Македонците се како луѓето во Милано, Рим, Атина, Солун… каде што изминатиов викенд имаше масовно собирање по плоштади, улици, кафеани, без физичка дистанца, без маски, односно со маски под брада и со полиција што е само посматрач
Приказната за блескава власт и багра народ е стара колку што е стара земјава, само во различни периоди се нарекувала различно. Во претходната држава често се велеше „самоуправувањето како систем е добар, ама луѓето не чинат“, во првиот мандат во независна Македонија СДСМ се делеше на „интелигенција и сељаци“, во последниот период симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ се нарекуваа „небањати“, а сега за време на короната, либералната елита често говори за „блескава власт“ и „багра народ“. Последниве денови списокот на навреди кон македонските граѓани се зголемува. Од каде доаѓа ваквата стигматизација?
Стигматизацијата „багра народ“ има неколку корени како западната стигматизација на Балканот, општиот проблем со другоста и различноста и ароганцијата или самобендисаноста на либералната елита. Минатото лето во „Европска стигматизацијата на Балканот“ пишував дека зборот „Балкан“ често функционира како стигма и исклучување и е синоним за етнички конфликт и крвопролевање, а во поново време надграден со корупција и организиран криминал.
Постои и терминот „балканизација“ за процес на фрагментација и поделби на држава во помали држави, кои често не соработуваат и се непријателки меѓу себе. Ова стигма изградена од Западот, е целосно интернизирана и прифатена од нас Балканците и од тука генерално имаме полошо мислење за себе отколку за Западот. Сега кога Балканот има подобри резултати во справување со короната од Западот, нема дебати, анализи, зошто е тоа така, поминува едноставно премолчано.
Ние како нација имаме општ проблем со другоста или различноста и тешко се справуваме со разлики во култура, образование, идентитети, мислења, при што често за себе и сопствените ставови говориме во суперлативи, а за другите и нивните ставови сѐ најлошо. Ние имаме 1-0 систем, црно и бело, нема спектар, нема нијанси.
И сѐ зависи од себството, комплетно субјективизирано, малку простор за објективност. И на ова се надоврзуваат ароганцијата, самобендисаноста на либералната елита, која наводно е единствената паметна, просветлена, убава, исправна, а другите се сељаци, прости, најпрости, небањати и багра. Како сума на сите овие влијанија, на пример, повеќемина на социјалните медиуми ја ширеа наводната информација дека Македонците имаат коефициент на интелигенција од 88, и дека се најмалку интелигентна нација во Европа. Либерали шират класични расистички тези, кои немаат никаква научна заснованост.
Да, точно е дека нашите ученици имаат меѓу најслабите резултати во ПИСА-тестовите за математика, ама тоа е прашање на образование, а не на интелигенција. Да, точно е дека Македонците, со сите етнички групи, се најсоциокултурно конзервативни во Балканот и во Европа. Ама и тоа не е прашање на интелигенција, туку на историска маргинализација. И да овој народ можеби има полоши резултати во математика и е порелигиозен од нашите соседи, ама не е багра, и да, не пие варикина против корона! Македонците се како луѓето во Милано, Рим, Атина, Солун… каде што изминатиов викенд имаше масовно собирање по плоштади, улици, кафеани, без физичка дистанца, без маски, односно со маски под брада и со полиција што е само посматрач.
Тогаш зошто во моментов толкав бес кон народот: покрај погоре споменатите корени, во овој момент тоа е диктирано од стравот од короната и перцепцијата како се справуваме. Стравот е присутен насекаде, ама со насочување на перцепцијата како се справуваме, бесот ќе се насочи кон „багра народот“ или кон „блескавата власт“. По почетното задоволство како се справуваме со короната, од крајот на април, или од Велигден почна да се засилува незадоволството. Тоа незадоволство беше предизвикано од тоа што не дојде до очекуваното намалување на бројот на заболени, што би го намалил стравот и доведе до отворање. Стана јасно дека Македонија има втор најголем број заразени и најголема смртност по бројот на жители на Балканот.
Додека Словенија, Хрватска и Грција се приближуваат кон нула нови случаи, тоа не случај во Македонија. Се засилува перцепцијата на неуспех, иако и тоа е релативно, и нормално е потребно жртвено јагне за таквата перцепција. Прво, перцепцијата за неуспех е релативна, бидејќи, да, имаме најголема смртност во регионот, но имаме пониска смртност од повеќето западни земји како Германија на пример. Да, точно, ние никаквите Македонци имаме смртност од 56 луѓе на 1 милион жители, а супериорните Германци имаат 101 жртва. Зошто мора да се пеплосаме со караница колку сме неуспешни? Нормално сега треба жртвено јагне за таквата перцепција и очекувано „блескавата власт“ да ја насочи вината кон „багра народот“.
И тоа не е ново, ниту пак е единствено во политиката. Во менаџментот има неколку „златни правила“ и едното од нив е „за успесите и резултатите е заслужен директорот, за грешките и неуспесите виновни се работниците“.
Дали „блескавата власт“ е блескава? Дали имаше грешки во јавните здравствени и во економските политики? Доколку, според мојата оцена, јавните здравствени политики се релативно успешни, а владиниот економски тим е недораснат, каде е вината? Таа е секако на повеќе места, ама главната вина, не е ниту во литии, ниту во оџи, ниту во првомајски скари, најголемата вина е во партизацијата на корона-одговорот!
(продолжува)
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #TooManyToFail