Историјата сега ја пишуваат сите некогаш потиснати, заборавени, маргинализирани, омаловажувани и прогонувани групи, било да станува збор за етнички или расни малцинства, или за културни групи, или за жените, или за сиромаштијата, или за работничката класа, или за сексуалните малцинства, па дури и луѓето што имаат определени предизвици со физичкиот развој. Како никогаш досега во човековата историја, од заборавот се спасуваат приказните на сите овие прекрасни луѓе што некогаш живееле, се мачеле за својата живејачка и се бореле за својата вистина
Зошто нашите соседи се обземени со македонската историја? Одговорот е мошне едноставен и содржи само еден збор – МЕМОРОЦИД. Мемороцид значи бришење на постоењето на еден народ, на неговата култура и опстојување од светската историја. Тоа може да се изведе со геноцид, со етничко чистење, со акултурација или со асимилација. За жал, актуелното историското сеќавање и националниот наратив на нашите соседи е невозможен и неодржлив доколку не се избришат сите траги на македонското битисување на овие балкански простори низ вековите. Тоа е суштината на македонско-грчкиот спор за името и болната стварност на бугарското спорење на посебниот македонски идентитет.
Деновиве добивав многу повици од мои загрижени познаници што прочитале нечија колумна во печатот каде што се тврди дека „нема празни страници кои се испишуваат од страна на новите народи туку страниците се испишани од старите народи и просторот за допишување е ограничен“, па авторот на овој текст уште се повикувал и на некакви историски факти и на објективна научна вистина, а врв на комедијата е тврдењето дека „Историчари и интелектуалци уште живеат со заблудата дека секој народ има право да си ја пишува историјата како сака“. Да биде апсурдот поголем, овој текст е напишан во 2021 година иако изгледа како да е излезен од опијанетиот расизам на европските империјалисти од викторијанската или вилхелминската епоха.
Не сум знаел дека „Бремето на белиот човек“ на Радјард Киплинг од 19 век го носел „белиот Денко“ во 21 век. Нема да ме чуди доколку овој автор продолжи во некој следен текст во истиот дух, па започне да се занимава и со еугеника, мерење на черепите на „домородното население“ во Македонија и докажување дека тие немаат доволно волумен мозочна маса за да може да бидат државотворни, за да може да утврдуваат што е научна вистина, за да може да си ја пишуваат својата историја или барем да излезат со него на мегдан во каква било дебата (не помнам дека авторот на овие зборови кога било излегол во каква било јавна дебата или полемика, но затоа побрза да се заканува со „црни листи“ кон секој што некогаш спорел со него… не се сеќавам дека аргументот на силата некогаш ја победил силата на аргументот во која била интелектуална дебата, но добро знам дека нема поголеми бедници од самонаречените интелектуалци што се кријат зад туѓата сила и насилство).
Живееме во епохата кога паднаа и паѓаат сите парадигми, живееме во епохата кога се покажа дека „старите народи“ пишувале и измислувале премногу лажна и искривоколчена историја, додека, пак, „новите народи“ ги откриваат своите истории и своите историски наративи, со сиот свој сјај и беда, па целосно ги потопија страничките „испишани од старите народи“.
И не само народите… Историјата сега ја пишуваат сите некогаш потиснати, заборавени, маргинализирани, омаловажувани и прогонувани групи, било да станува збор за етнички или расни малцинства, или за културни групи, или за жените, или за сиромаштијата, или за работничката класа, или за сексуалните малцинства, па дури и луѓето што имаат определени предизвици со физичкиот развој. Како никогаш досега во човековата историја, од заборавот се спасуваат приказните на сите овие прекрасни луѓе што некогаш живееле, се мачеле за својата живеачка и се бореле за својата вистина. Еве, да зборувам со термини што авторот ги разбира – живееме во векот кога сите „Мелијанци“ им се одмаздуваат на сите „Атињани“ затоа што во светот на културата и малите можат сè да прават, а големите мораат да го слушаат тоа и да го поднесуваат. Перото е секогаш помоќно од мечот, а посебно е остро и болно перото на онеправданиот и некогаш понижениот човек.
Не само тоа, туку се преправа целокупниот наратив на општочовечката историја. Учебниците во сите науки веќе не го следат некогашниот канон за историјата на идеите што поаѓаше од филозофијата на Старите Хелени, римското право и христијанството, за да дојде до „крајот на историјата“ кај „западната цивилизација“. Сега читаме за брилијантната мисла од древнината на Кина, Индија, Иран и Средна Азија, за врвните дострели на културата на Африка, на претколумбиска Америка и Австралија, како и за целиот паноптикон на културни творби на човештвото на сите континенти. Дури се чини дека европската историја полека тоне кон периферијата на општочовечката цивилизација, односно кон местото каде што била со векови и милениуми пред последните неколку века европска експанзија. Токму хибрисот на европскиот империјализам доведе до такви налудничави тврдења дека постоеле „стари“ и „нови народи“, дека новите народи не смеат да си ја откриваат својата историја и да го испишуваат сопствениот национален наратив и дека историјата е еднаш и засекогаш утврдена како канон од „старите народи“, па нема зошто некој тука да го оспорува тоа или нешто да допишува.
Ваквите тврдења доведоа до тезите дека постојат повредни и помалку вредни народи, дека на некои народи сè им е дозволено заради нивната моментална воена и финансиска моќ, па сето тоа заврши со огромни трагедии низ планетава. Крвавиот пир на кралот Леополд во Конго, сличните масакри во Амазонија, Индокина и Африка, па сè до холокаустот се само дел од најцрните епизоди од оваа историја и таму се сместени „празните страници на историјата“, кои старите народи сакале да се заборават, но „новите народи“ ги пополнуваат со цели томови и библиотеки. Кога празните страници на историјата се испишуваат, тогаш паѓаат статуи и лажни авторитети.
Впрочем, геноцидот, етноцидот и мемороцидот се единствено возможни само доколку некој народ биде толку понижен и обесчовечен за да му се оспори правото да си ја раскажува својата приказна, да биде сведен на народ од понизок ранг, за разлика од „старите народи“. Но за оваа тема многу подобро ќе се изјаснат оние што го проучувале европскиот колонијализам и англосаксонскиот империјализам, како Денко Малевски во неговиот докторат.
Дел од оваа глобална борба за да се слушне приказната на секоја човекова заедница е и мачниот од на македонскиот народ кон признавањето на неговата посебност. Затоа е срамно игнорирањето на прецизно утврдените научни факти и на објективната вистина за колежите од грчките андарти за време на „македонската борба“, духовната борба на грчките владици за одродување на Македонците, етничките чистења за време на балканските војни, државниот терор за елинизација на Македонците во меѓувоениот период и од страна на квислиншка Грција, како и масакрите за време на Граѓанската војна во Грција (своја улога тука има и британското воено воздухопловство при првото фрлање напалм врз македонските партизани и цивилното македонско население на планината Вич), а да не зборуваме и за последната приказна кога само на Македонците по род не им беше овозможено да се вратат на вечните огништа по грчката демократизација од 1970-тите години. Ете, таа е објективната историска реалност што македонскиот народ сака да ја спаси од историскиот заборав и што е суштина на македонско-грчкиот спор. Иста е и низата од никулците на македонската посебност при битката за словенска посебност во отоманската Турција, па сè до националната борба за слобода во Втората светска војна против бугарскиот окупатор. И таа приказна треба да остане запишана и запаметена.
Таму е суштината на македонско-грчкиот и на македонско-бугарскиот спор. Македонците одбиваат да бидат предмет на мемороцид, одбиваат „старите народи“ да им ја пишуваат (и да им ја бришат) историјата и одбиваат некој друг да им ги избира името и другите национални атрибути. „Нема правда, нема мир“ вели највпечатливата парола на современото глобално движење за социјална правда. И на Балканот ќе дојдеме до вистински мир, кога Македонците ќе се изборат за своите правдини, во отворена дебата и во цивилизиран дијалог со своите соседи, без насилие и без посредници.