ОВАА СЛИКА НЕ ЈА СТАВАЈТЕ НЕ ЈА ПОВЛЕКУВА ФЕЈСБУК

„И-и-и-их!“, крикот на Создателот ороводец, / крикот-клуч што го отвори Тој, ако добро размислиме, / во глината, оживеана, во ноќта на материјата / и крикот-близнак. „Боли!“. Крикот што потоа, / по изгонот од Едем, ја отвори, огромна како море / без брегови, и раната на човекот со име Постоење. / Ама и тој потоа се преобрази, со венчална ружа / на реверот и качен на вранец поткован со пурпурот / на Првата Зора што го огреа проколнатото човештво, / како првосват прв влезе во дворот на невестата / со винска чаша и свадбарска песна, а потоа го сви / во прстен орото. И тоа беше знак дека болката и раната / се преобразени во свадбарска екстаза. Во „И-и-и-и-их!“, клучот трансцедентален со кој, како што го обзнани / тоа сега и Богојавление, Бог ја отвори и тешката врата / на целокупното Создавање, на својот Opus mundi / во кој уште на почетокот пред почетокот се фатија / рака за рака, дланка за дланка електроните во тварта, / разбудени од огнот на страста да се биде и постои / во светлина, а по нив, следејќи го нивниот пример, / се фатија и ѕвездите и поколенијата што ги изнародија, / безбројни како пустински песок, Адам и Ева. / И тоа е Богојавление во кое, како што рече и Свети Августин / нема периферија и Сè е центар, оти во Сè е Бог / и Сè е во Бог. Оти човештвото, слегнато во гробница / и заспано во неа еден миг долг колку неколку сончеви ери, / како Исус по Голгота, се разбуди во небесата, / во царството што не е од овој свет. Богојавление на кое и свирките од Кана се искачени / и свират на свадбата на Јагнето во Небесниот Ерусалим, / каде што елегиите и тажаленките на земното постоење / се преобразени во огнена Алелуја / на морето што го исклучува сега во својот ритам / одливот и само е прилив што носи милијарди и милијарди / вреќи полни со школки од кои се истура бисерот / во постелата на љубовниците. Љубовниците, / сега небесни, ослободени од оковите на гревот, / и чиј Ерос веќе не го надгледува, за да треперат / во јанѕа, Господ, со својот севид телескоп. Не. Тоа е Богојавление што ги проширува до зад бескрајот / круговите на бакнежот и блесокот на слабините / на невестите првата ноќ по свадбата, во кои / се спрострела од крај до крај ѕвездената магма / на Млечниот Пат, Кумовата Слама што паѓа по патот / до јаслите во Витлеем од литарката влечена од свети јунци.

/ А тука се во роеж и рибините златни и сребрени / јата што фрлаат насекаде наоколу облаци од икра. / Богојавление е тоа на Апсолутната Слобода, / на Големата Афирмација во чиј епицентар / и македонските војводи го забија знамето „Слобода или смрт“. Богојавление. Постоење во срцето на Божественото, / за чија загуба толку многу страдаше болно / нежниот Хелдерлин, та помина цели четириесет години / во лудило кај дрводелецот во кулата во Тибинген. / Божественото што го бранеше и со пушка, војувајќи / со смртта надвисната над неговото племе, / и Поетот на Белите Мугри од Велес. Со смртта, сега во ликот на расипаната цивилизација што го закла / Името од светлина на тоа племе во Преспа, / а неговото убиство на Лопушник беше само претслика / за распнувањето на Синот Божји на Голгота и колежот / на витлеемските деца што го предвиде осум и пол / столетија пред да се случи старозаветниот Исаија. / Синот Божји што изусти на крстот „Свршено е!“ / А тоа всушност значеше: свршено е со оваа перверзна / цивилизација и човек, оти е време за преобразба, / време да се исчисти глувото семе од браздата на Отецот / и да се замени со здраво што ќе раѓа сончево жито, како што беше тоа со Македонците кога дојде / од Троада кај нив Павле. Македонците најубавото / жртвено семе во нивата на Бог и преродба на гнилата / цивилизација со атрибутот Западна, што ја исправила / сега по Бастилја и Просветителството славната гилотина / над глувата на човештвото. Вавилонската ороспија / со космичка вагина што раѓа само потопи, помории, / мртовечки сандаци, погребни процесии и секаков друг вид / на зло. Таа што е сега новиот Ирод и новата Саломе / што го игра својот перфиден цивилизациски транс / со главата на Македонците пресечена во Преспа. //

Ама сè тоа сега, макар и по мигот во кој се здиплени / како во сонот на Тутанкамон, Ехнатон и Нефретите / во свилата божествена на Лидија од Тир неколку / сончеви ери, а веќе е минато и распослано, глеј чудо, / како бескрајна иднина. Да. Оти сега гилотината / на перверзната цивилизација што ја пресече златната / глава на Македонците е заменета со вагата / на Страшниот Суд горе, на која ќе биде измерена / секоја прашинка, атом и квант на злосторниците / и злосторството. И на богатите што ја цицале / како тавтабити крвта на сиромасите за да го здебелат / својот задник. Крвта и потта на сиромасите, / оној на трудот црн народ“ за кого пееше / со елегија што расне во химна Поетот-Архангел / на Белите Мугри. Тој што е толку вистинит, чист и светлосен што можеше дури да го придружува / и Архангел Гаврил пред Марија и Јосиф во Назарет. //
Богојавление. Постоење. Венчална Ружа. Прстен. / Оро во кое распаднатите атоми на кусовечниот живот / се во ново соединение со име Вечност. Во елемент, / кој може да се ископа само во рудниците во Македонија, / и кој од крај до крај може да ја исполни целата / таблица на Менделеев. Елементот Бог од кој, откако / е пронајден во лорандитот на Алшар, во македонското / срце и во срцето на неговиот разбранет седумосмински такт / се конечно задоволни и Достоевски и Ниче. Оти, како што рече рускиот гениј, „ако нема Бог сè е дозволено“. / А тука тој сугерира на теророт на богатите / над сиромашните и на силните над слабите / на кои сепак на крајот во есхатолошката слика / распрострена врз златото на небесното царство / сепак им е остварено ветеното од говорот на Исус / на Гората, дека неутешните ќе бидат утешени / и тажните израдувани. Говорот што го сфатија / и се причестија со него Македонците, сите до еден / Трпевци и Трпани на кои, како на праведниците / во гробовите, Исус им го вети Царството Небесно, / велејќи им уште малку да почекаат, додека / не го фрли во бездна сатаната и неговиот слуга / од смуртеното село сосе неговите слуги во владата / на темнината. Да почекаат уште малку / до воскресенската труба на ангелите што крева / сѐ од смртта горе, поединци и цели народи, / Македонците меѓу првите по страшниот колеж во Преспа. //

Богојавление. Постоење. Оро. „И-и-и-их!“ Песна. / Венчален прстен заветен за идните поколенија / што се множат како сребрена икра, тргнати на пат, / кои уште нестасани се веќе предци и прапредци, / легенда полна со мартирско свето злато. / И пак чука во оној екстатичен седумосмински ритам, / без одлив и само со прилив македонското срце. / Ритамот од кој се креваат венчалните ружи во јуни / полни со светлината на летното пладне, / свадбарска според својата нарав. Ружите, што го подигаат за педа повисоко небото / до лицето на Бог. Богојавление. Небесна алелуја, / мартирска светлина за нимбусот на македонските, Херои-Светци во олтарите на македонските цркви / во чие подножје долго дремеше смртта. / Богојавление оти е свлечена во заборав, / во најтемниот ќош на вселената оваа валкана / цивилизација по оној нејзин колеж во Преспа, / и во кое, како пресечената глава на Јован Крстител / и закланата глава на Македонците повторно застанува / на ремењата во отвореното како откровение небо. / Оти насекаде грми и ни еден атом на тварта, ни еден / жив створ, вклучително и растителниот свет не е / поштеден од химничната алелуја на Божественото. / И тоа е знак дека се спасени светот и човекот. Дека / се спасени во него Македонците, дека го преживеале / колежот во Преспа во касапницата на суровата / цивилизација, сосе нивниот ороводен извик „И-и-и-их!“ / од искони што е лек и преврска на нивната мартирска рана. / Извикот-крик, екстаза, разбудено море, близнак на оној / ОМ на Индусите длабоки, кој сè уште ги шири / небесните сфери и ги отвора како откровение латиците / на лотосот крај Ганг, ама го отвора и ситното кристално цвеќе / на падините над изворот над Негрево, кое и така / силно ги исфрла како ракета македонските свадбарски / крик и срце во бескрајот на вечноста, крикот што вели / по секоја гибел: „Не е од прав, и не се враќа во прав / човекот“. Крикот, таков, што го обликува во параболи / и Синот Божји кога слезе меѓу нас непрокопсани, / како опозиција на Отецот што се покаја за грешката / во Едем, казната на Адам и на Ева, кога Еросот на животот / го вглоби во Еросот на смртта. Грешката за која / мораше да ја мине како искупение за тоа од Гетсеманија / до Голгота Исус ни крив ни должен, ама полн со она / благословено проклетство со име Љубов. / Тоа што не го прифатија како блаженство варварите / од Запад, иако им го понудија како причесно вино / Павле и Лидија од Македонија, туку наместо него / го прифатија блаженството на злото од почеток / залегнато во нивната темна душа во која толку многу / се вљуби, како што знаеме, и Мефистофел. И со мечот / на тоа зло дојдоа и во Преспа и го извршија тој / страшен колеж над народот за кој Павле рече дека е / „од почеток избран за спасение на светот“. //

Така. Ама сега по тој колеж на прагот на човештвото / стапнал Новиот Ден. Оти е свртен кругот на Вечното / Враќање што беше задреман во Ведите и во Халдеја. Оти е сега / Богојавление и свети како пурпурот на залезите / над Негрево и како златото венчално под ридовите / во кои залегнало тоа, лузната на вратот од Јагнето / Небесно што било заклано некогаш. Свети како неа, / како Откровение за спас на светот и раната на Македонците / по колежот во Преспа, оти тие се сега Постоење / во епицентарот на постоењето. Во срцето на Бог. / Богојавление. Пурпурна воскресенска труба на ангелите, / преполна со сјајот невин на Првата Зора / што го огреа гревот невин на Адам и Ева во кој / тие изградија дом и црква и му се помолија на Отецот / кој ги избрка од Едем. Тие што, како и македонските / комити и војводи подоцна, скокнаа без страв, како Емпедокле во кратерот на Етна, во бездната / со име Апсолутна Слобода. И не е веќе голо стрниште, / полно со чавки / и со гарвани срцето на човекот, / туку е плодна богојавленска нива што раѓа / сончево жито и на трпезата на небо горе. / И натрупани се на крстини златните снопови тешки од род. И големо ѕвоно е, како пладнето на летото / полно со инсекти што го влечат хаосот по себе, / бескрајот космички во кој одѕвонува Алелуја. Звукот / од кој се крева пурпурното ластовичино јато на Бог / над испустените македонски села, кренати од смрт / во живот, во постоење што е екстаза, песна, оро завртено / со шамивчето во огнени елипси на она бескрајно, / повечно и од вечноста „И-и-и-их!“. Крикот-Екстаза / на Македонците што не успеаја да го фатат за врат / и да го заколат мајсторите на смртта во Преспа. / Не успеаја, оти е Богојавление тој, извор што блика / со Вода и Оган истовремено, венчани во Огнена Вода, / вечно пијанство, боемија на Постоењето. / И повторно пеат славеите во пресеченото грло / на Поетот на Белите Мугри на Лопушник што ги поздравува апостол Павле со Радосната Вест.

(крај)