Настани, симболи, алузии
Ако при постигнувањето на договорот главната максима водилка и главниот принцип беа содржани во реченицата: „Не гледајте во минатото, гледајте во иднината“, прашање е зошто сега од бугарска страна зовриваат националистичките страсти. Дополнително е прашањето кому му треба отворената закана дека ако Македонија не прифати сѐ што бараат Бугарите за историјата ќе нема поддршка за влез во ЕУ. Изјавите на министрите навестуваат дека бугарската влада не само што ќе ја условува, туку безобѕирно ќе ја уценува Северна Македонија до последниот ден, до последната капка крв, фигуративно речено
Како што се покачува температурата на воздухот, како што почнуваат да запечуваaт сончевите зраци, како што се зголемува утравиолетовото зрачење, така се вжештува атмосферата околу македонското прашање во бугарските високи политички кругови. Во ист интервал, во еден глас и безмалку со ист заканувачки тон се огласија двајца потпретседатели на Владата на Бугарија, истовремено и водечки министри во неа. Со изјави се појавија министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов. Може да се верува дека нивните изјави не се поврзани со променливите атмосферски и климатски промени и, сигурно, не се резултат на метереопатското влијание врз функционирањето на мисловните процеси на наведените министри.
И двајцата јасно и гласно ги истакнаа црвените линии до каде може да оди поддршката што ѝ ја дава Бугарија на Македонија за идно членство во Европската Унија. Сега повлечени испрекинато, со можност на крајот да се спојат во една, која во даден историски момент ќе значи – не постојат Македонци, односно Македонците се Бугари. Така пишувало во нивните историски книги, тоа го кажувале старите документи зачувани во нивните архиви до 1944 година кога, според нив, Македонците се измислени од Коминтерната и од Тито. Ако новоименуваните северномакедонци (по грчки налог) не се согласат со наведениот факт, односно дека се Бугари, нема ништо од европска Северна Македонија.
Неоспорно е дека од денот кога почна да се развива македонската национална мисла за Македонците како посебен национален идентитет, во втората половина на 19 век, историјата и судбината на македонскиот народ се поврзува (била блиска, сродна, но никогаш истоветна) со трите клучни соседи: со Бугарија, Србија и со Грција. Фер е да се каже дека предничела Бугарија, каде што се образовале и творечки, растеле и созревале редица македонски политички и културни дејци, видни револуционери, дека таму било најсилно изразено револуционерното движење за ослободување на Македонија од Турците, движење што се простирало на целата територија на тогашна географска Македонија. Како што, од друга страна, е неоспорно дека истиот тој народ бил под нивна окупација, или поблаго речено под нивно владеење, ако зборот окупација е пресилен, а и не е во политичка европска мода. Не само меѓу Македонците, туку и меѓу самите постари Бугари постои емотивна поделеност околу минатото на Македонија. Едни ја сметаат за најтрагичниот дел од нивната историја, други за најромантичниот, но сите како жал за испуштената шанса за создавање голема Бугарија.
И двајцата министри, најверојатно незадоволни од работата на своите членови во заедничката комисија за корекција и приближување на учебниците по историја, јасно предупредуваат дека нема да прават компромиси што би биле во заедничка или македонска корист. Ниту за настани, ниту за личности, ниту со Гоце Делчев, ниту со Илинденското востание, ниту со кој било деец од тоа време, кој географски бил Македонец, а по националност се изјаснувал како Бугарин. Зафаќајќи го и делото на светите браќа Кирил и Методиј и на светите Климент и Наум се шири полето за антимакедонско дејствување и на планот на црквата, на сегашната Македонска православна црква. Познат е обидот за зближување меѓу двете цркви, но уште попознато е дека, по нечија сѐ уште непозната наредба, тоа најавено зближување преку формата мајка – ќерка беше експресно прекинато.
За волја на вистината, и Захариева и Каракачанов имаат еден куп аргументи со кои може да ја докажуваат бугарската вистина. За нивна волја и за волја на Бугарите воопшто не е спорно дека на цела територија на географска Македонија (и во турско и во српско) кај голем дел од населението било силно развиено бугарското национално чувство, како што во помал обем било развиено македонското, како посебно. Нема да сме искрени ако не кажеме дека во некои домови во денешна Република Северна Македонија сѐ уште се чуваат слики од свечените пречеци на бугарските војски во неколку наврати, искрено дочекувани со леб и сол, со цвеќе, со солзи радосници, нешто слично како што Бугарите ги пречекувале руските војници во нивните градови. Како што сѐ уште се чуваат скриени портрети на цар Борис, Сталин и на Тито.
Сегашниот офанзивен настап на толку високо ниво најверојатно не е случајно, како што не е случаен бизарниот повод за корекција и усогласување на учебниците од ниско експертско да се издигне на супер екстра политичко ниво. Целта, најверојатно, не е само да се искритикуваат нивните преговарачи, туку да се упати порака до македонските власти да внимаваат што прават и до каде може да одат со македонските барања. Таа задача, поткрепена со соодветна огнена артилерија, им е дадена на Екатерина Захариева и на Красимир Каракачанов, кои сега се поставуваат на првата борбена линија, за да се зачува премиерот Бојко Борисов, кој, според познатата политичка практика, ќе го има последниот збор, кој сигурно не може да биде различен од зборовите на неговите двајца хиерархиски најважни министри. Зад Захариева, правничка и поранешна адвокатка, не се влечат опашки за бугарски национализам, што не може да се рече за Каракачанов. Овој соработник на поранешната комунистичка бугарска служба за државна безбедност, сега претседател на бугарското ВМРО и министер за одбрана, го носи знамето на бугарскиот национализам, најизразен во тврдењето дека никогаш немало, ниту во иднина може да постојат некоиси Македонци како посебен народ.
Ако е дискутабилна историјата, не е дискутабилна сегашноста: и денес во Македонија има граѓани со бугарско национално чувство, има барања да бидат внесени во Уставот, да формираат здруженија, дури и партија и слично. Како што е факт, крајно неповолен за опстанокот на македонската нација, што близу сто илјади, претежно млади луѓе, денес се бугарски државјани, имаат бугарски пасоши со кои најдоа работа и се иселија во западните развиени земји. Тоа се факти врз кој може да се гради идното пријателство, а не тврдата теза дека Македонците се Бугари и дека сѐ во македонската историја е бугарско дело.
Не може да се одбегне впечатокот дека провокациите што ги прават деновиве се смислен обид да се сврти ситуацијата во нивна апсолутна корист, да се бара од Македонија речиси невозможното. Искрено речено, од тој аспект, во секој поглед Бугарија е во предност пред Македонија, благодарение, пред сѐ, на променетите геополитички состојби на Балканот. Додека во поранешна Југославија Македонија ја имаше силата, а Бугарија го имаше стравот, сега е обратно. Кај Бугарија е силата, а кај Македонија владее стравот. Но кога владата на Зоран Заев покажа силна волја за градење нови мостови на пријателство, кога врват две години од потпишување на Договорот за пријателство и соработка, каде што генерално се утврдени принципите на таа соработка, сегашните бугарски нервозни реакции не само што се претерани, туку може да се подведат под поимот непријателски и да се означат како обиди за дезавуирање, дури и уривање на постигнатиот договор. Тие не се во духот на договорот во која јасно пишува дека треба од двете страни да се одбегнуваат јаките зборови и црните пропаганди.
Ако при постигнувањето на договорот главната максима водилка и главниот принцип беа содржани во реченицата: „Не гледајте во минатото, гледајте во иднината“, прашање е зошто сега од бугарска страна зовриваат националистичките страсти. Дополнително е прашањето кому му треба отворената закана дека ако Македонија не прифати сѐ што бараат Бугарите за историјата ќе нема поддршка за влез во ЕУ. Изјавите на министрите навестуваат дека бугарската влада не само што ќе ја условува, туку безобѕирно ќе ја уценува Северна Македонија до последниот ден, до последната капка крв, фигуративно речено. Тие изјавуваат дека нема да прават компромис со вистината, заборавајќи дека секоја вистина има две страни, две лица, дека еден настан, една приказна има и десетина верзии.
Што прават македонската влада, нашите задолжени министри, панданите на Захариева и на Каракачанов, што прават нашите „видни“ интелектуалци, аналитичари и политичари? Не прават ништо, зашто нивните погледи се вперени во иднината, колку и да е далечна и нејасна самата таа. Како реагираат партиите? Никако! Заинтересирани само за власт, се има чувство како да им е забрането, како да се плашат да ги бранат македонските интереси, се чуваат да не навредат некој странски или домашен фактор, некој наметлив амбасадор. Што прават македонските медиуми, како реагираат на ваквите реакции? Премолчуваат, прескокнуваат, ублажуваат, далеку се македонските национални интереси од нивните лукративни интереси.