Фудбалот е игра што трае деведесет минути, во која на крајот секогаш победува Германија, доколку Крос, Милер и Гнабри не се однесуваат како да се Кант, Лајбниц и Спиноза. Пеналот врз Стерлинг против Данска изгледаше како исфрлена сцена од „Пинокио“. Којзнае како течел разговорот меѓу Макиели и ВАР-собата. Веројатно како што Пинокио го убедува Џепето дека ќе почне да учи. Признајте ми го само уште ова за пенал и ветувам дека од следниот пат ќе судам вистински прекршоци
Две работи ме нервираат на фудбалските терени. Клечењето на фудбалерите и мавтањето со ЛГБТИ-знамиња. Пред сè, хистеричното наметнување на истото тоа. Промовирање на „Блек лајвс медер“ е лицемерно. Прво, сите животи се важни. Второ, американските фрустрации дека биле робовладетели и нивното наметнување како сеопшта одговорност е обид да се измијат рацете од крвта на црните робови што тие ја пролеаја и наметнување вина врз сите. На крајот, нека одат да клечат во Африка. Поточно, крај џиновските бели корпорации за експлоатација на африканското богатство, околу кои од глад умираат црните Африканци и нивните деца.
Ме нервира и мавтањето ЛГБТИ-знамиња. Каква врска има тоа со фудбалот? Зошто мора сексуалната определба да се плетка во фудбалските акции? Сеедно дали е стрејт или геј. Тоа е исто како на геј-парада да се промовира секс меѓу фудбалери и манекенки. Па, ако истополова љубов е сексуално малцинство, оти се помалку, ама ги има, тогаш и врски меѓу фудбалери и манекенски е посебна сексуална определба и ај сега да фатиме да ја промовираме, зашто луѓето се полни предрасуди и стереотипи спрема нив. Почнувајќи од стигмата, „е да бе, мора секој глуп фудбалер да си фати топ-модел“.
Океј, фудбал. Заврши првенството. Ја најавив колумнава. Ако не ви се тркала темава, слободно префрлете се на споредни работи. Како чекање датум за преговори. За мене фудбалот не е спореден. И затоа сега сум во блага форма на депресија. Тоа секогаш ми се случува по завршување на првенство. Светско или европско, сеедно. Секако, за година и пол има светско во Катар, ама јас пак сум во блага депресија. Ги гледам сите натпревари и одеднаш нема ниту еден. И сега депресија.
Значи, фудбал. Добро е што САД не учествуваат на европски првенства. Замислете да стигнеа до финале. Замислете да изгубеа. Ќе мораше да бараат од УЕФА да се повлече информацијата дека САД изгубиле и да се преигрува финалето додека не победат. Ќе ја направеа УЕФА банана-држава во која се повлекуваат извештаи што не се во корист на американски марионети.
Ете, измешав фудбал и политика, а гадно ме нервира тоа. Како неспособна феминистка да ти се меша во правење летна манџа. Ама, па, кога Саутгејт ги измеша, зошто не и јас. На прес пред финале тресна дека победата против Германија била како онаа во Втората светска војна. Си реков, што правеле Англичаниве пред натпревар? Пееле „Катјуша“? Се убедувале дека се Руси?
САУТГЕЈТ: (се дере) Стоунс! Мегваер! Вокер! Шо! Нашиот гол е Сталинград, вие сте Црвената армија! Стерлинг, повтори ми ја тактиката на Жуков! Хари Кејн, најди го Зајцев во себе!
Што? Нели како победата над Германија во Втора светска војна? Па, тогаш Русите победија. Британија и САД беа резерви од клупата. Како и да е, германските медиуми убаво го подбраа Герет Саутгејт. „Билд“ го потсети дека Черчил се борел против Хитлер и Гебелс, а не против Милер и Ноер.
Во финале се судрија две изненадувања. Пријатно и непријатно. Италија никогаш не сум ја можел. Господарите на катанаџото и здодевната игра. Од друга страна, Англија. Најдобрата лига во светот. Офанзивна игра. Прекрасни за гледање. И одеднаш неверојатен пресврт. Се појавува Италија каква никогаш, барем јас, не сум ја видел. Отворен напаѓачки фудбал. Уште од првото коло. А и оној Спинацола. Какво играчиште! Штета што се повреди. Ама и без него продолжија одлично да играат.
Така се освојува титула. Наспроти Италијанците, Англија. Многу очекував од нивниот млад состав. Одлични играчи. Сила и талент. Го добив најголемото разочарување. Млитав, калкулантски, некреативен фудбал. Ништо убаво за око. Можеби корисно, како здодевноста со која Грците дојдоа до европска титула, ама без страста и креативноста што ги има Премиер-лигата. Од толку многу тактика за конечно да стигнат до европска титула, заборавија дека во фудбалот може да се победи со игра, страст и креативност. Изгледаа како кампања на ЕУ пред референдум за промена на името. Манипулативно и провидно.
Франција најмногу разочара. Онаква вообразена ароганција е својствена само за интелектуална бижутерија среде исполнување неолиберална агенда поради добиен грант…
Русјаков, пак мешаш фудбал и политика.
…онаква вообразена ароганција е својствена само за разгалени ѕвезди на кои не им се игра ако нема шестцифрена неделна плата. Затоа Швајцарија и Данска покажаа вистинска страст. Луѓето едноставно дојдоа да играат фудбал. На лицата не им пишуваше дека изминатата сезона била тешка и напорна. Швајцарците не плачеа дека мораат да се ашкаат 11.000 километри низ Европа. Данците не изгледаа дека се во шок зашто најдобриот играч им доживеа срцев удар на терен. Дадоа фудбал. Им благодарам за тоа.
Фудбалот е игра што трае деведесет минути, во која на крајот секогаш победува Германија, доколку Крос, Милер и Гнабри не се однесуваат како да се Кант, Лајбниц и Спиноза. Пеналот врз Стерлинг против Данска изгледаше како исфрлена сцена од „Пинокио“. Којзнае како течел разговорот меѓу Макиели и ВАР-собата. Веројатно како што Пинокио го убедува Џепето дека ќе почне да учи. Признајте ми го само уште ова за пенал и ветувам дека од следниот пат ќе судам вистински прекршоци.
Три нешта ми предизвикаа срцебиење. Трауматичниот половина час со Кристијан Ериксен, шеесет илјади публика по цела година неподнослива празнотија на стадионите и, нека ми прости НННН-заедницата, учеството на македонската репрезентација за првпат на голем фудбалски настан. НННН се неподносливите наци-неолиберали на Нордистан. Благодарам Мрме, се поклонувам Пандев, секоја чест момци, за мене и оние три порази се вистинска фудбалска радост.
Генерално сум задоволен. Се нагледав добри натпревари. Паралелно имаше Копа Америка, ама одеше многу доцна и, за жал, немав сили да гледам. Спојката на Евро и Копа се нарекува светско првенство во фудбал и следната година ќе го има во Катар. Се надевам со Македонија како учесник. Без Пандев, ама со Трајковски, Елмас, Барди и Алиоски, кои, како носители на МАКЕДОНСКАТА репрезентација треба да станат пример за квалитетен МАКЕДОНСКИ фудбал. Нордистанците можат слободно да си глумат сами пред себе независни хонорарци, додека нивните нордистанки хистерично тераат кампањи за забрана на летни манџи што се против нордистанската традиција да се јаде само она што ти го сервираат повисоките од горе.
А јас се надевам дека фудбалот ќе остане совршена игра и нема, како во оваа колумна, да има политика во него.