Лидерот на ДУИ е најдолговечниот политичар што игра под рефлекторите на македонската политичка арена. Од командант Абаз се преобрази во незаменлив господин Ахмети. Не е важно чиј цар во историското минато бил Самуил, многу поважно е чиј цар е или ќе биде во иднина Али Ахмети, кој во својот џеб го држи клучот што секој македонски политичар го бара доколку сака да стигне до рајските врати на власта. Иако неговата кариера е испреплетена со мноштво контроверзии, мистерии, почнувајќи од дијагнозата што му ја дале швајцарски лекари како шизофреничар, преку наводите дека бил таен агент на УДБА, па до корупциски скандали и тврдења за земање мито од 7,5 милиони евра, Ахмети успева да опстане и да создаде непробоен штит пред себеси изминативе 20 години
Овој јануари уште непочнат, наместо со длабока снежна покривка, се обои со аурата на Али Ахмети, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), најголемата етнички чиста партија на Албанците во Македонија. Негови колеги, високи функционери во партијата, во политичките и извршните органи на државата, јавно му ги одбележаа неговите 62 години во една нова државна институција, иако славење родендени не е обичај во исламската култура и традиција. Од едни набљудувачи прославата беше оценета како гест на почит кон авторитетниот претседател, а од други, во мнозинство, како злоупотреба на државни канцеларии и промоција на лични и партиски цели. Не изостанаа ниту мислењата дека со овој јавен чин, ДУИ и Ахмети со намера ги демонстрираат своето значајно политичко присуство и силата со која располагаат во последните дваесет години.
Али Ахмети е најдолговечниот политичар што игра под рефлекторите на македонската политичка арена, особено во машка конкуренција. Пред него по политички, по собраниски стаж или учество во извршната власт во двете конкуренции е само Радмила Шеќеринска, единствената тридецениска, континуирано стабилна константа во редовите на Социјалдемократскиот сојуз. Произведен во вториот косовски идеолошко-воен ешалон, Ахмети за дваесет години израсна во прв и водечки политичар во Македонија. Од командант Абаз се преобрази во незаменлив господин Ахмети. Не случаен му е војничкиот псевдоним. Арапското име Абаз во ономастичката симболика значи лав или оној што е намуртен. Ако се дозволи послободен превод, тогаш неговото описно име би значело – намуртениот лав.
Клуч за рајските врати
Пред него, пред неговата кариера и влијание врз македонските политички процеси бледнеат атрибутите на Киро Глигоров како Стар Лисец и на Бранко Црвенковски како Папа. По ум, по сила, по влијание и власт, Ахмети им одржа лекција на сите политичари како се бранат интересите на својот народ, како се остваруваат целите, дури и оние што биле незамисливи во одредени периоди. Што заради годините, што заради несогласувањето со другите албански партии, не може да се нарече татко на Албанците во Македонија, но на неговата глава може да сјае круна како цар на сегашната политичка генерација Македонци во Македонија (сега Северна). Заслужено, зашто во својот џеб го држи клучот што секој македонски политичар го бара доколку сака да стигне до рајските врати на власта. Не е важно чиј цар во историското минато бил Самуил, многу поважно е чиј цар е или ќе биде во иднина Али Ахмети.
Без него, без негова согласност, Македонците не можат да направат ниту еден самостоен чекор. Од него зависи какво ќе биде Собранието, која партија ќе состави влада, кој ќе биде претседател на таа влада, кој ќе биде претседател на државата, какви закони ќе се донесат, кои ќе се изменат, а кои ќе се отфрлат. Неговите 12-15 пратеници вредат колку преостанатите 120. Со него и со неговата партија е поврзано и пресудното влијание на меѓународниот фактор врз македонската држава и државност. Трпелив тактичар, главно молчалив практичар, не брзозборен спринтер туку издржлив долгопругаш, подготвен да коалицира со кого било, Ахмети покажува на дело како идеите се претвораат во стварност. Речиси за ништо не зема прв збор, но за сешто го има последниот. Иако не е омилен кај сите Албанци во Македонија, иако добар дел опоненти го сметаат и нарекуваат криминалец, мува го нема полазено од кого било и по кој било закон. Опонентите го сметаат и за енормно богат, милиони евра стекнати од државни тендери и други договори, но и тие што го критикуваат не излегле со докази.
Иако досега не го признал македонскиот јазик како официјален јазик на државата, иако никогаш јавно не проговорил на овој јазик, тоа не му претставувало пречка да го каже она што сака. Не само да го каже туку и да го постигне. Во неговата политбиографија, која допрва ќе се пишува, ќе бидат наредени успесите за масовно вработување на Албанците без соодветни квалификации во државни институции и претпријатија, воведувањето на албанскиот јазик како рамноправен службен јазик со македонскиот, воспоставувањето рамнотежа во финансирањето на општините, обезбедувањето пензии и плати за мнозинството учесници во ОНА без да одат на работа и уште многу други поволности за повластениот дел од припадниците на неговата етничка заедница. Додека Заев и СДСМ се обидуваат да градат едно општество за сите, додека ВМРО-ДПМНЕ се урива самото себеси, а Мицковски безидејно лута во опозицискиот концепт, додека двете најголеми партии се задушуваат во ирационални спротивставувања и простачки соопштенија, Ахмети и ДУИ ги исцртуваат проширените граници на нивното владеење, оформуваат посебна, општествена, политичка, образовна, културна и кадровска етнички чиста национална администрација, со сите нужни државотворни прерогативи со кадри прекубројно сместени во сите институции, јавни претпријатија, во извршната и во судската власт. Така подготвени, манифестирајќи арогантен и заканувачки однос, омаловажувајќи ги интересите на мнозинската македонска заедница, ги очекуваат евентуалните балкански и македонски можни потреси во иднина, како и разврските од тој претпоставен епилог.
Од воен командант до уважен политичар
Токму јануари 2001 е месецот кога сегашната партија ДУИ се појави во Република Македонија, како тогашна воена формација под името Ослободителна национална армија (ОНА) и кога првпат се слушна за името на Али Ахмети, воен командант, кој подоцна пред загрижената публика, од зафрленото тетовско село Шипковица, се претстави со фотографија на која чита книга чиј наслов не можеше да се види. Освен Ахмети, познат стана и неговиот вујко Фазли Велиу, политичкиот комесар и стратег на воената опција, кој тогаш го носеше епитетот за идеолошки татко на внукот. ОНА ја почна војната на 22 јануари, со нападот на полициската станица во Теарце, конфликтот се разгоре во февруари преку Танушевци, за подоцна да добие карактеристики на класична војна, што заврши во август истата година, со потпишување на Охридскиот рамковен договор.
Воените дејства, водени главно во Тетовско и во Скопско, најпрво третирани како терористички инциденти, експресно почнаа, експресно и завршија, но до денес никој не ги има објаснето деталите што и кој, всушност, беше главниот инспиратор и организатор на тоа неколкумесечно војување. Остана неразјаснето учеството на американските советници во редовите на ОНА, превртливата политика на НАТО и ЕУ кон дефинирање на конфликтот, како и многу други воени и политички елементи што до денес се покриени под пластот на државна тајна. Од денешен аспект може да се заклучи дека е утврден само еден историски факт: победник во таа сѐ уште енигматична војна се Али Ахмети и ДУИ. Македонската страна е поразена и посрамотена, од тој воен дебакл македонската политика и држава не само што уставно се променија туку до ден-денес не може да закрепнат, да застанат на здрави нозе. Набргу по постигнатиот успех, наводно распуштената ОНА од воена формација се преобрази во легална и легитимна политичка партија под името Демократска унија за интеграција. Дотогашниот командант, познат по герилското име Абаз, стана претседател на таа партија и веќе доби титула на уважен господин Али Ахмети, а неговите потчинети, оние со пониски револуционерни чинови, станаа пратеници, министри, директори на јавни претпријатија, градоначалници во 10 од осумдесетте општини во Македонија. Иако при самата појава лидерите на големите македонски партии јавно изјавуваа дека нема да соработуваат со ДУИ, набрзина си го поткасаа јазикот, Ахмети им стана главен, неизбежен и најважен партнер.
Македонија, Југославија, Швајцарија
Роден во кичевското село Зајас, по што некои го именуваат и како Орелот од Зајас, а е Јарец по хороскопски знак, Али Ахмети има богата биографија на успешен човек, но полна со контроверзии, вклучувајќи ја и приватната, дека неговата покојна мајка била Македонка со исламска вероисповед. Завршил факултет за литература во Тирана, стекнато солидно образование што се воочува при секое негово интервју, карактеристично со колоритни нијанси, по што се разликува од сувопарноста на македонските политички актери. На Косово бил член на илегалната организација „Марксисти – ленинисти“, тогаш напредна, комунистички насочена, организација составена главно од млади Косовци, најмногубројна по студенти и интелектуалци, незадоволна од положбата на Албанците во Југославија. По откривањето на неговата непријателска дејност (според тогашните закони), бега во Швајцарија, од каде што повторно, кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, се враќа како герилец во редовите на УЧК (Ослободителната армија на Косово). Во врска со престојот во Швајцарија, познат е податокот дека е прерано пензиониран. Не е тајна дека му била дијагностицирана шизофренија од страна психијатри и бил прогласен за неспособен за работа. Овој податок знаат под нос често да му го поттурнат непријателите, но пријателите секогаш ќе ви објаснат дека симптомите за таа дијагноза ги симулирал сосема свесно и намерно за да може да се врати и да дејствува во Косово, со додавка дека нема поткупливи доктори само во Македонија, такви може да се најдат и во Швајцарија. Од Швајцарија му остана и забраната за влез во таа земја, забрана што ја има и за во САД, под образложение дека се смета за закана за општата безбедност.
Аферите со „Маѓар телеком“ и прислушувањето
Контроверзиите и аферите го следат и во Македонија, речиси цело време од неговото појавување. Тие се пред сѐ политичко службени, не се однесуваат на неговиот приватен живот, кој, сепак, го држи подалеку од очите на јавноста. Ако не ги набројуваме ситните подметнувања што му ги вршат опонентите од помалите албански партии, меѓу покрупните афери може да се посочи појавата на фотокопии од досиеја на соработници на југословенските тајни служби, наводно случајно најдени во нечиј двор во 2010 година. Досиејата за Муса Џафери (Мама), Фазли Велиу (Вујко) и Али Ахмети (Ибар) силно ја разнишаа тогашната владина коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Особено досието „Ибар“, каде што се наведува дека УДБА како соработник го регистрирала и регрутирала Али Ахмети под скриен идентитет, со лична карта и пасош на име Александар Антиќ. Но иако имаше судски процес, на крајот таа афера замолкна со судското образложение дека постапката се прекинува поради немање оригинали. Кога станува збор за аферите, неизбежно е споменувањето на скандалот со „Маѓар телеком“. Поранешниот шеф на тајната македонска полиција Слободан Богоевски јавно, во повеќе наврати, изјави дека Али Ахмети, Муса Џафери и Владо Бучковски, како претседател на Владата на Македонија, примиле поткуп од 7,5 милини евра од грчкиот бизнисмен Кондоминас за да му овозможат на „Маѓар телеком“ поповолна, монополска позиција на пазарот за телекомуникации во државата. Богоевски тие изјави ги потврди и официјално пред Меѓународниот суд во Њујорк, каде што ѝ се судеше на унгарската компанија, но сето тоа не беше повод македонските судски органи да поведат каква било постапка.
За обележување е што во мегаскандалот со прислушуваните разговори, Али Ахмети (заедно со ДУИ), иако беше десет години заедничка власт со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, е единствениот политичар од висок ранг за кого, или од него, не е објавен ниту еден разговор. И покрај јавните закани и покрај ветувањата дека сѐ ќе излезе на видело, сите тие приказни завршија во темнина. Податок што сам по себе говори за непробојниот штит што го има поставено пред себеси овој неприкосновен успешен политичар, сега и со академската титула доктор хонорис кауза, односно почесен доктор на правни науки на Тетовскиот универзитет.