Откако ги прифатиме српските, албанските и грчките барања на ред дојдоа бугарските националисти. И како пристапивме? Потпишавме договор за пријателство и добрососедство со кој прифативме да формираме комисија што треба да разгледува „заедничка историја“. Каков апсурд! И што направиме, ништо. Со други зборови, се откажавме од нашето малцинство – нели нашата држава нема да помага или поттикнува туѓи граѓани, па и малите деца знаат дека станува збор за нашинци што живеат во Бугарија. Комисијата си ја работеше својата работа и што се случи, Бугарија ни стави вето! И тука глупостите не завршија
По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој заврши воениот конфликт од 2001 година, професорката Наде Проева прими неколку колеги Французи на гости во нашата држава. Професорката во однос на суштинските прашања секогаш отворено говорела без „перде на јазикот“. Во текот на ручекот што беше приреден, „ненадејно“ се отвори дискусија за односот на странците кон тогашната албанска т.н. Ослободителна народна армија, како и за странскиот притисок врз нашата влада за прифаќање на Охридскиот договор. По долгата и бурна дискусија, и во недостиг од доволно аргументи зошто странците се мешаат во внатрешните работи на државата, на крајот професорката ја запрашаа: „Зошто прифативте?“ Со што целата дискусија стана беспредметна.
Од денешна перспектива, ова прашање го објаснува нашиот сенс за политиката и државноста. Секогаш кога нашата држава се соочуваше и се соочува со некој предизвик, секогаш нешто се прифаќа, што секогаш е на наша штета. Така постапија претседателот Киро Глигоров и првата македонска влада кога им дозволија на Србите да ги соберат сето оружје и опрема од воените касарни. Анегдотите одат дотаму што некои велат дека при повлекувањето на поранешната ЈНА биле демонтирани чешмите и штекерите од воените објекти, а да не говориме за радарот на скопскиот аеродром поради кој не можеа да слетуваат авионите. На овој начин државата беше лишена од средства за одбрана и за заштита на суверенитетот. Оваа постапка на Киро Глигоров многу лесно може да се објасни. Поранешниот претседател отсекогаш бил прагматичен и на овој начин сакаше да го избегне можниот воен судир. Но тоа беше нашиот прв пораз, по кој дојдоа идните порази. Оттогаш флексибилноста стана одлика на нашата политика, секогаш кога ќе се најдеме пред некој национален предизвик.
Набргу потоа Грција го проблематизира именувањето на нашата држава, постави ембарго, блокада во Обединетите нации, воени вежби на грчката армија на нашата граница, навлегување на грчки воени авиони во нашиот воздушен простор, блокада во тогашната Економска заедница и сѐ така до бесконечност. На крајот беше потпишана Привремената спогодба со која прифативме промена на името на нашата држава во Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) и промена на државното знаме. Притоа Грција се обврза дека нема да го блокира нашиот пристап во НАТО и во ЕУ. Со посредништво на странците прифативме договор што беше на наша штета. И што постигнавме? Ништо!
Во 2001 година започна воениот конфликт во Македонија кога албанските паравоени формации окупираа делови од нашата територија. Сите знаат како заврши. Се потпиша Охридскиот договор со кој нашата држава стана шизофрена. Договорот не им стави крај на албанските националистички барања, туку се создадоа услови за нивно радикализирање. Последен ваков пример беше барањето за етничко вработување во приватниот сектор. Но тука не заврши нашиот поданички тимос.
Во 2008 година, Грција ја блокира нашата држава во Букурешт со што портите на НАТО ни беа затворени една деценија. На крајот прашањето повторно беше решено со потпишување на контроверзниот Преспански договор. И што постигнавме, влеговме во воен сојуз и откорнавме еден од темелите на нашата нација и држава. Според Никос Коѕијас, со Преспанскиот договор и уставните амандмани што следуваа, нашата држава стана мултинационална држава што создаде нова „нација на етникуми“ (како шпанската), која ја сочинуваат славомакедонци, Албанци, Власи и други. Мислам дека пакоста е јасна, доколку нашите политичари не ја согледуваат, ним не им е местото во политиката.
Откако ги прифатиме српските, албанските и грчките барања на ред дојдоа бугарските националисти. И како пристапивме? Потпишавме договор за пријателство и добрососедство со кој прифативме да формираме комисија што треба да разгледува „заедничка историја“. Каков апсурд! И што направиме, ништо. Со други зборови, се откажавме од нашето малцинство – нели нашата држава нема да помага или поттикнува туѓи граѓани, па и малите деца знаат дека станува збор за нашинци што живеат во Бугарија. Комисијата си ја работеше својата работа и што се случи, Бугарија ни стави вето! И тука глупостите не завршија. Во извештајот на Европската Унија ќе влезеше „погрешно толкување на историјата“ доколку не се спротивставија Чешка и Словачка на оваа апсурдна формулација. И тоа не благодарение на нашата дипломатија. Со овој чекор Словачка и Чешка покажаа дека се држави во вистинска смисла на зборот – имаат став и чувство за државност!
Досега на сите требаше да им биде јасно зошто во текот на целиот текст ја користиме придавката нашата држава, нашите политичари и сѐ така до бесконечност – досегашната политика ги обезличи Македонија и македонската нација.
Во текот на 30 години, нашата политичка елита нѐ водеше од еден пораз во друг. Затоа е неизбежен заклучокот дека нашите политичари немаат умешност за преговарање, ниту за водење на државата. За да се води една држава, потребно е да се има став, односно смисла за државност. Но ретки се политичарите што во изминативе три децении покажаа дека имаат државничка умешност. Затоа никој не ни е крив и не можеме никого да обвиниме. На крајот на краиштата, егзистенцијалното прашање гласи: „Зашто прифативме?“