Славна Европска Унија без единствен концепт за тоа што е Европа во цивилизациска смисла. Славни европски повереници за Балканот. Славен Кристијан Даниелсон, кој нас, Балканците нè учи да миеме раце по голема нужда за да влеземе во ЕУ. Славни европски миротворци со бомби што предизвикуваат малигни болести. Во сета таа слава, Европа нема слепа точка, нема темно или срамно место, нема анус
Минатиот пат, врз примерот на една реплика на една Американка, покажав дека и самите освестени Американци имаат свест дека нешто не е во ред со САД-оцентризмот. Дијана, лик од романот на Фуентес (зад која се крие американската актерка Џин Сиберг, инаку една од љубовите на Фуентес), за Холивуд вели: „Умислена величина, универзална. Она што таму се случува е најважно на светот. Сите други се будали… Само Холивуд е интернационален, космополитски. Кога ќе им докажеш дека не е така, те принудуваат да го платиш тоа, те мразат!“
Напишав уште: „Оваа слика за Холивуд, денес, 25 години подоцна, можете слободно да ја користите и за Европа. Конкретно, за Брисел. Она што таму се случува е најважно за светот. Барем за Балканот и оние што чукаат на вратата на ЕУ. Затоа и идејата дека она што Фуентес го пишува во 1993 г. за Америка, сега важи за Европа. Европа, очигледно се американизира во последниве 25 години.“
Продолжувам: зар Европа не направи свој Холивуд не само од Брисел, местото каде што се изрекуваат смртни или помилувачки пресуди за прием на „заостанатите народи“ во ЕУ, туку и од Судот во Хаг (и затворот „Шевенинген“), кој се занимаваше со расчистување воени злосторства против човештвото на балкански терен, односно на теренот на некогашна СФРЈ? Зар Хаг не работеше токму според мелодрамските принципи со црно-бело гледање на нештата (максимално добар наспроти максимално лош), исто како во холивудските филмови во кои Брус Вилис или Шварценегер (како врховни судии) го спасуваат човештвото од „лошите“: Руси, муслимани, Словени, Кинези? Такво стигматизирање, такво црно-бело, речиси нарцисоидно гледање на светот, со свеста „ние сме добрите, и затоа го спасуваме светот од лошите“ со децении е главното гориво на американската, а сега веќе и европската „протекционистичка“ политика. Спасувајќи ги Србите и Албанците од Милошевиќ со бомби со осиромашен ураниум, на пример, европскиот Холивуд го покачи процентот на заболени српски деца од малигни болести, и тоа е статистички факт. Наспроти тоа, висок европски претставник изјавува: „Тоа им е од пушењето, родителите на тие деца премногу пушат.“
Против тој и таков европски цинизам Фуентес пишува уште во далечната 1993 година, предвидувајќи го, со тоа што наместо за децата на Србија, говори за децата на Никарагва: „Што би рекла Дијана, кога би ги видела децата на Никарагва осакатени од оружјето на САД, Црнците што ги изгази и претепа полицијата на Лос Анџелес, парадата на големите лажговци во аферата во Иран што се колнат во вистината и се самопрогласуваат за херои на слободата?“ Само колку за појаснување: Фуентес овде мисли на прочуената афера „Иран-контра“ од времето на Роналд Реган, а не на сегашните несогласувања со Иран околу урнатиот американски дрон. Стануваше збор за тоа дека Владата на САД тогаш овозможи тајна продажба на оружје на Иран (кој беше под ембарго за продажба на оружје), за ослободување седуммина американски заложници од Либан.
Многу е индикативно како главниот лик во овој автобиографски роман ѝ одговара на Дијана околу нејзиното во суштина негативно мислење за Холивуд и САД како земја/култура на лицемерството. Имено, тој (алиас Фуентес) вели: „Европа го има она што вам ви недостига, а тоа е чувството за трагедија, за мера. Наспроти тоа, вие го имате тоа што им недостига на Европејците, чувството за неограничените можности на животот…“
Прашање за размисла: на која Европа со „чувство за мера“ и „сочувство за трагедија“ мисли Фуентес во сега веќе далечната 1993 година, кога денес Европа нема ни мера ни сочувство за туѓите трагедии (егзодуси, бегалци, миграции, барање леб во европски земји)? Ова прашање го оставам за следната колумна, зашто е круцијално за разбирање на денешна Европа, која целосно се оддалечи, па дури стана и спротивност на она од што тргна во филозофијата: од Аристотел и неговата филозофија на „средниот пат“ (мерата), како и од неговото сфаќање на возвишеноста на трагичниот јунак и сочувствувањето со него, што остава лековити, катарзични ефекти. Наместо тоа, сега се фокусирам на она – дека Американците ги дефинира, како колективен идентитет, „чувството за неограничените можности на животот“.
Еве како „третиот свет“, оној на Фуентес, светот на Јужна Америка гледа на тоа американско чувство за „неограничените можности на животот“, на „крвавата и грешна“ Европа, но и како Европа и САД гледаат на тој „нов свет“: „Ернесто Гевара, мртов, распнат како Христос од Мантењ, беше најубавиот леш на нашата епоха. Че Гевара беше Свети Томас Мор на Второто (или кое и да е) Европско Откритие на Новиот Свет. Од шеснаесеттиот век ние сме Утопија каде што Европа може да се измие од своите крвави гревови на лакомоста и смртта. Холивуд беше американска Содома, која крева револуционерни знамиња за да ги замаскира своите пороци, своето лицемерство, својата глад за чиста и проста материјална корист… Можеби она што им недостига на грингосите е едно сериозно чувствување на смртта, наместо чувството за слава. Не постои земја што ѝ придава толкаво значење на славата колку САД. Тоа е врвот на модерниот хаос, почесна стрелба, која веќе повеќе од половина милениум вели дека не сме доволни само ние, дури ни јас; освен името, се бара и презиме. Слава. Тоа уште тогаш го кажа Енди Ворхол: сите ќе бидеме славни во текот на некои петнаесет минути.“
Две нешта привлекуваат внимание во цитираниот извадок: Европа се мие „од своите крвави гревови“ преку Утопијата на третиот свет (за ова во следната колумна) и – американското „чувство за неограничените можности на животот“, за Фуентес се сведува на една обична, но ужасна страст – слава. И тоа на ниво на колективен идентитет. Слава? Па зарем наша и сегашна Европа не е исто така само крик по слава, отфрлање на чувството на смртноста и негова замена со „бесмртноста на славата“ (каква страшна и плитка американска заблуда: па славата е поминлива и од животот)? Не е ли тој повик на Фуентес за враќање кон „чувството за смрт“ (а со тоа и враќање кон чувството за грев) само обвинување за политичкото безбожништво на инаку приватно „многупобожните“ Америка и Европа? Европоцентризмот денес е знак за болниот антропоцентризам (најраширена болест на современиот свет, кој го отфрли поимот на сакралното), а антропоцентризмот е само друго име за „слава“. Славни европски писатели (од кои половината аматери во споредба со нашите) за добар хонорар по балканските саеми на книги – добра тезга што не се пропушта. Славни европски политички брендови што за ситна пара отвораат „невладини организации“, со кои потоа управуваат со сиромашни држави како со далечински управувач. Славна Европска Унија без единствен концепт за тоа што е Европа во цивилизациска смисла. Славни европски повереници за Балканот. Славен Кристијан Даниелсон, кој нас, Балканците нè учи да миеме раце по голема нужда за да влеземе во ЕУ. Славни европски миротворци со бомби што предизвикуваат малигни болести. Во сета таа слава, Европа нема слепа точка, нема темно или срамно место, нема анус. Освен кога ќе се сети, одвреме-навреме, за таа функција да го делегира Балканот, потпалувајќи му со тоа неосновани очекувања дека еден ден ќе биде уста, а не анус: орален, а не фекален дел од Европа, со право на глас.
(Продолжува)