Оние што работат со деца имаат искуство дека дијагнозата на менталните проблеми како да следи некаков тренд. Имено, во еден период дијагнозата АДХД беше речиси секојдневна. Потоа аутизмот стана „модерен“, додека денес сѐ почесто во практиката се сретнуваат и опсесивно-компулсивни растројства. Сегашните научни сознанија помагаат во расветлување на заедничката генеза кај сите три растројства и даваат насока за раниот третман
Во детската и раната адолесцентна возраст најчести ментални проблеми за кои се бара лекарска помош претставуваат групата растројства означени како аутистичен спектар, нарушувањето во вниманието познато како АДХД, но и опсесивно-компулсивното растројство (ОКР). За сите нив сме пишувале повеќепати и симптомите им се добро познати на родителите, учителите и на пошироката јавност.
Сепак, аутистичниот спектар на растројства сѐ уште претставува најголем предизвик за медицинската фела. Дијагнозата на оваа група аутистични растројства, кои се несомнено едни од најсериозните манифестации во раното детство, останува базирана врз однесувањето на детето. Поточно, дијагнозата се поставува врз база на одговори на прашања во структурирано дијагностичко интервју, или пак врз база на набљудување на однесувањето на детето. Сепак, поставувањето на дијагнозата сѐ уште доцни насекаде во светот и се одолжува сѐ до петтата-шестата година. Поради тоа, основното прашање е како да се минимизира доцнењето во дијагнозата и кои се најдобрите интервенции неопходни за детето што боледува од ова растројство.
Во оваа насока, интересни се најновите истражувања посветени на овие три спомнати растројства, а објавени неодамна во врвни светски списанија, како „Бреин конективити“, „Аутизм рисрч“ и други.
Користејќи функционална магнетна резонанса, била истражувана функционалната конективност, која се јавува како резултат на синхронизација во активноста на разни мозочни региони, особено во два вида невронски мрежи, означени како уни и супрамодални, во регионите веднаш под мозочната кора. Имено, супкортикалните регии содржат структури што примаат информации од и кон кората на мозокот и сензорните органи и играат голема улога во когнитивните и социјалните функции.
Всушност, мозочниот систем претставува огромна мрежа од меѓусебно поврзани патишта што ја чинат белата маса, која зазема разни големини и делови од мозокот. Унимодалните региони се примарно инволвирани во базичните сензорни процеси, додека супрамодалните (кои претставуваат колекции на повеќе мозочни региони) се одговорни за високите когнитивни функции.
Најновата објавена студија во споменатите светски списанија покажува дека поголемата конективност во унимодалните супкортикални врски и пониската поврзаност во супрамодалните супкортикални конекции се типични за оние што страдаат со аутистично растројство, споредено со нормални индивидуи, што потврдува дека основен проблем кај ова растројство е во конективноста (поврзаноста) на мозочните региони.
Овој наод се смета како биомаркер за аутизам и би требало да послужи за рана идентификација на оние со знаци за растројството и да поттикне примена на рани интервенции, каква што е когнитивно-бихејвиоралната терапија или учењето социјални вештини, кои би придонеле до подобра поврзаност помеѓу сензорните и високите когнитивни процеси.
Од друга страна, емоционалната контрола кај децата со аутизам варира и исто така е голем предизвик за научни истражувања. Повторно користејќи функционална магнетна резонанса, била барана врската помеѓу емоционалната лабилност и невронската активност во два мозочни региони кај деца на возраст од 5 до 12 години. Двата региона на мозокот биле среден фронтален гирус и задна инсула, за кои се смета дека имаат улога во варијабилноста на емоционалната регулација кај оние со аутистичен спектар (АСН).
Со користење на уште понов метод – наречен автоматска фибер-квантификација се најдени сигнификантни промени во белата маса и патиштата во мозокот на оние со АСН. Во таа насока, промени во дифузијата, во смисла на зголемена или намалена дифузија низ белите трактуси и нивниот однос со возраста на пациентите, се објавени во најновиот број на списанието „Бреин конективити“. Со овој метод се подобрува способноста за идентификација на клиничките разлики што се резултат од микроструктурни промени во мозокот кај болните.
Истражувачите на аутизмот претпоставиле дека растројството е причинето од широка скала дисрупции во мозочната конективност, како и суптилни промени во белата маса и нејзините трактуси, кои всушност претставуваат структурни системи за „палење“ во мозокот и кои кај болните се променети.
Од друга страна, децата што имаат АДХД имаат тешкотии да го насочат вниманието и да ја завршат својата школска задача. Еден истражувачки тим во Торонто нашол сличност во мозочните оштетувања кај овие деца и децата со АСН, но исто и кај оние со ОКР. Студијата што е објавена минатиот месец во Американското списание за психијатрија се однесува на истражување на белата маса кај над 200 деца со аутизам, АДХД и ОКР. Белата маса во мозокот се состои од снопови мозочни фибери, кои ги поврзуваат телата на клетките низ мозокот и овозможуваат комуникација помеѓу разни мозочни региони.
Најдени се оштетувања во белата маса на главните трактуси што ги поврзуваат десната и левата хемисфера на мозокот кај децата со аутизам, АДХД и ОКР споредено со здрави деца. Сепак, оние со аутизам и АДХД покажале поголеми оштетувања отколку оние со ОКР. Затоа можеби и симптомите кај првите две растројства започнуваат порано отколку кај ОКР.
Врз основа на овие и слични наоди, се претпоставува дека аутизмот, АДХД и ОКР имаат заеднички симптоми и се поврзани со некои заеднички гени, иако досега беа сметани како посебни растројства. Заедно, овие три растројства зафаќаат околу 15 проценти од сите деца и млади во светот.
Она што е заедничко кај трите растројства се проблемите со вниманието, како и социјалните тешкотии, кои се разликуваат по силина на пројавата од лице до лице. Децата со поголеми нарушувања во белата маса имаат и посилно изразени симптоми, но и поголеми проблеми во секојдневното функционирање.
Овие наоди имаат импликација во нашето разбирање за природата на растројствата поврзани со мозокот. Со давање биолошка основа на мозочните структури поврзани со спектар на бихејвиорални симптоми што се презентираат во разни развојни услови се нагласува сличноста во биологијата на овие состојби, што има импликации во третманот кај сите три растројства.
Оние што работат со деца имаат искуство дека дијагнозата на менталните проблем како да следи некаков тренд. Имено, во еден период дијагнозата АДХД беше речиси секојдневна. Потоа аутизмот стана „модерен“, додека денес сѐ почесто во практиката се сретнуваат и опсесивно-компулсивни растројства. Сегашните научни сознанија помагаат во расветлување на заедничката генеза кај сите три растројства и даваат насока за раниот третман. Со други зборови, ако трите растројства имаат иста биолошка основа, тогаш сите се третираат доста слично и најбитно е сите лечебни интервенции да се започнат рано во детството.
(Авторката е педијатарка и психолог)