Животот е книжевност. Добриот војник Швејк ги симна чизмите од таванот. Оклопниот баталјон ќе маршира кон изгрејсонцето. Таму ги чека Бил, херојот на вселената. Заедно ќе војуваат за сонцето конечно да изгрее на Запад. И апсурдот фати да стопира низ универзумот, па ќе дојдат Вогоните. Тие знаат како да отворат пат од безумноста до бесмисленоста. Фати се за квака 22, отвори ја вратата на перцепцијата и влези во дворот на гротеската, таму Џони трга во војна. Да, животов е книжевност, само некој треба да го пишува.
Знам, не ви е јасно за што зборувам. А едноставно е.
НАТО Нордистан е подготвен да се топори на Источен фронт. Нордистанската војска без ознаки е подготвена да маршира накај Русија. Ќе ги браниме границите на НАТО и западните вредности од баучот на руската приказна за плашење глупи прогресивни луѓенца. За таа цел, нордистанската војска ќе се стационира во Латвија. Заедно со црногорската и словенечката гротеска од НАТО-коалиција.
Ве потсетува ова на една историска лекција? На две историски лекции? Во кои Французинот и Германецот заедно со своите политички слуги и лакеи, со посрани гаќи бегаат пред оние што тргнаа да ги окупираат? Нормални луѓе ќе се сетат, ама сѐ помалку се такви. Нордистан не е при здрав разум, па тврди дека е подготвен со своите НАТО-сојузници да ја тепа Русија. Како дојдовме до ова?
Веќе подолго време САД, ЕУ и НАТО врескаат дека Русија ќе врши инвазија врз Украина. Како што врескаа дека во Ирак се прави хемиско оружје. Фалсификуваа извештаи. Медиуми креваа хистерија. И нападнаа на Ирак. Убиваа цивили. Крадеа нафта како последни бедници. А хемиско оружје не најдоа. Денес знаеме дека такво оружје немало. Лажеле. За да можат да крадат нафта. Буш и Блер мува не ги лази. Медиумите продолжуваат да врескаат лаги за нови опасности што не постојат.
А пред Ирак врескаа за Авганистан. Врескаа дека талибанците се зло, а тие ќе донеселе мир и демократија. И нападнаа, убиваа цивили, па крадеа опиум. Потоа свиткаа опашките и посрани заминаа сосе нивните воени коалиции, оставајќи пустош зад себе. Факинг Сајгон, второ продолжение на безумноста. По пат ги уништија Либија и Сирија. Додуша во Сирија, чаталот им го зеде Русија, па уште повеќе ја намразија.
Еве сме сега, исто врескање, иста приказна, ама со Украина. Патем, Украина е држава на политички корисни идиоти исто како Нордистан.
Им користат на САД, ЕУ и НАТО за остварување на нивните перверзни фрустрации спрема Русија. Затоа ги натераа Украинците да се закрват со својот најблизок сосед и економски партнер. Потоа им плукнаа в лице, па ги оставија, ем во конфликт со Русија, ем без помошта што им ја ветуваа. Украина сега е регион оставен намерно во хаос, за да може налудничавиот Запад преку него да се конфронтира со Русите.
Како сега што се случува. Ќе видите, САД, ЕУ, НАТО, нивните зомби полтрони, впрегнати медиуми, експерти и аналитичари од кои и воловите имаат повеќе индивидуалност, ќе продолжат да врескаат дека Русите ќе удрат на Украина, ама тие први ќе нападнат на Русија.
Зошто би сториле таква безумност? Затоа што се безумни. Отидени се по ѓаволите. Духовно, материјално, чувствено. Секоја цивилизација дегенерира пред колапс. А Западот е веќе длабоко заглавен во таа своја политичка и културолошка дегенерација. Во сите пори на општеството. За нив Петар Пан е расист. Божиќ ги вреѓал чувствата на муслиманите. Муслиманите, претпоставувам, ги вреѓаат чувствата на будистите. Снежана ги вознемирува феминистките. Дедо Мраз требало да биде геј, оти до вчера, нели, ние мислевме дека е Хју Хефнер. За нив Дамбо и Пипи се исто така расисти, ама расистот Навални е океј, затоа што Русите го затвориле.
САД, кои го масакрираа половина свет, стојат пред економски колапс, над глава им виси граѓанска војна по југословенско сценарио, ама Русија е опасност. ЕУ не знае кај тера, се дави во своите двојни вредности, менува идентитети на народи, ама пак Русија е опасност. Британија се топори, биле подготвени за војна со Русите. Баш ме радува што им слугуваат на своите бивши колонии. Нека тргнат први во офанзива. Убаво ќе личи Русите да изградат мост на Темза како оној што цар Александар го крена во Париз.
Ако дојде до безумна војна, Западот ќе ја почне. И ќе тврди дека Русија почнала. А прогресивниот идиот ќе верува. Се надевам најпрогресивно ќе појде на фронт и ќе заврши како руска бесплатна работна сила по капитулацијата.
Е како Западот ќе нападне, а ќе тврди дека Русија почнала?
Како со хемиското оружје во Ирак. Врескаат дека Русија во јануари ќе ја напаѓа Украина. Затоа што руската војска се распоредила на границата со Украина. Па нормално, не смее руска војска да се распоредува кај сака на своја територија додека Бајден, Џонсон, Си-ен-ен и Би-би-би не им дозволат. А кој вреска? Оние што распоредија своја војска на туѓа територија околу Русија. Затоа што тие смеат да распоредат војска и во постелата на твојата интима.
И така, ако почне безумна војна што ќе ја прати планетата по ѓаволите, тоа ќе оди по следниот редослед. Западоидите врескаат за руска инвазија, ама тие ќе ги пратат украинските неонацисти, потомци на Бандера, врз кои официјален Киев нема контрола, први да удрат на руска територија. Русија, бранејќи се, жестоко ќе возврати. Тоа ќе значи дека Кремљ прв почнал, па затоа треба да се нападне. И ете го НАТО во крвава агонија. А потоа… потоа историјата ќе се повтори како ненаучена лекција. Иако, не знам дали сте забележале, ама Германија и Франција некако си молчат околу прогресивнава западна фашистичка анитруска хистерија. Оти они баш и не ги заборавиле лекциите за Наполеон и Хитлер.
Мислам, не се до толку глупи ко нордистанци.
А можеби се глупи. Може не знаат дека Наполеон и Хитлер никогаш не загубиле војна со Русија. Можеби се тоа само митови во кои ние непрогресивните веруваме. Може веќе утре ќе се јават нордистански „мит бастерс“ за да ни се насмеат в лице, оти веруваме во митот за поразите на Наполеон и Хитлер. Па ќе ни се објасни дека Котузов не ја запали Москва како дел од воената тактика, по која за Наполеон на Бородино стигна катастрофата, туку поради гнев што Бонапарта не му ја возврати љубовта. И Црвената армија не стигна до Берлин како победничка, ами тоа беа руски мигранти што бараа политички азил во цивилизирана нацистичка Германија. А да, и Ана Каренина не се фрли под воз, туку во прегратките на западните вредности.