Денес е 27 август, 239-от ден од годината или уште 126 дена до крајот на 2018-та. Уште 35 дена до референдумот или до крајот на самопризнаената Република Македонија, на референдум во 1991 година. Оние 140 признанија од вистински држави во светот и ООН, ќе се читаат за привремено признавање, бидејќи и самата држава Република Македонија смета дека името многу не ѝ прилега, па затоа културно предлага, на културен референдум, со самоизјаснување и самоновонаименување да си се самопрероди или на македонски – да се ребрендира, во вистинска држава, која ќе ја засакаат сите, особено,,внатрешниот коалициски фактор“ бидејќи конечно „државата“ ќе добие валиден имотен лист во ООН, со два сопственика, во правото наречено ,,идеална половина“ (засега).
Конечно: тапија, мир, двојазичност и сопственост на целата територија. Република Северна Македонија, ќе биде примена (напролет) во јатото на НАТО и во ЕУ неколку пролети, понатаму. Или по влашки: годинава ќе ни ги дупнат ушите, а в година – ќе ни подарат менѓуши. Референдумот уште сега го прогласувам за успешен, бидејќи го познавам мојот народ, со длабока античка и споменична инфраструктура се прочу во светот. Колку е лесен овој народ. На потпис и на референдуми мислам. Нема повеќе револуции со пушки, бомби и патрони. Со едно заокружување со пенкалото и веќе си нов човек, во нова држава. Збогум проблематична ПЈРМ, добре дојде, нова Република Северна Македонија! На 1 октомври, сите ќе јадеме… мекици. Можеби уште оваа година ќе го славиме 11 Октомври, убаво се паѓа, среде недела (седмица) во четврток, споено до 14 октомври, цели четири дена во Грција!
Од година, 30 септември државен празник, на двете поголеми етнички заедници, наместо безвредниот 8 Септември, кој беше празник само на едната по голема етничка заедница и ја обезвреднуваше втората по големина етничка заедница. Референдумските датуми просто ни лежат, за одмор и споени денови, особено. Дека сосема истото тоа сум го мислел и пишувал пред точно 4 години, безмалку на истиот датум но, на 22 август (петок) 2014 г. во колумната ,,Птици-преселници“ ова е еден дел: ,,Неинтересното е што нашите реакции и размислувања се пост фестум, откако ќе се случат, по кое воопшто не е важно дали ќе реагираме за слученото. Септември е интересен месец. Или можеби ќе биде. Не само поради почетокот на школската и факултетската година и туршиите. (Турши, на арапски, албански, персиски, курдски, турски, на грчки-турси, на македонски, туршија е мариниран зеленчук, што на персиски и курдски значи – горчливо). Можеби веќе некој однапред од јасното, ќе направи нејасно и готово (не)решение за прием во НАТО и тоа го прави проблем. Така беше неодамна најавено (на предвремените избори) само јас сум разбрал или само јас не сум разбрал, што е поважно НАТО или името?
Зошто не може да се случи некое сценарио, кое многу потсетува на украинското? Ако работите се случуваат со непредвидени брзини и непретпоставени околности за кои некој можеби има план Б, поради кои ќе влеземе во турбулентни околности… Можеби си задавам непотребни дилеми и прашања, можеби одговорот веќе е на маса? Месецот на плодородието септември се ближи. Можеби никој нема чудни мисли и размисли како моите. Од она што се случува во светот, во Европа и на Балканот, не верувам дека нема да се случи и во Македонија. Време на годишни одмори е, јас размислувам каква есен ќе имаме. Сите размислуваат како ќе го поминат летото, јас размислувам како ќе ја дочекам есента? Е па, што би рекол Дедо Петар: ’Мажи сме, ќе зборуваме за машки работи’. Е не, за туршија ќе зборуваме, септември доаѓа“. Ако овој текст е пишуван и објавен пред цели 4 години, значи сега дошло време за реализација на плановите за ЕУ-НАТО, а кога тие ќе решат, нема одложување.
Само една недела, по оваа од 22 август, објавена е и следната под наслов ,,Бивша Република Тексас“ на 29 август (петок) 2014 година, а е неверојатно сврзана со овој август 2018 година, чиј дел без измени и дополнувања сега ви го пренесувам (повторно): ,,Доволно имаше ’бивши’ и си мислев дека нема повеќе да има бивша Македонија. Но, не ми се оствари сонот. И од неа направија бивша на 13 август 2001 година, од мојата осмосептемвриска Македонија, потпишаа и направија – рамковна. Се надевам дека во серијалот ’бивши’ Македонии, оваа е последната. Ако и оваа ја замениме за друга, не знам што Македонија ќе биде следната. Сега си правам паралела со Република Тексас, која била независна држава цели 10 г. помеѓу границите на САД и Мексико. Постоела од Декларацијата за независност на Тексас од Мексико на 2 март 1836, но завршила со анексија од страна на САД на 19 февруари 1846 г.(10 години Тексашка Република). Тогаш во Републиката постоел терминот ’шест знамиња на Тексас’. Во Р. Македонија, засега имаме две знамиња. Службени јазици во Република Тексас биле: англиски, шпански, француски, германски и американски домороден (индијански) јазик. Во Македонија, во моментот, два. Мултикултура на јазици во Тексас, како во османлиско Крушево.
Од домородниот кадо индијански јазик, потекнува името на Тексас (пријатели). Потомците на Чероки, чиј потомок е и пејачката Шер, одбиле да го потпишат актот за преселба и биле присилно раселени. Нивната насилна преселба е позната како ’патека на солзите’. Оваа патека немојте да ја поврзувате со Егејците и присилно раселените во 20 век, среде мајката на европската цивилизација и култура – Европа. А, Европа е мајка на американската цивилизација. Затоа се добива впечаток дека сме правени ’од исто тесто’ со Тексас. Ако сакате, можете да најдете и сличности во личностите и местата на Република Тексас со Крушевската Република од 1903 г. Тексашкиот војвода бил Дејви Крокет, со шубара на главата, како Питу Гули. По професија бил трапер (ловец со стапици) ловец на мечки, се зборува дека за еден месец, отепал дури 47 мечки, влегувајќи храбро во нивните дупки и пештери. Питу Гули, што се однесува до мечките, загинал на Мечкин Камен. Дејвид Крокет секогаш бил препознатливо облечен: со шубара од јазовец, кожена јакна и индијански мокасини. Питу Гули, со јагнешка шубара, јакна од чоја и кожени опинци. Тврдината Аламо во Тексас, Дејви ја бранел цели 13 дена. Загинал за независноста на 10-годишната Република Тексас, во битката против обемната мексиканска (османлиска) војска, на неговиот Илинден, 6 март 1836 г. Република Тексас во 1840 г. имала 70.000 жители и своја валута – тексашки долар и била 40 пати поголема од денешна РМ. Сепак за ’американска легенда’ не е прогласен Дејвид Крокет, туку Џеронимо, воен водач на Чиракава Апачите.
Тажен лик од етапата на преселбата на територии во САД според Законот за преселба на Индијанците, наречен Акт за преселување на Индијанците од 28 мај 1830 г. во времето на претседателот Ендрју Џексон. Многу од индијанските поглавари лесно го ’потпишале’ тој акт, некој за подарок – луле, некој за подарок – виски, но не и Џеронимо. Во тоа време конгресмен бил и Дејвид Крокет и тој гласал против Законот за преселба на домородното население, (домородните ’Индијанци’ во РМ, гласаа за Законот за територијална поделба, немаа свој Џеронимо). Апачите, исклучително храбри борци, од почит, ги вградија во името на хеликоптерот за напад ’боинг АХ-64 апачи’. Конечно се најде ’писмен’ и потпишаа во 1886 година.
Денес ги има само 50-60 илјади и живеат во резерватите во Аризона, Ново Мексико и Оклахома. Службени јазици во Аризона се: англиски, шпански и навахо. Ако го видите знамето на Аризона ќе се вџашите: 50 отсто е како македонското државно знаме, креација на новинарот Шуплиновски. Светската историја памети стотици бивши држави, но само една држава во светот е и актуелна и бивша, цели 27 години, БЈРМ. Тоа е светски рекорд и скромно ја кандидирам за Гинис“. (29 август 2014 година). Останаа уште 35 дена…