Рекламните спотови на водечките партии, кои деновиве ѝ „сервираат“ на јавноста противотрови за хаосот во кој очигледно тоне целата земја (а чија „заслуга“ нераздвојно ја делат), ме потсети на првото од „дванаесетте животни правила“ од истоимената книга на канадскиот психолог и професор Џордан Питерсон: Исправете се и зафрлете ги рамењата!
Инспирацијата за оваа водилка надвор од пеколот (еднакво за поединецот и колективот), професорот ја црпи од практичната мудрост на еден животински вид со триста и педесет милиони години животно искуство на дното – јастогот.
Споредено со неговото време на земјата, ерата на диносаурусите изгледа како време за попладневно кафе или чај, а времето на човекот – како голтка од филџанот. Според тоа, не остава многу простор за сомневање во таа временска предност.
Но каква е врската помеѓу јастозите и луѓето (уште и во земја што не излегува на море)?
Ако ги тргнеме настрана сложените мозочни функции кај последните и раковината кај првите, безмалку – значителна.
Голем дел од луѓето, како и јастозите – живеат на дното или близу него, а се хранат со остатоците од хаосот и борбата горе над нив. На глобално ниво, еден процент од врвот поседуваат близу педесет проценти од светското лично богатство, додека долната половина од светската популација поседува помалку од еден процент (овие соодноси постојано лизгаат на штета на мнозинството, независно од излезот на море).
Долу кај јастозите (слично на луѓето горе) – победникот зема сè! Сепак, имаат „поедноставен“ систем за мерење на престижот – победникот ги зема (само) најдобрите засолништа, храна и женки.
Во Масловата хиерархија на потреби, нив би ги сместиле (иако крајно поедноставено) на првите три нивоа на пирамидата, а потребата за „женка“ би ја превеле (и покрај сите можни приговори) како потреба за припаѓање и љубов.
Четвртата во таа хиерархија е потребата за почит(ување). Нејзината негативна верзија е комплексот на инфериорност и/или ниска самодоверба. Таа (повторно, крајно поедноставено) им е позната и на јастозите, а на научниците – според нивното однесување.
Колку е еден јастог самоуверен или инфериорен, зависи од соодносот на две хемиски соединенија – серотонинот и октопаминот, при што секоја победа влијае на зголемување на првото, а секој пораз – на второто соединение. Оттука, многупати поразениот јастог веројатно го чекаат само нови порази, а многукратниот победник – победи. Некаде во тоа повторување, поразениот ќе ја загуби самодовербата и ќе престане да се обидува да ја подобри својата позиција. Но во спиралната статистика, поразениот јастог може да изгуби многу повеќе од самодовербата, имено – мозокот.
Ако еден доминантен јастог претрпи тежок пораз, тврди Питерсон, мозокот речиси му се распаѓа, а на негово место расте нов – потчинет мозок, без кој е невозможно да се сообрази со новата неславна улога во хиерархијата на доминација.
Таква е неврохемијата на поразените. И не им е туѓа ниту на луѓето (метафорично, се разбира). Секој што доживеал болна преобразба по сериозен пораз во љубовта или во кариерата, може да се идентификува со некогаш успешниот јастог, сугерира професорот.
Но што се случува ако голем дел од популацијата јастози продолжено „страда“ од ниски нивоа на серотонин и постојано исчекорува наназад со спуштени клешти и мозок во поразително „пресоздавање“? Постои ли „прозак“ за нив?
Природата (за среќа или за жал) нема такви грижи, ниту пак јастозите имаат жалби: безусловно го следат императивот на природната селекција – приспособливоста.
На нивното дно, не постојат избори за подобар живот и сите се заедно на дното, дури поборниците за врвот (а со тоа и до пристапот за најдобар плен и најдобри женки) се пресметуваат на неколку конфликтни нивоа.
Во првите две, генерално си разменуваат хемиски информации за силата и мавтаат со клештите. Вистинската борба почнува во третото ниво, со обиди за превртување на противникот на грб. Ако и тоа не помогне во изборот на победник, борбата продолжува буквално во поопасни води – во четврто ниво, каде што недвосмислено се определуваат победникот и поразениот. Последниот (ако преживее) си заминува засекогаш и веројатно со клешта помалку, поточно без надеж за нова пресметка или некаков реизбор во иднина.
На дното на јастозите, природата е главниот селектор, а еволуцијата/евалуацијата се одвива преку варијација и селекција. Така, најдобрите и најсилни јастози ќе ги пренесат своите гени, а со тоа и можностите до потомците за пристап до највредните „продукти“ во пирамидата на еден јастог.
Во општеството, не секоја варијација и селекција подразбира еволуција, а често – низа од несреќни повторувања, особено ако социјалната мобилност е заменета со приспособливост кон власта (партиска евалуација) како доминантен императив на селекција и пристап до „продуктите“ од повисоките катови на Масловата пирамида.
Таму/овде, поборниците за врвот никогаш не влегуваат во политичка борба на трето ниво. Пресметката традиционално завршува со размена на „бомби“ и мавтање на „клештите“. Не постојат категорично поразени, само наизменични победници. За нив, „промената е повеќе шанса одошто катастрофа. Серотонинот тече во обилни количества.“ Самодовербата и покрај поразителните резултати е на завидно високо ниво, а угледноста често бидува неугледно присвоена.
При дното е „малку“ поинаку: серотонинот е на критично ниско ниво, а стресот на високо. Нискиот серотонин значи и помалку среќа, а повеќе болка, болести и страв, најпосле – пократок животен век.
На дното „седите во колата со нозете на кочницата и на гасот истовремено, стиснати докрај.“ Осудени на постојана будност и на вечна резерва, немате време за сонување ниту на сопствените соништа, освен некаков американски сон (или негова реплика за земји во развој) за кои ќе ве уверуваат (ваму, како и таму) дека нивната преобразба во кошмар не е резултат на неправедниот економскиот систем, туку исклучиво последица на вашата неспособност. Со истата самодоверба со која уверуваат, дека падот на поредокот во хаос е последица на нивните претходници, чија претходница биле и самите.
Во таа спирална статистика, многукратно поразените (при дното, а не при врвот), ја губат не само самодовербата, туку и „продуктите“ од пониските катови на потребите – основното чувство за безбедност, можноста за пристоен дом и добра исхрана, слично како и јастозите. Врвот на пирамидата (не на доминација, туку онаа на Маслов – за потребата од самореализација) за повеќето остануваат недопирливи точки, како ѕвездите на американскиот сон…
Веројатно треба да му се верува на јастогот, кој неспоредливо подолго од човекот ја манифестира својата подготвеност да се брани со внимавање на своето (исправено) држење. Противотровот за хаосот (или лекот за поредокот), можеби навистина почнува со првото правило од книгата: да застанете исправено со зафрлени рамења значи да ја прифатите ужасната одговорност на животот со отворени очи и доброволно да ги преземете потребните жртви за да создадете продуктивна и значајна стварност – советува Питерсон.
Најпосле, да си го кажете мислењето, зашто на ова дно уште постои правото на избор, а луѓето знаат нешто што јастозите не го научиле ни во триста и педесет милиони години искуство, нешто што пристигнува „неодамна“ – едно доцно еволутивно попладне со доаѓањето на човекот: борбата над јастозите се води за тоа на чија трпеза ќе се сервира јастогот!
Сенката на првиот рибар што првиот јастог ја видел, мора да му личела на добронамерно подадена клешта од некаков јастошки бог, а првото правило од наједноставното кулинарско приготвување на јастогот гласи: да се пресече на половина штом омекне. Доколку е уште жив и мрда – да се попари, со главата надолу!