Се надевам дека редакцијата и свесните читатели ќе ми простат што си ја препишав сопствената колумна, за Право и (не)правдина, објавена во „Дневник“, петок, 6 септември 2013 година. Немам сега што да додадам, освен: се мразам себеси (се надевам дека од државата, нема да бидам суден за ширење автоомраза)… Подолу, сѐ е препишано до збор
Ангел Иванов
Секој од нас има право на правдина. Ама на моменти се чувствувам како Зајко. Си седи така Зајко во гората и си мисли: бати правото, бати! Волчко имал право да ме гони. А јас, пак, сум имал право… да бегам. Секој во природата, во животот си го прави својот избор: да биде Зајко или Волчко. По законите на Дарвин, посилните видови опстануваат, јадејќи ги послабите. Поголемите риби и животни ги јадат помалите. Понекогаш малите се јадат помеѓу себе. Македонците во моментот се на крстопат. Не знаат – големи ли се, мали ли се. Се мислат за големи, ама се однесуваат како мали. Не знам зошто сега морам да го цитирам В.И. Ленин: „Секој човек е ковач на својата судбина“. А, судбината се случува само еднаш. Не може секој ден да ти е судбина. Утре да почнеш одново. Во египетската митологија постои богот Каирос. Тој во сечиј живот влегува само пет минути. Не се враќа никогаш повторно кај истиот човек. Нема нови пет минути. Секој мора да ги искористи своите пет минути за да трае пет века или пет милениуми. Тие пет минути од богот Каирос му даваат можност секому – само еднаш. Ти, дали ќе опстоиш пет минути или пет века не е грижа на богот Каирос.
Во античката, грчката митологија, постои крилестата божица Атина Ника (победа).
Итрите Грци, сакајќи трајно да остане кај нив, ѝ ги отсекле крилјата. Се вика Атина Аптерос (бескрилна). Вечно да остане на Акропол, на влезот, на Пропилеите. Не постојат вечни победи, постојат вечни борби. Постојаниот циклус на борби ги движи нештата. Ние мислевме дека е доволно да ни се случи 8 септември 1991 и тоа за нас ќе биде победничката за век и веков и ја оковавме победата во бронза во Паркот на жената-борец. Нема ничија победа без нечиј пораз. Со 8 септември накрививме шапка и сега може да се оди на Халкидики, одгоре на тоа, без визи. Ние во највизни времиња настојчиво чекавме таканаречен „понижувачки“ начин на вадење визи. Спиевме со денови во автомобилите пред „грчка амбасада“, која всушност е канцеларија за врски, но ние од почит и уважение ја дигнавме на ниво на амбасада. Кој во милионите формулари пишал националност – Македонец? Целта беше да земеш виза, а не државјанство. Државјанството (Македонец) е за домашна употреба. Ние на факултети, кога ќе снема квоти за Македонци, се впишуваме како Роми, Срби, Албанци, Турци…
Добро, сега се случува некому да му ги откорнат табличките таму, да ја исчкртаат вратата или стаклото, но тоа не е ништо наспроти нашата патриотска претстава за туризам. Ние нашите туристи ги претепуваме до смрт, ги потопуваме без чувство за срам и одговорност. Чекањето на граници со часови е сосема нормална појава, се разбира тоалет може да користат во соседните држави, но не и на нашиот граничен премин. Една кафетерија со 10 маси или 40 столчиња, задолжително треба да има тоалет, инаку – клучот со солидна парична казна е готов. Граничен премин низ кој минуваат 20.000 патници дневно, не е задолжително да има тоалет. Ако го има, тогаш нема вода. Ако има вода, тогаш пишува „водата не е за пиење“. Можно ли е една приватна бензинска пумпа да е посредена од државен граничен премин. Оние што попатно и незапамтено ја минаа (онаа) Македонија, без исчкртани врати, чија штета повеќе ја паметат осигурителните компании отколку „оштетените“, кои, покрај сторените штети, не сакаа да пријават на грчката полиција, бидејќи тоа бара записник, а тие не сакаат да влезат „во списокот“, бидејќи за 8 септември планираат да одат во „Икеа“ и ќе ги има во грчкиот компјутер. Изјавите за телевизија ги даваат со снимки од колена надолу.
Со оштетените македонски таблички се возат една деценија низ Скопје. Грчката канцеларија за врски го покрива дипломатското МК со црна изолир-лента. Никој, вклучувајќи ја и државата, не протестира за тоа. Пред дваесетина години, авионот на „Палер Маседониан“ беше бојадисан на аеродромот на островот Крф – со поликолор беше покриено „Маседониан“. Некој од патниците да беше трогнат или навреден или протестно да го напушти Крф? Или државата да им даде закрила во такви околности. Си замислувам „маж“ Македонец: се буди во Ханиоти, вториот ден од летниот одмор и… колата исчкртана! Веднаш, со заповеден и остар тон, на жената ѝ командува: пакувај се, и ти и децата, и си одиме во Дојран! Има ли „маж“ што може да ѝ го заповеда тоа на сопругата? Ќе си отседи 10 дена и штетата никому нема да му ја пријави. Па, среде Скопје Пангалос нѐ направи хомосексуалци и ние за возврат тоа го преведовме како „несмасна шега“. Не сум бил во Владата, нема ли таа влада врата, за да му ја покажат?! Е па, навистина сме поднаведнати. А, наведнати не заслужуваат гордо име.
Се бара дозвола за изградба на параклис (гр. божем црква). Тогаш за вистинска црква ќе треба навистина да се измисли име. А кројачот не сака да чека. Штрака со ножиците. Сака да (пре)крои. Аксиос почнува да тече нагоре. Ќе се спои со Вруток, додека ние се „консолидираме“ и станеме еден. По стапките на Александар Велики, во Атина отиде Али Ахмети. Се надевам (посакувам) неговото одење во Атина нема да биде толку историско и судбоносно како она на Александар. Ги заборавивме и прежаливме некако таблите на „Даме Груев“ (Шемшово), чкртањето на авионот, авионите и лепенките (ПГДМ), ако некој воопшто ги жалел. Ако ја променат и оваа табла, не знам која ќе ни прилега. Не е тука повеќе Тоше Проески да испее нова навивачка песна, со ново заглавие. Овој 8 септември ми е помалку празничен и свечен. Некако ми е горчлив. Да знаев дека не ве бидува, немаше да ве заокружам пред 22 години. Како би рекол војводата Љубчо Георгиевски: „Го замрзнувам потписот“!
П.С. Напишано и објавено пред 4 години, 11 месеци и 28 дена. Се мразам себеси.