Драги мои, секоја генерација доаѓа до моментот кога ќе се соочи со сопственото незнаење! Оваа теорија поставена од Лоренс Петер, изложена како филозофска теза во неговата книга „Правилото на Петер“ (ова е мој слободен превод), издадена во далечната 1969 година, за мене и мојата генерација беше четиво што кога го читавме „не се однесуваше на нас“! Така мислевме затоа што сѐ уште ги имавме одговорите! Но сега, еве, неволно, признавам: се соочувам со Петеровото правило дека го достигнав нивото на сопственото незнаење! Нема како да не се соочам со фактот дека сите сознанија што сум ги стекнал во животот и според кои сум живеел како со уверувања веќе не постојат! Сѐ е срушено. Идеите за светот како таков повеќе ги нема. И сега на каде? Постои ли излез од оваа ситуација? Не знам.
Но сигурно некој знае каде е прекината линијата на незнаењето од каде што може да се премине од другата страна на сознанието, а тоа е знаењето! Ќе се обидам да направам анализа на двете работи што нѐ доведоа до ова ниво на незнаење. Првата е јавниот привид или лажната содржина на поимите современост и/или модерно. Генерацијата на која ѝ припаѓам израсна во систем на образование и јавна еманација што на секој начин, на секое место и во секое време го критикуваше минатото на човештвото како ординарен примитивизам, кој со големи жртви сме го отфрлиле за да создадеме општество што почива на вредностите на современоста или модерноста. Мојата младост се состоеше од апологетство кон модерното, кое во себе ги содржеше сите системи на вредности и убедувања кои не само што прават модерното да биде најдоброто нешто што му се случило на човекот и човештвото, туку модерното дополнително се нудеше како општествен калауз што ги отвора сите врати што водат кон општествената слобода, материјалниот просперитет и духовното совршенство. Училиштата, библиотеките, медиумите и популарното мнение ги критикуваа не само минатите општествени уредувања туку и човекот на минатото како прост и неосознаен субјект подлежен на манипулации и злоупотреби.
Особено се критикуваше обичниот, малиот човек роб, закрепостен селанец и пролетер, кој поради сопственото незнаење служел како средство со кое една мала елита на робовладетели, аристократи и капиталисти создавала за себе удопства и материјални вредности што за илјадници пати ги надминувале нивните реални човечки потреби! И сето тоа траело и траело со векови и милениуми. Додуша, се учеше дека имало и обиди за рушење на тие системи, па ни оставале простор за прифаќање на идеите на либерализмот со нарациите за Спарта, за падот на стариот Рим, откривањето на новиот свет, за Француската револуција, Американската граѓанска војна, индустрискиот подем, големата војна и најнакрај Втората светска војна како точка на конечната победа над минатото и момент на создавањето на современиот човек или раѓањето на модерното! Каков катарзис.
Драги мои, резултатите од Втората светска војна победниците ги озаконија како победа на демократијата, капитализмот и либерализмот како општ, универзален и сеопфатен глобален модел за човекот и човештвото, кој на крајот од сѐ ќе доведе до траен светски мир и прогрес што ќе ги надмине не само идеите за човекот и човечкиот свет што се практикува само низ материјалната стварност на планетата Земја, туку ќе ги покаже и докаже можностите за човеково владеење на други планети, па и на други универзуми! Сето тоа беше можно само со една лесна одлука: да се прифатат идеите за човекот проектирани од западното човештво, кое за центар на производство на политички материјали за градење на тој свет ја одбра Америка со нејзините филијали Британија и Европската Унија како институционална камуфлажа на новата повоена Германија. Вашингтон, драги мои, беше општествениот Холивуд, каде што, наместо соништа, се произведуваше стварност! Она што за модерната уметност – филмот беше императив да се успее во Холивуд, за модерната политика беше императивот да се успее во Вашингтон!
Откако завршуваа визитите на Истокот и Западот од империјата, на заминување секој посетител добиваше модерен ланч-пакет, кој во себе ги содржеше состојките што со правилна употреба и редовно земање од сите членови на заедницата, со голем успех произведуваа слобода, демократија, општествен и духовен просперитет, а на крајот од сѐ и општо ментално и телесно здравје! И навистина, само во неколку децении планетата Земја се препознаваше по оние точки што во поделбата на териториите договорени со конкурентскиот стар, заостанат и примитивен социјалистички блок му беа доделени на новиот, развиен и модерен свет! Тој свет беше мојата стварна и материјална идеја за сето она што сега некој читајќи ги овие редови може да го сфати како еклектика од иронија и саркастичен цинизам! Не, не, драги мои. Јас сум роден, израснат, образован и формиран со состојките што ги опишав погоре. Обликот и организацијата на семејството со родители што работат во индустрија, државното образование, моралните и етичките вредности, слободата на критика кон другите членови на семејството и постарите, самостојноста во носењето на одлуките, изборот на занимања, право на здодевност и слободата на неправење ништо и на врвот од сѐ – заштита со законот на државата дури и од самиот себеси!
Западниот начин на живот и растење со надоместување на духовните празнини со консумерство на стоки за широка потрошувачка, достапот до електрични и електронски уреди и на почетокот и крајот од сѐ: модерна, евтина и широкодостапна медицина на лекување со хемија и хирургија! Кај мене од најраното детство имало постојан порив за критика на социјализмот. Бев апологет на американизмот и британството со изборот на литература, драмски, театарски и филмски кумири. Сум бил следбеник на модерното форматирано како музика, рокенрол, мода и начин на однесување. Сето тоа беше поттикнувано и поддржувано како алатка што води кон создавање адекватна модерна самосвест, која модерниот човек ќе го направи слободен во изборот на ограничувања и норми што секого поединечно, но и целата заедница во исто време ќе ги прави среќни, слободни и безбедни! Гаранти на тоа беа капитализмот, европските вредности и американската војска!
Најпосле, конкурентската социјалистичка идеја за светот навистина се покажа како дрта, заостаната и проста, па пропадна онака како што пропаднале робовладетелството и феудализмот, со што само уште еднаш и пред нашите очи се потврди вистината дека модерното е најдоброто што човекот го имал, со сериозни шанси да се претвори во единствена модерност што ќе владее засекогаш и за сите идни времиња, во сите идни светови! И Амин. Модерното беше насекаде околу нас и сите ние бевме горди што најпосле пронајдовме алатка што со еден клик на компјутерот или паметниот телефон, како негова суштина, ни ги дава сите одговори на прашањата што отсекогаш нѐ мачеле, а не сме знаеле како да дојдеме до саканиот одговор. Точниот одговор, драги мои, веќе не беше она што ни треба. Одговорот што го посакуваме е она што ни го нуди модерното. Модерното ни овозможи во исто време да ни се испорачаат повеќе одговори на едно прашање и сите да бидат точни. Новото модерно е да се нема еден точен одговор. Еден одговор на едно прашање е ограничување на нашата слобода, затоа модерното ни овозможи да бидеме среќни и кога сме несреќни, да бидеме убави и кога сме грди, да бидеме умни и кога сме глупави. Правото на сопствена вистина што ќе постои независно од општата вистина е врвното и неповредливо право на модерниот човек и никој нема право да го доведува ова во прашање или да поставува сомнежи во неговата цел и потреба! Тој свет можеше сѐ! Да измисли атомска бомба.
Да создава нови видови и да произведува милијарди тони храна. Да ги нахрани гладните. Да ги победува болестите и аномалиите на природата. Да измисли вештачко срце. И вештачка интелигенција. Да истрелува и насочува интерконтинентални ракети. Да тргува на сите страни од светот. Да стигне до дното на најдлабоките океани. Да војува на ѕвездите. Да патува на Марс. И да направи планови за светот и човекот во кој модерното ќе биде вечната состојка на прогресот. И одеднаш, сосема ненајавено и брзо, се појавува вирус, мала честичка што го напаѓа човекот и само човекот, заканувајќи се со негово масовно истребување! И целиот тој механизам на образование, наука, технологија и сознание на модерноста е немоќен да направи што и да е за да го заштити истиот тој модерен човек што го создал сето тоа кажано дотука!
И откако ќе се доведе до јавно самопризнание дека тој, модерниот човек нема никаква, ама никаква идеја како да се одбрани од тој мал и сосема самонеопстојувачки полуорганизам наречен коронавирус, ќе се врати во старото, необразовано, темно и глупаво минато, кога живеел простиот и примитивен човек, кој во својата беспомошност да се одбрани од вирусите и заразите бил принуден да бега и да се крие од другите луѓе како единствен начин на борба против болеста што му се заканува со човекоцид! Дали е ова реалност или само уште едно вашингтонско сценарио екранизирано во Холивуд? Не. Ова е реалноста на модерниот човек, застанат пред линијата на сопственото незнаење! Секој човек во еден момент го достигнува нивото на сопствено незнаење! Секоја генерација се наоѓа пред невозможноста да знае што знае. И да одговори на прашањето: сега на каде? Сега на каде, драги мои? Како да се заштитиме од болеста пред која сме немоќни? Се плашам дека модерниот човек ќе се врати кон старите, прости, необразовани и примитивни начини на дејствување.
Се плашам дека многу брзо ќе посегнат по нашиот ум и ќе нѐ натераат на меѓусебно обвинување дека не јас туку ти, не ние туку тие ја произведуваат и шират оваа болест и дека тој и тие треба да бидат казнети и нападнати! Се плашам дека во моментот на немоќ да го прифати фактот дека овој модерен човек го достигнал сопственото незнаење ќе се сврти кон најлошиот можен избор, тој, модерниот, да го обвини другиот модерен за примитивен, прост и опасен, само затоа што тој друг не прифатил да се брани на примитивен, прост и заостанат начин криејќи се, туку соочувајќи се со болеста, по цена за да живее утре, да умре денес! Драги мои, само оној што ќе се согласи со фактот дека модерното има своја цена и таа цена треба да се плати тука и сега, еден ден ќе се нарече: модерен! Да живее модерното!
Авторот е режисер