Среда е, прерано за колумна. Но за викендов имам приватни планови, па сега вртам „петка-глава“: дали да смислам нешто онака антиципаторски (овде не е тешко ни пророк да си) или можеби ќе филозофирам нешто како „дождот околу Крагуевац“ да ја пополнам страницата? Или да рециклирам некоја стара колумна – нема никој да забележи во земја што пропаѓа во бездна. Но дури низ разговорот со драг пријател сфатив дека лесно можам да го решам проблемот: сè што треба да сторам е да се јавам во редакцијата и да најавам пауза (за една недела или за подолго). Интересно, ова решение ми дојде како огромно изненадување: подолго од две децении сум толку редовна како колумнист, што сум како темпирана и немам ниту еден „минус“, без оглед дали сум тука или на пат, дали сум добра или не. Тоа е таа моја интелектуална инерција (можеби коб) што ме тера да си ја завршам обврската кон јавноста – небаре некој ќе ми забележи ако не нотирам нешто што се случило, а се смета за важно! Јас самата себе сум си воспоставила дисциплина дека не смее да се молчи, мора да се биде хроничар на ова лудо и незаборавно време, кое сепак бледнее под притисокот на секојдневни ступидарии.
А што е со јавноста? Ќе забележи ли некој дека колумна нема во редовниот термин? Свесна сум дека читаат само неколку илјади луѓе, од кои половината го прават тоа за да ме испцујат, мнозина нема ни да се потрудат да сфатат што сум кажала, а има и такви за кои текст од две страници е предолга гњаважа. Колумните се повеќе средство за зачувување на сопственото ментално здравје, разговор со истомисленици, кои (како и ти, авторот) бараат утеха дека не се сами среде какофонијата на мејнстрим-пропагандата, но и порака до некои идни генерации, кои можеби ќе посакаат да видат како сме ја уништиле Маклантида. Нашата јавна сфера е фејк/лажна/Потемкинова: понекогаш е згодно да има спротивставени ставови за да се глуми демократичност, а најчесто е арена за линч и ad hominem пресметки. Зборот „дијалог“ служи за политички форуми на кои сите се согласни со сè што ќе каже центарот на моќта, а дебата е кога неколкумина го окупираат медиумскиот простор во божем размена на аргументи, знаења, аналитички коментари и слично. Ние одамна немаме јавност, бидејќи немаме ни жива, агилна и интелектуално продуктивна јавна сфера. Главно глумиме, а во суштина сме престорени во зомби. Затоа, драги читатели, не ни очекувам разбирање или читаност. Сосема ве разбирам.
И самата станав пребирлива што и кого читам. Истото се однесува и на пошироката медиумска сцена: ТВ-вести не гледам многу долго време, ТВ-дебатите се фарса и механизам за заглупавување, особено кога соговорниците немаат што да кажат (а има и ситуации во кои случајно гостува брилијантен човек, но водителот е како зомби, научил една стихотворба, па ја вергла од ден на ден истата фраза). Слушам музика и читам (во последниов период ме фасцинираат книги на и за големи луѓе, како мемоарите на Ричард Фалк и новата биографија на Едвард Саид што ја читам деновиве). Уживам во фудбалот и тенисот, а за опуштање гледам Нетфликс („Ѕвездените патеки“ те носат во еден сосема друг свет, сè уште не ја изгубиле магијата). А можеби е навистина време за одмор. Сево ова е толку здодевно и предвидливо сценарио, решение нема, а ни враќање назад без масовна мобилизација – и која сум јас да вревам и да скокам од тема до тема?
И покрај дилемата дали да пишувам колумна или да одморам, како што гледате, натежна самодисциплината. Но имав и поттик во едно долго интервју на еден академик на МАНУ, кој, на извесен начин, сакајќи да го девалвира претседателот Коцарев, напомена дека тој од научник станал колумнист и пишувал текстови што не биле засновани на научни факти (бидејќи тој е физичар, а не од општествените науки) и кои биле полни со лични ставови и емоции. И тоа беше „тригерот“, она што ме поттикна да ја напишам оваа колумна. Дали тоа што сум колумнист ме прави помалку научник? Тоа што пошироката јавност е позапознаена со нашата јавна, интелектуална (и колумнистичка) дејност, е разбирливо: нашите научни достигнувања ретко кој ги чита. Иако познавам стари професори (сега во пензија), кои биле избирани во научни звања врз основа на колумни во дневни весници, тоа не е случај ниту со академик Коцарев (еден од нашите најцитирани научници во светски рамки) ниту со мене (иако мојата цитираност е поскромна, но ја има – за разлика од оние за кои светот воопшто и не слушнал затоа што не излегле подалеку од Табановце и се први во селото, а последни во градот).
Врвни научници, филозофи и писатели биле/се колумнисти: ќе ги споменам само Карл Маркс, Џорџ Орвел, Умберто Еко, Габриел Марез, Хамид Дабаши, Пол Кругман, Наоми Клајн, Жарко Пуховски, Жан Пол Сартр, Рејмонд Арон, Тимоти Гартон Еш, Роберт Фиск, Јанис Варуфакис и многу други. Тоа се луѓе на кои им должиме многу за разбирањето на јавната сфера, за јавниот дискурс, полемиките и размените на идеи и мислења, но најмногу за разбирањето на јавната критика на власта, на моќните. „Да се зборува вистината на моќните“ – тоа беше тезата на Едвард Саид, кој од брилијантен професор по литература на универзитетот „Колумбија“ стана медиумска икона, особено во битката против милитаризмот и за правата на Палестинците. Ако и малку знаете за овие луѓе што ги набројав, веднаш ви станува јасно дека станува збор за ЕРУДИТИ! Е, сега помислете, кога последен пат сте го слушнале овој збор – и колкумина го заслужуваат! Лично, го научив прво низ примерот на татко ми (човек без формално образование, а еден од најумните што некогаш сум ги сретнала), а потоа пример ми стана мојот драг професор Ѓорѓи Марјановиќ. За ерудитот нема меѓи, нема граници (јас сум економист, ти си физичар и секој ќе се држи до својата омеѓена нива и ќе се докажува само како научник) – тогаш кога е полн со мудрост, знаење од повеќе области и дисциплини, стекнато низ читање, разговори, дијалози со други мудри луѓе. Таквата личност трансцендира, таа гледа што има зад ридовите, таа е љубопитна и го промислува светот околу себе – не онака како што нечија ортодоксија (најчесто, политичка и хиерархиски наметната) пропишува. Таквата личност не може да молчи, особено пред неправдите и понижувањата. Едвард Саид ќе го каже следново: „Интелектуалецот е индивидуа со специфична јавна улога во општеството којашто не може да се сведе едноставно на тоа да се биде безличен професионалец, компетентен член на една класа којашто се занимава исклучиво со неговата работа. Централниот факт за мене е, мислам, дека интелектуалецот е индивидуа обдарена со способности за претставување/репрезентирање, отелотворување, артикулирање порака, поглед, став, филозофија или мислење пред јавноста, но и во врска со јавноста. И оваа улога има своја предност и не може да се реализира без чувството за тоа дека си некој чие место е да отвора непријатни прашања, да се конфронтира со ортодоксијата и догмата (наместо да ги продуцира), да се биде некој што не може лесно да биде кооптиран од властите и корпорациите, и чиј raison d’être е да ги претставува сите оние луѓе и прашања што редовно се забораваат или туркаат под тепих“. Во Македонија, за жал, ниту има јавна сфера ниту слободни институции да создаваат атмосфера во која човек ќе биде слободен да го каже она со кое власта не се согласува, а камоли вистинска дебата – академска или интелектуална. Затоа, колку што е за чудење толку е и за восхит она што го прави академик Коцарев (и уште неколкумина од МАНУ) – а истото тоа важи и за тие од универзитетската заедница. Доведени сме до тоа дереџе, како што вели Орвел, што повторувањето на очигледното е првата должност на секој интелигентен човек! Не мора ни да е интелектуалец, академик, професор… Ова е битка за здравиот ум и одбивање да се прифати искривената верзија на нашите животи, минатото и иднината.