Доколку ДУИ освои 11 пратеници, а резултатот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биде неизвесен и тие не можат да формираат влада без пратениците на ДУИ, а пратениците на Алијансата се недоволни за мнозинство, ДУИ е на чекор до остварување на сите цели
Во времето кога ќе го читате коментаров ќе бидат познати резултатите од парламентарните избори и во зависност од нив ќе се наѕира одговорот на прашањето „Pse Jo?“ – Албанец премиер – зошто не? За да ги согледаме можните исходи, мора да се погледне мотивацијата на ДУИ зад ова прашање?
ДУИ минатата есен говореше за напуштање на меѓуетничките односи како арена на партиски натпревар, за фокус на економијата и инфраструктурните проекти, дури се спомнуваа познати експерти што работат на програмата. И од тоа, едно големо ништо. Кампањата на ДУИ се позиционира на полето на меѓуетничките односи и споделувањето на моќта со платформата за етнички Албанец за премиер, за нови правила во одлучувањето, за нови потреби за албанскиот јазик (задолжително учење за сите) итн. Пред само неколку месеци од укинување на Секретаријатот за Охридскиот рамковен договор, поради исполнување на целите на истиот договор со донесувањето на Законот за јазици, до отворање на повеќе поглавја на Охридскиот рамковен договор со барања што се надвор од самиот договор. Зошто се одлучи ДУИ за тоа?
Меѓуетничките односи или заштита на идентитетот не се меѓу првите општествени предизвици ниту за етничките Македонци ниту за етничките Албанци. И за едните и за другите економијата е најважен општествен предизвик, тука се и борба против криминалот и корупцијата, ЕУ и НАТО, па дури и потоа меѓуетничките односи. Економијата е прв приоритет за еден од тројца етнички Албанци (32 проценти), борбата против корупцијата за 7,5 отсто, а меѓуетничките односи за 4,4 отсто, а истите тие се важни само за 0,4 отсто од етничките Македонци. Иако меѓуетничките односи се со низок општествен приоритет, истите тие сѐ уште се со голем потенцијал за поделби. Со идејата за Албанец премиер се согласуваат само 2,9 отсто од етничките Македонци, наспроти 93,6 отсто, кои не се согласуваат. Кај етничките Албанци е обратно, се согласуваат 72,5 отсто, а не се согласуваат 19,5 отсто. Дополнителна контроверзија предизвикува тоа што ДУИ и предложи конкретен кандидат, бидејќи е крајно невообичаено предлог за премиер да доаѓа од партија што би била трета по резултати на изборите. Премиерот Албанец или не, нормално е да биде од партијата победник на изборите.
Првата можна причина се ривалите, првпат од двете страни на политичкиот спектар. На овие избори се случи првата предизборна коалиција на СДСМ со Беса – партија на етнички Албанци. На претходните локални избори ДУИ и СДСМ беа во неформална коалиција. ДУИ од една страна се соочува со коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива, ривал кај гласачите етнички Албанци на десната страна, а од друга страна со „Можеме“ – коалицијата на СДСМ на левата страна. ДУИ е соочен со ривали од двете страни на политичкиот спектар. Со предлогот Албанец премиер, ДУИ се наметна во кампањата и ваквото барање ја фрли во сенка Алијансата на Албанците, а СДСМ го наведе на грешки. Лошите реакции на СДСМ за идејата Албанец премиер, иако СДСМ внатре има солидни кандидати, ги поткопа коалицијата „Можеме“ и капацитетот за придобивање гласови на етничките Албанци. Оттука се чини дека за ДУИ најважен мотив е задржување на позицијата „победник“ меѓу етничките Албанци.
Втора можна причина е зајакнување на постизборната преговарачка позиција. Во очекување на неизвесни и тесни резултати на изборите, слично како во 2016 г. со тиранската платформа и барањето на Албанец претседател на Собранието, ДУИ и сега го зголемува влогот во преговорите со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.
Ова немаше да биде успешно ако ДУИ не успееше да ги вовлече политичките ривали во низа на грешки. СДСМ контра идејата најави можност за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, што веднаш доведе до збивање на редовите меѓу албанските партии со изјавите дека ќе се формира албанска паралелна влада, и дури и закани за конфликт.
Третата можност е дека барањето за Албанец премиер е „катиљ ферман“ за Зоран Заев, испорачан од меѓународната заедница преку ДУИ. За потсетување, во 2016 година дури Груевски очекуваше да стане премиер, ДУИ беше алатката за неговото симнување. Доколку ДУИ е неопходен за формирање влада, и дури и Албанец не биде премиер, за очекување ќе биде ДУИ да бара премиер што би бил „консензуален“. Во тој случај Зоран Заев би морал да се задоволи со зачувување на лидерската позиција во СДСМ, со надеж дека од заднина би ја контролирал Владата. Вакви надежи имале сите политички лидери во заминување. И ова може да важи и за другата страна, за ВМРО-ДПМНЕ.
Секако, сите три можни цели: одбрана на позицијата „победник“ меѓу етничките Албанци, подобрување на постизборните преговарачки позиции или отстранување на Зоран Заев од премиерската позиција, ќе зависат од резултатите на изборите. Доколку ДУИ освои 11 пратеници, а резултатот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биде неизвесен, и тие не можат да формираат влада без пратениците на ДУИ, а пратениците на Алијансата се недоволни за мнозинство, ДУИ е на чекор до остварување на сите цели. Секако тука е резервната варијанта за тиранската платформа 2, преку која меѓународната заедница директно би се замешала во формирањето влада.
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Ковид-19 #Избори2020