ова може да помогне за скратување на времетраењето на болеста и побрзо закрепнување без последици.
Следниот период е период на исип – избивање на сипаниците, кои поминуваат во неколку фази: макула, папула, везикула и краста. Се препознава преку појава на карактеристични блистери полни со течност, најпрвин на телото, главата и лицето, а на крајот на рацете и нозете па дури и на слузниците. Блистерите за неколку дена пукаат и преминуваат во красти кои полека се намалуваат и на крај отпаѓаат а на местото се појавува нова кожа. Пациентите се инфективни сѐ додека сите сипаници не преминат во фаза на краста. Во овој период се појавува јадеж и потреба за чешање, која треба да се спречи поради опасност од дополнителни бактериски инфекции на раните како и останување лузни. Ова се постигнува со редовно промивање со бледорозов раствор со калиум перманганат, кој помага за дезинфекција и сушење на крастите. Потоа корисно е мачкање на исфрлената површина со течна пудра (кај поголеми деца и возрасни, во случај на засилена потреба од чешање со анестетик) или други ладни раствори, кои го намалуваат нагонот за чешање и го забрзуваат сушењето на крастите. За намалување на нагонот за чешање може да се користат и орални антихистаминици, најдобро навечер поради можниот ефект на сонливост. Во последниот стадиум на рековалесценција, пациентот не е инфективен и може да се движи слободно, паѓаат сите красти и во период од 1 до 3 недели кожата се враќа во првобитна состојба при што може да останат лузни на оние места каде што со чешањето се направиле дополнителни штети на кожата.
Не смее да се заборави дека варичелата значајно го намалува нашиот имунитет, па поради ризик од дополнителни бактериски инфекции, и ширење на болеста, ако нема компликации нема потреба за посета на лекарски ординации во тек на инфективната фаза. Индикации за посета на лекар се: бремени жени, доенчиња, имунокомпромитирани лица, лица со значаен исип во близината на очите и ушите, лица со секундарни респираторни, кожни и други инфекции. Во ваква ситуација лекарот може да пропише антивирусни лекови и антибиотици. Еднаш прележана варичела остава добар имунитет. Сепак се смета дека вирусот останува во нервните завршетоци и во текот на животот може да се реактивира како херпес зостер инфекција, обично кај лица со намален имунитет.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор