Еден од првите симптоми речиси при секоја инфекција, независно дали е од вирусно (настинка, грип) или бактериско потекло, е секако покачена температура. Покачената температура честопати е причина за главоболка, снеможеност, дехидрација и неможност за нормално извршување на секојдневните обврски. Можеби и затоа најголем дел од нас во ваква ситуација брзо и без многу размислување посегнува по лекови т.н. антипиретици, за да ја врати температурата во нормала (под 37˚C).
Сепак, во интерес на сопственото здравје, многу е важно да разбереме дека покачената температура е одбранбен механизам на човечкиот организам, кој подразбира имунитетски одговор и борба со патогените причинители (вируси, бактерии итн.). Токму затоа доколку температурата не надминува 38-38,5˚C, не треба да се симнува со лекови (антипиретици), бидејќи на овој начин од една страна се развива имунитетот, а од друга страна некои патогени не можат да опстанат на висока температура и се уништуваат. Втората страна од медалот е дека, иако најупотребуваните антипиретици (парацетамол, ибупрофен, ацетилсалицилна киселина и нивни комбинации) се генерално безбедни (лекови без рецепт), сепак имаат голем број несакани дејства и одредени контраиндикации и не треба безрезервно да се користат. Иако сите три дејствуваат антипиретично и аналгетски, имаат разлики во механизмот на дејство и, соодветно на тоа, се побезбедни и поефективни во различни ситуации и треба правилно да се користат и, секако, во најкратко можно време.
Генерално, парацетамолот може да го користи најширока популација: бебиња (во консултација со лекар), деца, трудници (во консултација со лекар) и возрасни. Ибупрофенот не треба да се користи кај мали бебиња под 7 кг, како и во последниот триместар од бременоста, а ацетилсалицилната киселина е контраиндицирана кај деца под 12 години (Рејев синдром) и во последниот триместар од бременоста. Парацетамолот може да се пие независно од оброците, а ибупрофенот и ацетилсалицилната киселина задолжително по оброк поради опасност од оштетување на желудочната лигавица. Во текот на терапија со парацетамол треба да се исклучи употреба на алкохол поради потенцирање на штетното дејство врз црниот дроб и покачување на нивоата на хепаталните ензими, а генерално парацетамолот е контраиндициран кај лица со хепатални заболувања. Од друга страна, ибупрофенот и ацетилсалицилната киселина не треба да се користат кај лица со улцерации на желудникот и други проблеми со желудочната лигавица, а ацетилсалицилната киселина, поради нејзиното антикоагулативно дејство, не треба да ја користат лица склони кон крвавења. Во случај на немање ефект на еден тип антипиретик може да се примени друг тип најмалку по 4-6 часа.
Препорачаното дозирање на антипиретиците (кај децата е поврзано со возраста и телесната тежина) и фреквенција на земање треба строго да се почитува поради минимизирање на несаканите ефекти, а доколку температурата не поминува и по тридневно користење антипиретици, препорачлива е консултација со лекар. Корисно е да се зголеми внесот на течности (вода, супи, чаеви) за да се намали опасноста од дехидрација и да се зачести мокрењето, а при повисока температура од 38,5˚C, корисно е да се вклучат и раствори со орални рехидратациски соли (ОРС), кои ќе ги надоместат изгубените електролити. Помагаат и често туширање со млака вода (32-33˚C) и разладување на кожата со крпа натопена со млака вода. На крајот, не треба да се заборави на опасностите што ги носи високата температура (над 39-39,5˚C), особено кај малите деца, а пред сѐ дехидрацијата, како и опасноста од појава на фебрилни конвулзии – грчеви што се појавуваат кај некои деца, поради незрелост на централниот нервен систем, и затоа температурата треба често да се мери и да се преземат горенаведените мерки за нејзина нормализација.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор