Дали Македонците (и Балканците) ќе бидат водени четириесет години низ транзиција, како што Мојсеј четириесет години ги водел Израелците низ пустината, сѐ додека не се сменат генерациите, не се заборават старите навики и не се стекне самодоверба како нација?
И бидна и тој момент, заврши ЕУ-самитот, и не се случи чудо, не се случи пресврт како на напнат ракометарски натпревар на Вардар или на нашиот национален тим. Франција и Емануел Макрон ставија вето на одредувањето датум за преговори на Македонија со ЕУ. Заклучокот е дека ќе се навратат на прашањето во првата половина на 2020 година.
Во Македонија шок, до таа мера што истакнати провладини поддржувачи се нафрлија на Макрон и Франција со навредлив јазик, нечуен од кампањата против амбасадорите во предизборниот период 2016 година. Шок и губење на илузиите за заслужениот напредок кај сите, и етнички Македонци и етнички Албанци, и левица и десница…
Дали е тоа будење по триесетгодишен ЕУ-сон? Или, пак, не беше сон, туку шарена лага што ја употребуваа политичарите за да ја затскријат својата неспособност? Како што социјализмот беше патот кон комунизмот, подоброто место каде што сите ќе живееме во прогрес и благосостојба, така и транзицијата беше патот кон ЕУ? Дали како нација заменивме една утопија, комунизмот, со друга утопија, наше членство во ЕУ? Дали во нашата несигурност за Белград (комунизмот) најдовме соодветна замена во Брисел (ЕУ)? Дали авторитарноста на комунизмот, ја заменивме со еден е изборот, а тоа е ЕУ? Дали нашето членство во ЕУ е утопија или реална можност?
Многу дилеми, многу прашања. Македонија се наоѓа на крстопат како да се продолжи понатаму, по недобивањето датум за ЕУ-преговори, и во случај да настане некоја промена во 2020 година, бидејќи и да добиеме датум со „нова методологија“ за преговори, во стилот на „датум без датум“ може да значат „преговори без преговори“, односно проформа започнување на преговорите. Во една работа е во право Макрон, дека досегашниот начин на преговори, како во случајот на Црна Гора и Србија, не е поттикнувачки за суштински промени во земјите-кандидатки. Бидејќи суштинските промени не се прашања на усогласување закони и регулатива, туку усогласување на националните култури и вредности, што е и ако се сака, и ако постои општествена и политичка волја е прашање на генерациска промена. Дали Македонците (и Балканците) ќе бидат водени четириесет години низ транзиција, како што Мојсеј четириесет години ги водел Израелците низ пустината, сѐ додека не се сменат генерациите, не се заборават старите навики и не се стекне самодоверба како нација?
Веројатно ова е моментот на будење по триесетгодишен ЕУ-сон? Но не будење како од сон што не треба да биде сонуван. ЕУ или ако сакате Европа е сон што треба да биде сонуван, но не повеќе како што го правевме досега. Како беше досега? Има една „они како сакаат да нѐ примат, ние како сакаме да влеземе“, одлична илустрација за состојбите за ЕУ-проширувањето. Членството од ЕУ генерално од нашите политички лидери беше употребувано како затскривање на сопствената неспособност, и дека со нашето незадоволство треба да издржиме уште малку, еве, до членството во ЕУ, кога одеднаш сѐ ќе се смени на подобро.
И да, да се повторам, и покрај ваквата изјава сметам дека овој пат ЕУ-одбивањето, не беше до нас, до нив е. Како се случи, што се случи ќе дебатираме понатаму. Сега е клучно да одлучиме како понатаму? ЕУ е сон што треба да продолжиме да го сонуваме. Македонија нема геостратегиска алтернатива, барем не без цена што не би можеле да ја платиме и преживееме. Моментот на будење е дека ЕУ веќе не може да понуди затскривање на неспособноста. Планот Б, не е план за алтернатива на ЕУ, туку што ќе направиме за понатамошна модернизација без ЕУ-членство во видик следните десет години. Што треба да направиме дома, и надвор, дали има алтернативни европски асоцијации, дали има регионални планови што треба да ги истражиме, кои ќе значат напредок и подготовка за ЕУ-членство без ЕУ-членство?
Оттука е добро што политичките партии се договорија за предвремени избори на 12 април 2020 година. Оваа продолжена изборна кампања е одлична можност да дебатираме за планот Б, за ЕУ без ЕУ-членство. Таа одлична можност ќе биде пропуштена ако политичките партии влезат во негативна кампања. Со негативна кампања политичките партии ќе покажат дека нема ниту план А, ниту план Б, дека се заглавени во безидејност и неспособност. Ќе видиме наскоро што ќе биде.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ #ДатумБезДатум