Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)
Зборот „пес“ не лае, вели духовито Жерар Женет, алудирајќи на тоа дека зборовите ја изгубиле својата свежина по однос на стварноста. Се автоматизирале, како нашиот денешен збор: чудо. Сите од овие избори (кои се само локални) очекуваат чудо. Сите очекуваат чудо и во светската политика: такво чудо би било Бугарија да се откаже од своите идентитетски амбиции кон Македонија и да ја крене рампата кон ЕУ. Сите ги посакуваме тие чуда. И ги проектираме секој ден во некоја личност, институција, партија, светска сила, еве дури и во комунални избори. Ама чудата не се случуваат. Не НАМ. На другите им се случуваат. На Бугарите, на пример. Вистинско чудо е што досега никој не побарал европски санкции против нив. Некои само кажуваат дека таквиот став е антиевропски.
Чудото, за оние што го ветуваат и во него веруваат, е меч со две острици. Ако не се случи, следува разочарување. Тоа многу добро го знаат не само магионичарите туку и политичарите. На секои избори ветуваат чуда, ама и се соочуваат со другата острица на овој збор. Така е и сега: сееш ветувања за чуда, жнееш разочарувања.
Што е денес чудо? По децениските поплави од партиски дискурси стрвни само за власт и роднинско-пријателски позиционирања на разни функции, и од левите и од десните партии, овој збор кај нас се сведе само на библиското значење: чудо е кога Мојсеј ќе успее да го отвори морето, за да го изведе својот народ. Во политиката стана нормално да нема чуда: предвидливо е дека победува партија со повеќе гласачи. Секој зрел политичар, на оние што веруваат во чуда (меѓу кои сум и јас, како уметник), гледа како на политички дилетанти. Но, истовремено, секој втор искусен политичар себеси се претставува како најголем чудотворец: мачно ми е да наведам што сѐ ветија само во последнава седмица.
Тие самобендисани луѓе, и од лева и од десна идеолошка провениенција, веруваат дека се Мојсеј кој го отворил морето кон ветената земја: ЕУ. И се тркаат кој прв ќе го отвори морето кое, ене, си стои затворено.
Се чувствуваат, Боже прости ми, како Христос: како од вода да направиле вино. Притоа забораваат, на пример, на сите оние лекари што секојдневно прават од болест здравје, во оваа пандемија. Ама тоа на лекарите не е чудо, тоа што некој млад македонски уметник добил европска награда или некој спортист станал светски првак, тоа не се чуда. Чудо е само тоа што политичарите направиле од вода вино. А народот на избориве им кажува нешто друго: од старо македонско вино, господа, направивте гола вода.
Ама попусто, овие и натаму си припишуваат историски чуда, со тоа што „решиле“ децениски спорови со Грција и со Бугарија (по кои и се отворило морето кон ЕУ). Не им паѓа ни на крај памет дека „генијалните“ и „храбри“ решенија што ги одбрале биле промислувани стопати, од многу помудри волци во политиката, ама биле и модифицирани (сетете се на Глигоров и неговата УМНА политика на „еквидистанца“ кон соседите), токму поради можните последици: бугарскиот ветер, на пример. Зар Глигоров не можеше да се зафати со пишување НОВА ИСТОРИЈА НА ИДНИНАТА? (Каков невиден нарцизам, да се сметаш за дел од историјата на она што уште не е дојдено!) Наместо тоа, тој посака да ѝ ДАДЕ ИДНИНА НА ВЕЌЕ ПОСТОЈНАТА ИСТОРИЈА. И тоа европска иднина.
Како и да е, за политичарите денес чудо е само тоа што го прават тие. Друг нема франшиза за чудо. И што е најинтересно, штом се подотвори морето кон тронот наречен Влада, се јавуваат сѐ нови и нови стажанти за чудотворци, дури и оние што до вчера тврдеа дека чудата не се можни. Така, поради тие политички интервенции, добивме свет што целосно го преврте значењето на овој збор. Порано чудо значеше да се добие НЕЗАСЛУЖЕНОТО. Сега чудо е ако го добиеш ЗАСЛУЖЕНОТО. Таа промена на зборот „чудо“ се должи на целосната злоупотреба на политичките партии. Денес нашите деца и внуци веќе не веруваат дека можат да живеат во оваа испустена земја (тие се веќе и ИТ и полиглот-печалбари), без да тропнат на вратите на најголемите заводи за вработување: партиите.
Партизмот стана основна стопанска гранка на оваа држава. Одвреме-навреме, понекој родител (степски волк без партиска книшка) ќе крикне: „И нашите непартиски деца се деца, не се само вашите деца – деца, господа!“ Но тоа останува само крик во пустина. Изгледа дека целта е една или две партии да влезат во Европа, а не народот. А народ се, пред сѐ, младите. Навистина, дури и левиот и десниот Мојсеј заедно да го отворат морето, кој ќе стане членка на ЕУ ако нема млад народ? Партиските врхушки, група тогаш веќе старци? Токму поради тоа и останувањето овде младите го чувствуваат како нерамноправна борба на ужасната барикада на партизмот; тие крваво се борат да си ја зачуваат независната личност, а од друга страна партијата се бори за зачувување на партиската „Soft machine“ (кој го читал романот на Вилијам Бароуз, знае на што мислам: партиска душа во различни тела, cut up техника). Па и овие избори ни го покажуваат тоа: дури и најсилните личности завршуваат во партиската мелница ако сакаат да останат „јавен фактор“. Не е така во уметноста, за среќа: таму можеш да бидеш и целосно анонимен за јавноста, а да бидеш личност. Но не се сите уметници. Нашите деца се сѐ: менаџери, работници, спортисти, правници… и имаат право да бидат и НЕПАРТИСКИ јавни фактори.
Само уште нешто. Умните луѓе знаат дека чудата се случуваат секој ден, ама осилените луѓе не им даваат на значење, зашто првин себеси си даваат на значење. Значи, не е чудо кога еднаш во неколку илјадалетија ќе се отвори морето пред Мојсеј, туку чудо е и секој изгрев и залез на сонцето.
Чудо е и про’ртувањето на посеаното зрно секоја пролет: од каде тоа зрно знае кој месец е и кога треба да про’рти? Чудо е и што лалето се отвора наутро, а се затвора навечер, и „знае“да го прави тоа. Ние не ги забележуваме тие чуда во природата поради ОПШТЕСТВОТО, кое нѐ анестезира, зашто е БОЛНА ПРИРОДА; во него природното е веќе неприродно, ненормалното е нормално и ПОЖЕЛНО. Тоа, ненормалното, дури станува и ОБЈЕКТ НА КОПНЕЖ. Така е во болното општество во кое живееме. Во таква искривена перцепција, чудо станува кога НЕКОЈ ПО СВОЈА ЗАСЛУГА ќе најде работа. За нас е веќе нормално да се добие незаслуженото.
Од филозофите на антиката до социолозите на современоста се тврди дека човекот не е асоцијален и дека не може без општество. Но никој не рече дека не може без партија. Единственото чудо што го посакувам е некој да остане личност и во партија. Тоа не се случило одамна. Што не значи дека не е можно. Пробабилитетот на чудата е токму апсурден: штом досега не се случило, расте веројатноста дека ќе се случи. Тоа е така за оној што верува. Кој не верува – ќе мисли дека штом не се случило, нема ни да се случи.