Александар Русјаков, собрани дела и злодела

Бегам од политиката. Немам веќе што да барам таму. Неподносливо е. Сакам да сум идиот според дефиницијата на Аристотел. Сакам да сум идиот и според дефиницијата на Достоевски. Ама таа, политиката, како психотична љубовница, упорно ми се пика в постела. Меѓу редови. Се подметнува. И јас морав да ја исфрлам од себе

„Каде ти се сега, Русјаков, твоите фашистички гомна?“
Непознатиот лик се движи десетина чекори пред мене. Нервозен од. Брзи чекори. Мене главата ми чури од сонцето.
„Што фашизам?“, прашувам.
„Твоите фашистички гомна што ги пишуваш (дузина пцости што не можат да влезат во дневен весник)“
Нервозен тип. Не се врти. Глас полн омраза. Звучи опасно. Ваквите лесно кршат глави. Немам проблем со тоа. Одам зад него.
„Фашизам е кога насила ти го земаат идентитетот“, велам кон неговиот грб. Тој не се врти.
„Не јади гомна, да не ти се вратам (пцости), ќе ти ги искршам сите прсти, да те видам тогаш како ќе пишуваш“.
Влегува во автомобилот. Јас продолжувам да се движам. А и што да правам? Ја чувствувам вибрацијата. Совршена омраза. Тој навистина би ми ги скршил прстите.

И главата. Тоа сигурно го знам. Ама знам и нешто друго. Немам проблем со неговата омраза. Тоа е чувство исто како љубовта, само обратно. И јас не сакам да се бунтувам против туѓите чувства. Како што либералните неонацисти сакаат да ги забранат. Освен сопствените, секако. И уште нешто знам. Свесноста дека туѓата омраза сака да ми ги искрши прстите, главата, да ме затвори, силува, измачува, убие, ич не ме плаши. Не ме плаши физичкото насилство. Од една единствена причина. Јас не знам да се тепам. Никогаш не сум се тепал. Тоа значи дека не можам да се одбранам. А кога знаеш дека физички не можеш да се одбраниш, нема од што да се плашиш. Стравот е за оние што знаат да се тепаат. Оние опасните. Тие лесно може да ја загубат гордоста. И уште нешто трето. Ако не знаеш да се тепаш, ми објаснувале оние неколку мои навистина опасни пријатели, а те нападнат, еден, двајца, биди концентриран, издржлив и првиот вистински момент што секогаш постои, цели на очите. Тоа никогаш не би го направил. До смрт да ме тепаат. Никогаш не би осакатил човек. Не би можел да живеам со таков товар на душата. Еднаш сторив нешто слично. Во детството. Постар другар од соседството наеднаш одлучи дека му е интересно да ме малтретира. Тоа траеше два дена. Трпев. Никому не му кажував. Ама во еден миг не издржав.

Не знаејќи физички да се бранам, буквално го подигнав в раце. Отсекогаш сум имал сила за кревање тежина. И денес исто. Го подигнав и го фрлив право во ѕидот на зградата. Со `рбетот удри на бетонскиот раб. Една недела подоцна се појави со корсет. Повреда на `рбетот. Никогаш нема да си простам за тоа злодело. Сеедно што беше детска непретпазливост.
А благодарен сум за вербалната омраза од непознатиот човек. Сигурно сум ја заслужил со нешто. Оваа случка во мене роди креативно решение. Едно од делата што ги пишувам нема свој почеток. Иако имам доста материјал напишано. Еве го почетокот. Вака ќе почнам. Со ова што ми се случи мене. Иако романот не е за мене, туку за она што секојдневно го гледаме околу нас и во светот. Идеолошка омраза меѓу луѓето. Јас сум убеден дека таа ќе заврши со војна. Ваквата идеолошка омраза кај нас сè уште е мека, да не речам цивилизирана, ама погледнете ја Америка. Таму омразата веќе маршира, вооружена е, пука, убива. Тие се на раб на граѓанска војна и тоа ќе биде погубно за нив, но и за светот.

Романот во фаза на создавање, „Ел фашисто“, е надреална гротеска за измислена држава во која владее демократијата на либералната диктатура. Младиот твитерџија, кој се потпишува Ел Фашисто, ги ремети чуварите на политички коректниот морал. Активиран е сиот државен полициски капацитет во ловот на овој опасен елемент по слободата да се забранува и правото да се љуби омразата кон различните. Во мигот кога ќе го откријат (тоа му успева на неговиот татко, агент-истражител-обвинител на тајната етичка полиција) врз главниот јунак се спроведува невидена, но одобрена и посакувана психофизичка тортура директно пренесувана на телевизија.
А физичкото насилство ми е познато. Сум се соочувал со него. Особено во младоста. Луѓето имаат чудна потреба физички да го нападнат она што не го разбираат. Таа потреба ги прави различни од животните и човештвото се гордее со тоа. Поединци и групи добиваат желба за насилство зашто ги збунува нешто што јас носам на себе.

Албинизмот, на пример. Сите овие чудни, смешни, насилни, блесави и несекојдневни епизоди ги ставив во речиси завршениот роман „Албино-трип“. Ова е дело за злоделото да се биде поинаков.
Бегам од политиката. Немам веќе што да барам таму. Неподносливо е. Сакам да сум идиот според дефиницијата на Аристотел. Сакам да сум идиот и според дефиницијата на Достоевски. Ама таа, политиката, како психотична љубовница, упорно ми се пика в постела. Меѓу редови. Се подметнува. И јас морав да ја исфрлам од себе. Ги исфрлив фрустрациите низ роман. „Секс, дрога и Владимир Путин“ се вика. Ќе се кренат пискотници до небо. Многумина ќе го викаат мракот, велејќи, оди проголтај го. Добро е да те проголта мрак поради уметност. Тоа раѓа светлина.
Бев и во обвинителството да сведочам за серијата „Македонија“. Онаа што јас ја напишав. Онаа што не се случи. Онаа чиј спот го вртевте на социјални мрежи. Јас не го постирав. Не го ни изгледав. Ме боли. Родив, а ми го убија плодот.

Затоа веќе не ме интересира. Знам што ќе правам со оние 600 страници одлично сценарио. Ќе напишам совршен роман. „Сага за Немови“ ќе се вика. Без разлика дали ќе ме казнат за тоа што сум го напишал. Тоа е добра казна, да те казни политиката за уметност. Оти и мечтите за некои се злодело.
Но мое најголемо злодело пред Бога е што не родив живот. Раѓам дела и злодела, ама не и живот. Себичен, вообразен, преокупиран со сопствената страст да творам реченици осум часа дневно, ама и до скоро непотребно забеган со љубов кон Македонија и војната против изопачената светска моќ, ме направија незаинтересиран самотник. Така изграден како грешник и писател, краткотрајните љубовни страсти ми беа одлична терапија. Ама тие не создаваат семејство, не раѓаат живот. Добивав тони љубов, а јас ги шмркав на грамови. Наркозависник од сопствената страст кон осаменост и пишување. Затоа од мене не се роди живот. А животот трае 90 минути. Со оваа реченица започнува романот во процес, „Милан – Ливерпул 3:3“. Тоа е приказна за сето тоа што јас не го родив. Приказна за самохран татко и неговата шеснаесетгодишна ќерка. Луда, среќна, тажна, потресна приказна за љубовта кон животот и кон сопственото дете, раскажана преку речникот на фудбалот. Затоа што животот трае 90 минути, може да добиеш продолженија, ама секако ќе загубиш на пенали.

Ете ви ги моите необјавени собрани дела и сторени злодела. Ќе ги напишам сите, ако не ме изеде мракот. Ги признавам сите злодела и виновен сум за нив. А оваа кратка исповед излегува откако во издание на „Арс ламина“ беше промовиран мојот роман „Курвински хроники“. Брутално искрена приказна за нашата научнофантастична перверзна реалност, во која ништо не научивме од минатите гревови, ама затоа ги рекламираме како модни трендови.