ЈАС БЕВ, СУМ И ЌЕ БИДАМ!

Не сакам наменски колумни што се поклопуваат со некој значаен датум и куртоазно го одбележуваат. Но искрено, во моментов чувствувам толкава длабока празнотија, ништо не ми ја бранува душата, па ни најголемите скандали и гадости со кои секојдневно се соочуваме (изгледа сум отрпнала), па се фаќам како давеник за сламка. Си реков, ќе пишувам за 8 Март. Не дека не сум пишувала во минатото: секогаш со голема доза горчина и цинизам соочена со ужасната комерцијализација, девалвација на борбата за женските права, сексуализацијата и тривијализацијата на „Денот на жената“ како да станува збор за некоја барбика на која токму во пресрет на пролетта ѝ притребале парфеми, кичести подароци, цвеќиња и божемно внимание… Секоја прослава на денот се сведува, помалку или повеќе, на „парада на пијанство и кич“, како што пееше Балашевиќ (да, да, оние кафеански теревенки не се разликуваат многу од свадбите). Пандемијата божем ги менува вообичаените ритуали, но дури и сега има најави за екскурзии. Женското движење беше и остана во сенката на една „службена жена“ (од АФЖ до Бранко и Заев), придружена од оние што како сателити од партиските редови редовно ќе се „нацртаат“ околу лидерот (секогаш маж, иако е најчесто маже и безрбетник). Не знам дали е само поради тоа, но јас одамна честитките за овој „празник“ ги сметам за навреда. Не само лична, туку и за плукање врз борбата и жртвите на многу брилијантни жени во минатото и денес.

Растев во време кога женската еманципација беше општо место. Би рекла, еднаквоста меѓу половите ја цицавме со мајчиното млеко и живеевме, па ја сметавме за нешто толку нормално и разбирливо. Но дојде „демокрацијата“ (демократура, поточно), увезена од Западот, кој сметаше дека децата на посткомунизмот се инфантилни (Борис Буден) и дека треба да се превоспитаат. Така, заедно со водата го исфрлија и бебето, т.е. заедно со идеологијата на тој систем, ги исфрлија и сите негови придобивки. Почнаа да нè учат одново на одамна стекнатите женски права, ама некако чудесно вешто заобиколувајќи го сето она што потсетува на Клара Цеткин и на Роза Луксембург. Се воведоа „родови студии“, се измисли и топла вода, но за волја на вистината се внесоа и нешта за кои не знаевме дека се вредности. Прашањето на женските права, и воопшто на женската (родовата) еманципација во сите сфери на живеењето – од економската, до политичката – стана идентитетско прашање! Се измеша во еден Гордиев јазол на (неретко контрадикторни конкурентни) родови и сексуални идентитети, а целосно се лиши од социјалната суштина. Навидум доби на значење, а фактички е делегитимирана и симната од социјалната агенда, освен во делот на еднакви плати и вреднување на трудот.

Ова не е колумна за 8 Март. Ова е колумна за жената чија 150-годишнина од раѓањето едвај и ја одбележаа, и тоа само круговите од крајната левица. Ден претходно, социјалдемократите славеа друг 150-годишен јубилеј: од раѓањето на Фридрих Еберт, бившиот сопартиец на Роза и човекот (ин)директно замешан во нејзината егзекуција и таа на Карл Либкнехт. На 5 март, на денот на нејзиното раѓање, нашиот будалест прв социјалдемократ ги поздрави (според неговите зборови, шмекерски) новинар(к)ите, кои биле посебно убави во тој сончев ден. И сериозно мислеше дека е шармантен… На ум не му паѓаат секојдневните црни билтени од ковид-19, уште помалку оние што тивко си умираат заведени под други графи што не се бројат. Tаа ќе го остави историскиот тестамент во последните напишани зборови: „Вашите ‘наредби’ се изградени врз песок. Утре револуцијата повторно ќе се крене, судирајќи се со оружјето и на ваш ужас ќе објави со труби што пламнат: Јас бев, сум, ќе бидам!“. Истата (јануарска) ноќ во 1919 година е брутално убиена, а телото ѝ е најдено во ендек дури во мај. Божем левите социјалдемократи и натаму градат замоци и воведуваат ред со пандурски методи и веруваат дека се вечни. Низ вените сега им тече сина крв на либерална буржоазија, и на Западот, и тука на периферијата. Сето тоа е во песок, дури и кога личи на камен. Под името на Роза се гнездат НВО-проекти и квазиинтелектуал(к)ци цицаат грантови, а еони се далеку од сето она за што таа се бореше. Молчат пред (социјални и други) неправди, не гледаат милитаризам вгнезден во многу „јавни политики“ (како оние за НАТО и за ЕУ), но и релативизираат етноциди/културоциди. Затоа, сè што се обгрнува со знамето на Роза не секогаш има врска со нејзиното дело. Исто како и кога зборуваат за демократија, мир, човекови права…
За Роза, ослободувањето на жената (женската слобода) е само знак на социјалното ослободување од девастирачкиот капитализам (изборот за неа е меѓу варварството на капитализмот и социјализмот).

Слободата и еманципацијата се нешто што му припаѓа на човечкиот род. Но во ситуација кога жената била/е најексплоатираниот и најпонижениот дел од пролетаријатот, нејзиното ослободување е знак дека поредокот се урива во неговиот темел. Оружјето на Роза (еден од ретките антимилитаристи во пресрет на Првата светска војна) се нејзините зборови: „Сакам да ја оптоварам совеста на богатите со сето страдање и со сите скриени, горчливи солзи… Сакам да влијаам на луѓето како удар на грмотевицата, да им ги разгорам умовите со широчината на мојата визија, со силата на моето уверување и со моќта на мојот збор.“ Ах, да! Не смее да се заборави и нејзината мисла дека слободата е секогаш, и исклучиво, слобода за оние што мислат поинаку. За жал, ќе биде убиена брутално токму со соучеството на нејзините сопартијци, меѓу кои социјалдемократот Фридрих Еберт игра главна улога (ви звучи познато ова име, нели?).
Дали е нешто променето денес од императивите за кои таа зборувала? Живееме во свет во кој навидум жените се изедначени со мажите (во развиените земји или слоеви), но и во свет во кој жените ги експлоатираат и понижуваат жените (и сите други). За женска еманципација се сметаат носењето униформа, водењето моќна корпорација или ММФ. Натпреварот е во тоа да се биде погоре на социјалната хиерархија, да се има моќ, богатство, а по можност и убавина и здравје (кои се купуваат за пари). Слободата за оние што мислат поинаку (од мнозинството, од мејнстримот, од она што го проповедаат круговите на моќните) никогаш не била позагрозена од денес, во светот во кој владее cancel culture (културата на отстранување/откажување) од каналите на јавната дебата, па дури и од социјалните мрежи. (Да не е колумнава, веројатно и би требало да признаам дека има и еден друг феномен на култура на самоотстранување, нешто што самата го практикувам веќе со години, држејќи се надвор од дебатниот ринг што го сметам за бесполезен, лицемерен и за фасада зад која се крие убиството на слободата на мислата… затоа преферирам „оази“ како оваа.)

Веројатно тоа бара поголема елаборација, но во овој контекст на ум ми паѓа и уште еден сосема нов облик на загрозување на женската слобода. Во битката на родовите идентитети, кои се множат како печурки по дожд, да се биде жена станува назадно, демоде, реакционерно дури… Варијациите на родовите идентитети се божемен израз на некаква еманципација, која признавам дека тешко ја сфаќам, но можам да живеам со неа (како израз на нечиј личен избор и себепрепознавање), но сериозно ме вознемирува кога во име на таа наводна слобода да се биде нешто „трето, четврто, петто“ го деформира фокусот од она што е важно: социјалната слобода и еднаквост!
И уште една работа зошто Роза е важна: во времето кога нејзината Полска била поделена меѓу три моќни држави, таа сметала дека национализмот и патриотизмот не се вистинскиот пат за ослободување на нејзините сонародници. Во духот на меѓународниот интернационализам и солидарност со сите работници и експлоатирани и поробени од империјализмот и милитаризмот, таа ќе каже дека се чувствува дома секаде во светот, секаде каде што има облаци и птици и човечки солзи.

Ова ме потсетува на разговорите со некои мои колеги (од маргините, од откажаните, се разбира) од регионов, во кој си зборуваме дека единствен начин да се дојде до слобода и човечка еманципација е социјалната поврзаност на нашите народи, бидејќи стегите на НАТО и на ЕУ се само фасада зад која се крие неправдата, не само за нас што живееме овде туку и за многу други народи во светот каде што сме соучесници во злосторства и експлоатација. Без социјална правда и демократска слобода, нашиве осакатени национални држави, вклучувајќи ја тука и оваа креатура од божем анационална Северна, нема да бидат бел ден. Не помагаат тука ни НАТО, ни ЕУ. Напротив! Подига бариери, отуѓува, дели на „наши“ и „ваши“, вооружува, замолчува и гради блокови и бодликави жици…
Во записите, Роза е опишана како мала женичка што кривела (поради деформитет на колкот од детските години), како по малку чудна појава – сè до моментот кога ќе почнела да зборува! Тогаш заборавале на нејзината појава, слушајќи ги аргументите, оригиналноста и луцидноста на изразот, но и страста. Иако е една од најголемите фигури на работничкото и социјалистичкото движење, Роза го минала животот на маргините, борејќи се со многу неволји и секогаш пливајќи спротивно на тековите. Иако се чини дека нејзините зборови ја изгубиле популарноста и/или се замолчуваат, таа била, таа е, и ќе биде. А револуцијата? Зарем не го слушате нејзиниот татнеж? Ставете го увото на плочникот, на тревникот, на градите на оној што е до вас и кој страда – таму ќе ја слушнете револуцијата што била, што е и што ќе биде!