Во ова време на криза (здравствена, економска, социјална) многу е битно да останеме со смирен ум, разум и мудрост. Навистина е важно да имаме пари, но тоа сепак не е најважно! И покрај многуте конфликти во животот, да се потрудиме да останеме балансирани, без нервоза, со разумни постапки да ги надминеме проблемите. А ние, како реагираме?
Бев во голема дилема дали воопшто да напишам нешто за нашите ценети читатели на „Нова Македонија“ токму во ова време/невреме? Дилемата е поврзана со актуелната ситуација на политички расправии, здравствена и економска криза, голема отуѓеност што се појави помеѓу луѓето и неизвесност пред она што нè очекува во блиска и подалечна иднина. Сепак, преовладеа она лекарското во мене, па, еве, ќе се обидам ако можам со нешто да помогнам во надминување на оваа состојба.
Некој ќе каже, па што има да се зборува за психосоматика кога, еве, умираат луѓето од коронавирус? Но токму тука е суштината на проблемот! Прашањето е, зошто некој што е позитивен (заразен) со вирусот воопшто нема симптоми, некој има минимални и лесно ги надминува, а некој развива тешка клиничка слика и умира? И ова прашање не е поврзано само со коронавирусот, но и со другите болести, па некој развива туберкулоза, некој коронарна болест, некој рак и сл., а друг што живее во исти услови и има слична генетика, останува имун на овие проблеми?
Имено, уште поодамна искуството ги навело лекарите да размислуваат за единството на умот, телото и духовноста. Ние, како биолошки суштества, сме единствени и функционираме врз основа на тоа единство: мозок/тело/душа. Тоа стручно се именува како психосоматика или психо-невро-ендокрино-имунологија. Веднаш ќе забележите дека имунологијата е последна во овој синџир. А денес токму неа ја ставаме на прво место, па велиме, поради лошиот имунолошки систем луѓето заболуваат од коронавирусот. Па, еве, злоупотреба од индустријата, па се рекламираат разни суплементи што го поттикнуваат имунолошкиот одговор! А нивните цени, да не зборуваме колкави се?!
Имунолошкиот одговор е сепак последната алка во овој сложен синџир на поврзаности во нашиот организам. Ако нашиот ум (разум, свесност) е без конфликти, без стрес, во една рамнотежа, тогаш овој синџир на реакции нема да биде активиран. Или, како што Јунг го нарекува тоа архетипската самоодбрана во нас ќе преовладее и ние ќе се избориме со заканите. Но ако тоа не е случај, тогаш умот, преку невролошкиот систем (со активноста на невротрансмитерите во мозокот) поттикнува телесна реакција што конечно завршува со вистинска органска болест. Одамна е докажано и експериментално и емпириски дека кај сите заболувања, почнувајќи од обичниот грип, па до ракот, како најтешка болест, механизмот лежи токму во оваа поврзаност на мислата и телесното. Зошто инаку некој би имал хипертензија, а никој од неговите во семејството ја немал? Зошто има сè повеќе инфаркти кај млади луѓе (на 30-40 години), а порано тоа била болест на постарите? Зошто мудриот народ чирот на стомакот го нарекувал – гризлица? (Нешто што те гризе однатре!)
И повторно се враќаме на претходните прашања, зошто некој во оваа епидемија, иако е позитивен на коронавирусот останува без телесни проблеми, а некој умира.
Со други зборови, би сакала да нагласам дека и во оваа пандемија не смее да се заборави на психосоматскиот механизам за развој на болеста. И како потврда на овој мој став е статистиката што покажува дека со текот на траењето на епидемијата сè повеќе се јавуваат психоневролошки симптоми кај заболените или кај оние во нивната околина. Затоа, сè почесто се забележуваат депресивни реакции, неврози, па дури и психотични манифестации, а истовремено и невролошки заболувања.
Со други зборови, во ова време на криза (здравствена, економска, социјална) многу е битно да останеме со смирен ум, разум и мудрост. Навистина е важно да имаме пари, но тоа сепак не е најважно! И покрај многуте конфликти во животот, да се потрудиме да останеме балансирани, без нервоза, со разумни постапки да ги надминеме проблемите. А ние, како реагираме? Бурно, неконтролирано, „запенети“ од бес, негодување, агресивно и непријателски! Со ваквото однесување нема да ги решиме проблемите туку само ќе го поттикнеме синџирот ум/тело. Со вакви ментални реакции му даваме можност на телото да реагира со несоодветни имунолошки одговори, а, ете, тоа е услов за појавата на болест.
Луѓето се социјални суштества и комуникацијата, дружењето се основна карактеристика на нашиот род. Тоа, всушност, е потврдено и кај повисоките животински видови, но кај луѓето социјалната комуникација е најдоминантна карактеристика.
Тешко е да бидеш изолиран, да не се дружиш, да не ги гушкаш своите најблиски, но ситуацијата во која сме го наложува тоа како неопходност. Сепак, подобро е да не се оди во кафеана за да се испие кафе со пријателите, за да се спречи ширење на заразата. Оваа порака особено им ја испраќам на младите, кои, еве, по сите светски статистики се најголем извор на ширењето на заразата зашто не ги почитуваат наметнатите рестрикции. Да се потрудат и тие да поработат врз себе, на својата личност, да најдат други извори на забава и задоволства, наспроти одењето во кафулиња и разни клубови. Нека ја возвратат потиснатата љубов кон убавиот збор, нека читаат, нека слушаат музика, нека гледаат филмови, кои во денешно време се достапни насекаде каде што има интернет. Всушност, можноста за комуникација не е прекината, па, ете, постојат мобилните телефони и разните социјални мрежи преку кои е возможно да се биде во дружба со оние што ги сакаме и ни требаат. Ако некој е постојано во немир, фрустриран зашто, ете, му е ограничено движењето, тогаш тој навистина е на прагот да развие психосоматска болест, зашто го поттикнува синџирот емоција – невротрансмитери – имунологија – тело – болест.
Во тој контекст, ја нагласувам неопходноста од возвраќање на вредноста на семејството во онаа традиционална смисла. Со современото работно време, трчањето по пари, по некакви ситни социјални задоволства, семејството е тоа што најмногу пострадало. Речиси да згаснаа семејните ручеци/вечери, семејните прослави! Дали е неопходно родендените на нашите најмили да се слават во кафеани, игротеки, клубови? Нели е поинтимно и поубаво да се биде со најблиските дома, со јадења што самите сме ги приготвиле?
Мојов напис нека не биде сфатен како „солење памет“, туку како потсетување на основните сознанија во медицината здружени во називот психосоматика, кои ни ги даваат неопходните насоки што обезбедуваат здравје.