Со јавност што не го одобрува политичкиот азил на Никола Груевски, која смета дека тоа е со знаење на власта, во јавноста се поставува прашањето за одговорноста
Непосредно по бегството од земјата на Никола Груевски, доколку јавноста беше поделена за бегство меѓу „се договориле“ и „неспособни се“, деновиве во јавноста сѐ повеќе преовладува перцепцијата дека „се договориле“, односно дека станува збор за бегство со знаење на власта. Во таа насока говори вчерашната анкета на Телма и МЦМС, спроведена од „М проспект“, дека 44,4 проценти граѓани сметаат дека политичкиот азил на Никола Груевски е со знаење на власта, наспроти 25,1 проценти што сметаат дека е без знаење и високи 30,5 проценти што не знаат и одбиваат да одговорат.
За тезата „се договориле“, уште непосредно по бегството, аргументите беа дека уште во летото се појавија медиумски шпекулации дека во замена за гласање на уставните амандмани, власта ќе му допушти бегство на Груевски. Во прилог на тоа говори и тоа што Груевски како обвинет во повеќе случаи најверојатно е следен, а секако како поранешен премиер има повеќебројно полициско обезбедување. Веројатноста дека Груевски е следен е потврдена со случаите на Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски, кои беа притворени веднаш по бегството на Никола Груевски. Барањето за притвор е аргументирано со службена белешка од УБК, дека врз основа на контактите проценуваат дека е можно нивно бегство. Тешко е да се образложи дека УБК ги следела Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски, а не го следела Никола Груевски.
Оттука, или УБК имала информации за бегството на Никола Груевски, или пак службените белешки од УБК за другите двајца се измислени. Во двата случаи ќе биде тешко да се оправда УБК. И други детали, како тајмингот на барањето за политички азил и издавањето меѓународна потерница имаат чудни коинциденции. Самото бегство и барање за политички азил, од тоа што е познато, е многу внимателно планирано, а барањето внимателно документирано, што говори во прилог на подолги подготовки на истите.
Доколку аргументацијата говори во прилог на „се договориле“, кој би бил мотивот на власта (и Западот)? Почетниот мотив е дека станува збор за меѓународен договор во рамките на планот „амнестија за име“. Секако, амнестијата можела да биде обезбедена со директни и индиректни мерки, како уважување на аболицијата од претседателот Иванов, амнестија со закон или, пак, одолжување на постапките сѐ дури станат нерелевантни. Но сите овие мерки би биле со огромна политичка штета за СДСМ (и Западот). Политички штетно за власта би било и доброволното пријавување на Груевски за отслужување на затворската казна. Меѓу неговите симпатизери би се зголемила поддршката и би постоел ризик Никола Груевски да стане политички маченик.
На тоа укажува историјата во други два случаи на Јанез Јанша, поранешен премиер на Словенија, и на Иво Санадер, поранешен премиер на Хрватска. Јанез Јанша се пријави за затвор, каде што го испратија над 3.000 симпатизери, и сѐ уште е политички чинител, додека Иво Санадер пребегна во Австрија и сѐ уште се соочува со судски процеси. Со бегството, Никола Груевски не е моментална политичка закана за власта и процесите што ги води.
Од друга страна, иако Никола Груевски ја испушти шансата да биде политички маченик, не е извесно дека ќе ја следи судбината на Санадер. Во прилог на првото говорат ставовите на граѓаните од гореспоменатата анкета дека над половина граѓани (52,3 проценти) не го одобруваат политичкиот азил, што е за повеќе од двапати од тие што го одобруваат (21,1 процент). И доколку можеби постои одобрување од страна на симпатизерите, осудата од другите ја намалува влијателноста на Никола Груевски.
Неговиот личен политички рејтинг е веќе помал од тој на Мицкоски и во општата популација и меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Во прилог на второто е тоа што Груевски, за разлика од Санадер, кој беше вратен во Хрватска по неговото бегство во Австрија, доби политички азил во Унгарија и можноста за негово враќање во земјата е минимална. Останува да се види како и што ќе преземе Груевски од азил, дали ќе се помири со политичката безначајност или не.
Со јавност што не го одобрува политичкиот азил на Никола Груевски, која смета дека тоа е со знаење на власта, во јавноста се поставува прашањето за одговорноста. Двајца од тројца граѓани сметаат дека се одговорни институциите во земјата, а само еден од десет граѓани (9,3 проценти) смета дека е одговорна Унгарија. Не може одговорноста да се префрли на странски служби, а ќе биде невозможно одговорноста да се префрли на правосудството (6,4), бидејќи повеќето граѓани ги сметаат МВР и власта како одговорни. Одбивањето да се прифати одговорност од страна на власта, ќе ја колективизира вината и ќе влијае на намалување на довербата во Владата. За потсетување, одбивањето одговорност во Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше почеток на падот на таа влада. Затоа барањата за темелна истрага, кои ги истакна и Павле Богоевски, пратеник на СДСМ, мора да дадат резултат, а не да бидат само ПР-инструмент во одбегнување и забошотување.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek