Кој е авторот на Охридскиот рамковен договор? Имајќи предвид дека преобмислувањето на македонската држава започна во Охрид во 2001 година, секако, дека е нормално да бидеме љубопитни околу тоа како течеше процесот што кулминира со парафирањето на договорот на 10 август во Охрид и негово потпишување на 13 август 2001 година во Скопје. Првичниот импулс на секој љубопитник би бил да се нурне во публицистичкото издаваштво во Македонија што се занимава со тој момент од македонската историја. Но како по обичај, тука постојат само елементи во трагови расеани по неколку неуспешни обиди за есеи низ македонските неделници, некои мошне весели поглавја во серијата автобиографски книги на Стојан Андов и тука некаде завршуваат сите самоникнати македонски описи на дипломатските процеси пред, околу и по Охрид.
За среќа, веќе постојат записи во издадените белешки на меѓународните чинители вклучени во охридскиот процес и, воопшто, во целата македонска воена 2001 година, па може да дојдеме до некои најосновни рисунки околу маглите што го обвиткуваат ова клучно поглавје на најсовремената македонска историја.
Досега низ моите раце поминале книгите на американскиот „олеснувач“ на охридскиот процес, Џејмс Пердју, и на клучниот дипломат во тимот на европскиот олеснувач Франсоа Леотар, Фернандо Џентилини. И двајцата ѝ се многу добро познати на македонската јавност, за жал, Пердју веќе е покоен, но Џентилини сè уште е еден од водечките европски и италијански дипломати, актуелно управен директор за Блискиот Исток и за Северна Африка во европската служба за надворешно дејствување (ЕСНД).
Се разбира, книгите објавени од активни или од пензионирани дипломати што доаѓаат од сериозни држави треба да се земат со огромна доза на резерва. Степенот на доверливост во вршењето на најчувствителните државни работи подразбира дека нивната публицистика проаѓа низ најригорозни цензорски проверки низ неколку тела на нивните влади, покрај за нив матичните дипломатски служби, па крајниот производ е исплакнат текст што изобилува со „интересни“ и „возбудливи“ озборувачки детали, но изостанува самата срцевина на нивните доживувања, средби и случки затоа што огромен дел од нив се наоѓаат во сè уште активните досиеја за земјите, актерите и процесите во земјите каде што се наоѓале во мисија. Сепак, дури и ваквите промиени текстови ни овозможуваат да ги согледаме процесите и да носиме заклучоци.
Првиот заклучок е и наједноставниот, односно дека Западен Балкан се наоѓа цврсто во канџите на американскиот белоглав орел и дека американското геостратегиско влијание во регионот е клучно и критично, неопходна состојка во сите тукашни процеси. Вториот заклучок е дека, покрај САД, синхронизирана и воедначена политика за Балканот имаат и другите земји од „квинтата“, поточно Велика Британија, Германија, Франција и Италија (внатрешното функционирање на „квинтата“ на Балканот, нејзината улога во внатрешните политички процеси на балканските земји, самиот настанок на оваа формација од некогашната „контакт-група“ е тема за посебен осврт). Третиот заклучок е дека процесите на Балканот се далеку од завршени и дека клиповите на дипломатската машинерија сè уште се во движење, кое не е извесно какви крајни резултати ќе произведе и во кои околности. Се чини дека дури ни во самата квинта нема консензус кога, како и каде ќе се затвори „балканското прашање“. Четвртиот заклучок е дека балканските држави, за жал, не умеат да изготват јасна сопствена национална визија, па во виорни времиња стануваат монета за поткусурување на геополитиката. За несреќа, оттука произлегува и петтиот заклучок дека Македонија е дополнително унакажана во кроењето автономна национална визија заради слабоста на нашите клучни институции, од дипломатијата, преку академијата, па сè до националните политички партии. Притоа не мислам тука на бирократската слабост, туку на изостанокот од жестока внатрешна интелектуална дебата што ќе произведе јасна национална визија, наместо овој инерцијален „лет во место“.
Но да се вратиме на самите книги. Пердју и Џентилони се дел од пионерите на американската и на европската дипломатија што своето огнено крштевање го имаа на ридестиот Балкан, во моментите кога тука политичкиот дијалог се одвиваше со оружје, наместо со зборови. Во меѓувреме и двете дипломатски служби развија цела армија дипломати што ротираа низ балканските главни градови и клучни жаришта на конфликтите, како низ националните амбасади така и низ балканските претставништва на азбучната супа од разно-разни регионални и меѓународни мисии.
Сепак, Пердју и Џентилони се сведоци на Дејтон, Рамбуе/Куманово и Охрид каде што беа постигнати спогодби за политичко решавање на воените конфликти од крвавата балканска деценија и потоа беа помеѓу клучните ликови во првичната примена на спогодбите, но и помеѓу толкувачите на нивниот „дух“.
Книгата на Пердју, „Миротворци“, е негов личен осврт на неговите балкански авантури, главно посветена на Босна. Оваа своевидна професионална автобиографија е и сведоштво како врвниот американски дипломат ги спроведувал јасните насоки на американскиот претседател, Совет за национална безбедност и на самиот американски Државен секретаријат. Мошне е впечатливо како американската дипломатија умее јасно да ги претстави предизвиците за САД пред своите избрани политички раководители, а потоа и да помогне при дефинирањето на американскиот национален интерес на секоја точка од Земјината топка, но посебно импонира како овие насоки потоа се претвораат во конкретна дипломатска акција. Додека, пак, Џентилини, во книгата „Infiniti Balcani“, која ја читав во нејзиниот српски превод „Недокучиви Балкан“, себеси се претставува како грижлив набљудувач на балканските собитија во шесте години на неговото непосредно службување во регионот.
Нејсе, кај Џентилони изненадуваат страниците во неговата книга каде што објаснува дека охридскиот процес започнал со сесии на четирите партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ) во Скопје, каде што била усогласена главнината на Охридскиот рамковен договор. Македонската јавност досега не е известена за овој дел од преговарањето, а за време на мојата работа во кабинетот на претседателот не успеав да пронајдам белешки, записници или какви било документи од овој скопски почеток на охридскиот процес, ниту, пак, да пронајдам кои биле номинираните учесници од четирите политички партии и од кабинетот на тогашниот претседател Борис Трајковски. Џентилони бил на сите сесии, а веројатно и неговиот шеф Франсоа Леотар, па ќе треба еден ден македонските истражувачи на охридскиот процес да се обратат до ЕСНД за оттаму да ја осознаеме содржина на скопскиот дел од охридскиот процес.
За жал, за разлика од Џентилони, немам сретнато печатени белешки од Леотар и од другите членови на неговиот тим (францускиот дипломат Арно Бартелеми, германскиот дипломат Аксел Дитман и германскиот правник Томас Маркерт). Покрај нив, Леотар бил поддржан во работата и од некои сликовити ликови што работеле во сенишните ќошиња, но засега не сум разбрал дали некои од нив се осмелиле да излезат со свои белешки и сеќавања за тогашните случувања.
Кај Пердју, пак, е убаво опишан самиот тек на процесот и клучните играчи од сите страни, а тој не го крие сопственото мислење за „македонската страна“ на преговарачкиот процес (и македонскиот читател ќе ги сподели неговите чувства кога ќе се судри со неподготвеноста, некомпетентноста и ситното политичарење на сопствените врвни преговарачи во Охрид). Неговата книга јасно опишува како тече процесот на усогласување во „квинтата“, одобрувањето на усогласените позиции во Белата куќа и во главните градови на „квинтата“, координацијата на меѓународните преговарачи со ОНА и Али Ахмети преку НАТО и Питер Фејт, па сè до производството на завршниот документ во Охрид. За натамошната и за секојдневната работа на американската дипломатија и на „квинтата“ веќе има и академски, истражувачки и аналитички текстови, но овие лични белешки може да се употребат од македонската дипломатија и од клучните политички чинители како добри насоки за пристап кон претставниците на меѓународната заедница во Скопје и во нивните главни градови (којзнае кое богатство за македонската историографија се крие во архивите на американскиот Државен секретаријат и на Советот за национална безбедност на САД).
Тоа што беше најголемо изненадување за мене е фактот што Џејмс Пердју ја посочува Лаурел Милер, политичко именување во американскиот Државен секретаријат, како клучна личност во изготвувањето на Охридскиот рамковен договор и своевиден автор на уставните амандмани. Пердју вели дека била „суштинската моќ зад меѓународните преговарачи“ со „истенчено чувство за детали“ и умешност да ги препознае „опасностите и можностите“ што произлегуваат од „јазикот на договорот“ (благодарение на Пердју дознаваме и дека било договорено англискиот јазик да биде јазикот на преговорите и на договорот што, исто така, е посебна тема за дискусија).
Според Пердју, „Охридскиот договор е признание за нејзиниот талент како правник специјализиран за меѓународно право и претставник на САД“, а тој „не познава друга личност што имала повеќе влијание на националните устави на Балканот отколку Лаурел Милер“. Инаку, на службената страница на Меѓународната кризна група, каде што Лаурел Милер работи како директорка за Азија нема никакви детали околу нејзиното познавање на балканските јазици, поранешни студиски или дипломатски престои на Балканот, како и трудови напишани за регионот, за теоријата на уставното или за меѓународното право, а македонската јавност немала шанса да ја запознае ова клучна личност зад Охридскиот рамковен договор и уставните амандмани.
Како што вели Бизмарк „само идиоти учат на сопствените грешки“, па наместо заклучок ќе кажам дека едвај чекам да се појават сведоштвата на американските олеснувачи и на вклучените дипломати од „квинтата“ во преспанскиот процес. Нема ништо ново да дознаеме околу неподготвеноста, некомпетентноста и ситното политичарење на македонските политичари околу склучувањето на Преспанскиот договор, но ќе биде интересно да прочитаме како Грција преговарала со САД и со другите земји од „квинтата“ за рамката и за содржината на Преспанскиот договор, како и кои биле авторите на овој друг клучен договор за најсовремената македонска историја. Се надевам само дека конечно ќе научиме и ние некои лекции. „Трета – среќа“ се вели при детските игри во мојот Карпош 3.