Не е бесмислена (само) оваа колумна: колумништвото изгуби смисла! Исто како и новинарството, иако тоа барем може да споделува информации… Седам на неколку часа пред рокот за затворањето на денешниот број, а не можам да смислам ни три логични и поврзани реченици. Сè е досега кажано, сиот театар на апсурдот е опишан, сите дијагнози поставени за едно општество во терминална фаза. Лек не гледам, ниту излез од бездната. Најмалку, пак, уште една колумна ќе биде од некаква полза. Впрочем, кој денес воопшто и чита колумни? Многупати сум доаѓала до оваа точка и до прашањето: дали е време да дигнам раце и да престанам да бидам хроничар на една бесмисла што ни се продава за живот и општество? Но или по инерција или поради поттикот на пријателите, кои ќе ми речат „ама, ти си нашиот глас, кој друг ќе го напише тоа без ракавици и козметика?“ – продолжувам, до следната недела. И сè така… Но сега како да е преполнета чашата.
Растргната меѓу поединечните несреќи и скицата за некрологот за Македонија како држава, не знам од каде да почнам. Но знам дека ми доаѓа да викнам: уште што треба да стори Зоран Заев со неговата моторџиска банда за да сфатиме дека прашањето е хамлетовско: тој или ние! Да се биде или не! Трето нема. Но има тука еден парадокс што не можам да си го објаснам. Со децении веќе ми се обраќаат познати и непознати со молба јас да бидам нивниот глас, јас да ги соопштам нивната болка и мака, затоа што тие не можат: или се скршени, или се болни, или се зависни, или се исплашени.
И го правам тоа секогаш кога можам, бидејќи ние не постоиме поради државата, таа постои поради нас. Но дури и кога се заштитени со моето име (односно, имаат „громобран“ за секој случај, а тие имаат загарантирана анонимност), сепак ќе ме замолат да бидам дискретна, да не случајно некој го открие нивниот идентитет и да не бидат „вовлечени во политичка пресметка“. Што уште треба да изгубат за да сфатат дека додека тие не се занимаваат со политиката, таа се позанимавала со нив (да го парафразирам Бертолд Брехт)? Уште колку можат да чкртаат со забите, да ги гризат усните и да ги голтаат солзите? Ме убива однатре судирот помеѓу мојата лична безбедност (барем социјална) и можноста да кажам што мислам и немоќта да им помогнам на толку многу несреќни луѓе. Тие би сакале да ѝ врзам шлаканица на власта што ги довела до питачки стап или до семејна трагедија, но, сепак, би си тагувале тивко во својата темнина.
Во нормални држави, колумништвото има смисла, бидејќи е поттик за дебата, апел и барање одговорност, отворање теми што се фундаментални за заедницата (потесната или глобалната). Овде веќе нема ни фундаментални теми, бидејќи фундаментите се урнисани одамна. Ова е држава во терминална фаза, во која очајот ја зазел секоја пора, беззаконието е системско, мафијата вирее во институциите што треба да гарантираат општа и јавна безбедност, странски служби апсат полициски службеници, наркобизнисот цвета, задолжувањето на државата (и во државата) достигнува астрономски димензии и станува судбина и товар на сите оние што уште не се ни родени. Држава ли е ако фалсификува изводи од матична книга на родени? Ако им издава над 200 пасоши на големи ѕверки од меѓународната наркомафија?
Држава ли е ако изградбата на монтажни болници (за умирање, ретко за лекување) е бонбона-бизнис за фирмата на бившиот вицепремиер за економија? Држава ли е онаа што веќе не гради јавни споменици затоа што таа работа сега ја прават над 4.000 семејства што плаќаат за надгробни плочи? Држава ли е кога образованието е голема шарена лажга во доменот на една богата дама, чиј сопруг заработува плус со тендери од власта (еј, за дронови што ќе го надгледувале развојот на биодиверзитетот!)? Држава ли е таа што ја распродава плодната почва, буд-зошто!? Држава ли е ако за здравството среде пандемија дава 7 милиони евра, а за американски тенкови над 230 милиони? Кои ѝ се приоритетите, јасно ли ви е? Држава ли е таа што во најзагадениот и најгусто населен град планира да гради „чудовишта“ од згради покрај Вардар, па оние врби на Грујо навистина изгледаат дури и симпатично, иако се жални.
Со ДУП-овите си прават што сакаат на најбезобразен начин и ни се смеат в лице. Држава ли е ако ја водат недораснати и неизживеани пубертетлии на мотори, а додека луѓето им умираат тие си тераат ќефови на разни страни? Држава ли е ако тие што ја водат се отуѓиле не само од народот, туку и од здравиот памет? Држава ли е во која нема вакцини, а ве бомбардираат со кампања за масовно вакцинирање? (Како што забележа некој, тоа е како Владата во Етиопија да ги поттикнува луѓето да се хранат здраво и редовно.) Држава ли е ако владата вработува, што јавно, што тајно армија пропагандисти чии списоци ги крие како змијата нозете? Она што беше некогаш „Фабрика“, сега има кодно име „Штрумфета“ (по ликот на некоја твитерџика што го фали министерот за задгробен живот)? Држава ли е ако илјадници луѓе седат дома и земаат плата, за (етнички) мир во куќа? Нафрлам без ред само наслови и вести од последните неколку денови, нема потреба од анализа. Прашањата се реторички – никој не ќе одговори на нив, и не мора. Доволни се да ја пополнам оваа бесмислена колумна. А пропуштив уште многу апсурдни детали од ова што го нарекуваме држава, како судството, уцените, чудесните бегства и одморите на егзотични дестинации, за тоа како полицијата казнува за неносење маски, ама е во ајдучки сојуз со криминалци. Дневник да водиш на скандали, малку е.
Уште што треба да сторат Заев и неговата свита за да преземат одговорност? Тој најдрско и најотворено вели дека ниту тој ќе преземе одговорност, ниту од некого ќе бара одговорност – напротив, за инает, ќе дели ордени! Се крие како последна кукавица зад белите мантили на лекарите (кои, за жал, со ретки исклучоци, молчат). Притоа, склучи некаков договор (за ненапаѓање) со опозицијата. Калето го толерира – сè уште. Веројатно ќе чекаат Слави Трифонов да оздрави, да се формира бугарската влада, па да го закова и последниот клинец на ковчегот. Да беше оваа колумна со смисла, веројатно ќе пишував умно за различните видови одговорност – политичка, морална, правна, ама и историска. За бесмислено општество, бесмислено е да се впушташ во академски и принципиелни дебати. Овде сè е на ачик, бесрамно, нескриено, а дрско и арогантно.
Колку уште можеме да трпиме? Тие не можат да направат толку глупости, гадости, нечовечни нешта и криминални дилови колку што ние можеме да трпиме! Сакам некој да ме демантира. Барам некој да ме демантира. Ние сме лудаци: немаме кислород во модуларни болници, кои никнуваат како потемкинови села, ама одговорност нема никој да преземе! Немаме за лекови и тестови на Д-демери, ама олигарсите обезбедиле попуст за најбогатите во „Систина“. Ви реков веќе дека колумната ќе биде бесмислена – таму каде што животот не вреди ни пет пари, па еден „генерал“ божем води истраги за сопствената неспособност, таму не барајте смисла.
Веројатно, ако некој во иднина наиде на неа и ја прочита (заедно со вестите од ова време), ќе помисли дека сме биле некои колосални шутраци што си ја заслужиле оваа влада. Ова не е пандемија на ковид-19, ова е пандемија на нееднаквоста, и во национални и во глобални рамки. Овде веќе не станува збор колку сме различни, туку колку сме слични во немоќта да се справиме со олигархиска клика, чија цел е да исцица сè што може, пред да си ги спакува куферите и да замине во некои поубави краишта.
Во обид да се испразнам и да ги потрошам акумулираната фрустрација и гнев, деновиве се зафатив со „генералка“ по дома. Го изрибав и исчистив прописно секое, па и најмалото ќоше, исфрлив многу работи што непотребно собирале прашина или што не си ја вршеле работата. Добро ми дојде тој потфат. Додека го правев тоа, низ главата ми се вртеа мисли за потребата – ма не потребата, туку нужноста и итноста – од една поинаква „генералка“.