Пред пет дена се одбележаа 150 години од раѓањето на Махатма (Големата душа) Ганди. За жал, делата на великаните во денешно време се инстант мудри мисли, врамени во т.н. „мемиња“, или во подобар случај на некој краток уреднички осврт особено кога станува збор за големи јубилеи. Не случајно, 2 октомври е прогласен и за Меѓународен ден на ненасилството од страна на ООН: неговата мисла за „мир со мирни средства“ е идентична со суштината на повелбата на организацијата.
Ликот на Ганди, како и многу други, ја доживеа тажната и површна верзија за создавање легенда/симбол наместо критичко проучување; и на правење светец од човек што бил помудар и поодважен од другите во своето време, но кој сепак бил човек со многу слабости и кој правел и сериозни грешки. (На оние што ме опоменуваат да не го глорифицирам, само им велам да ги погледнат денешните лидери и нека направат споредба). Тешко е да замислиме како би постапувал и што би постигнал Ганди во денешни услови. Индија е далеку од она што го посакуваше тој, со авторитарна власт, нуклеарна сила, која гази човекови права во Кашмир, со огромна социјална неправда… Тажна е таа огромна и прекрасна земја, кога се врзува една „мајка“ (Тереза), која ја глорифицираше смртта наместо да се бори за модерен здравствен систем, и за еден „Бапу“ (татко), кој од прагматични причини се залагаше за одржување на кастинскиот систем. Жртва на сопствената политика на отпор, која неретко бара и одење против масовната волја на сопствениот народ, вистинска иронија е што 150 години од неговото раѓање еден фашизоиден премиер го искористи за своја промоција, и тоа во кампања за „Чиста Индија“ (воспоставување јавни тоалети низ земјата!?), во духот на „зелениот бран“. Други рекоа дека убиецот на Ганди бил вистински патриот, а трети заклучија дека и покрај одржувањето на неговиот култ, тој станал нерелевантен во земјата за чија независност се избори. Најевтината верзија е комерцијалната: претворање на еден живот во гуру и водич („коуч“, би рекле модерно) за добар и здрав живот…
Но Индија е многу повеќе од тоа. Тагоре посакуваше таа да се разбуди таму каде што умот е бестрашен, и каде што главата високо се дига; каде што знаењето е слободно, и каде што светот не е распарчен со тесните домашни ѕидови; каде што зборовите извираат од длабочината на вистината; каде што неуморната борба ги подава рацете кон совршенството… Тоа и земјата за која Арундати се бори во истиот дух. Ганди е доказ дека не го прескокнал она клучно скалило во сечиј интелектуален, морален и духовен раст, застанувањето на рамената на великаните. На прашањето на еден западен новинар што мисли за западната цивилизација, тој со загадочна насмевка во очите му одговара: „Хмм, тоа би била многу добра идеја…“ Тој одговор е ехо на романот на Тагоре „Дома и надвор од него“ (1916) во кој е отсликана токму борбата што во колониите се води меѓу идеите на западната култура и бунтот против неа.
Едниот лик е рационален и му се спротивставува на насилството, а другиот е решителен дека до револуција не може да дојде без борба. Ова звучи толку познато и овде, во оваа полуколонија и периферија на Западот, каде што се вкрстуваат западните напливи и источните вредности, каде што Западот се портретира како Доброто, а Истокот како Злото. Мисла на Ганди што најверно ја отсликува денешнината е таа за седумте смртни гревови: „Богатство без труд, уживање без карактер, бизнис без морал, наука без хуманост, обожување без жртва и политика без принципи.“ Попрецизна дефиниција на општиот пад на човештвото, сега завладеано од „западните вредности“ (како што еуфемистички се нарекува капитализмот), е тешко и да се замисли. Ненасилството, пак, звучи како наивна и глупава идеја во свет што се води од Орвеловата „1984“: војната е мир, а мирот е војна. Тоа не значи дека Ганди е сосема заборавен или неважен. Напротив! Проблемот со сите групи и движења што работат трпеливо и со самопрегор на социјалните промени со ненасилство, и со саможртва, е што се или целосно запоставени од медиумите (видете што се случува во Хонгконг и ќе сфатите зошто тоа е „помаркантно“ и „позначајно“ од безброј други иницијативи засновани на ненасилство) или намерно дискредитирани (во вид на „шарени револуции“, на пример).
Во духот на овие размислувања, а и почетокот на академската година, на ум ми паѓаат нашите (и не само нашите) „мировни студии“. Љубов во време на колера, или мир во време на НАТО-екстаза! Да зборуваш за позитивен мир, за пацифизам, за антивоени или движења на социјално маргинализираните, е субверзивно по дефиниција. Тоа е бласфемија, а мировните студии можат да опстанат само во орвеловска, а никако гандиевска смисла. Токму на Филозофскиот факултет се создаде зародокот на мировните студии пред 15 години, благодарение на иницијативата на Олга Мурџева-Шкариќ, а со директна помош на најголемите академски умови од мировната фела (Галтунг, Херман, Виберг, Оберг, Пуховски), кои помагаа и со книги и со предавања. Името, тоа катче беше Балкански центар за мир, што зборува и за мотивацијата и за амбицијата. Се роди во време кога крв се лееше од Вуковар и Мостар, до Сараево и Сребреница. Македонија уште беше (можна, повеќе отколку реална) оаза на мирот.
Верувавме дека на земјата, на регионот, па и на светот им треба демилитаризација на умот и на политиката, дека ненасилството е одговорот, дека позитивниот мир носи и социјална трансформација итн. Навидум, студиите се развија: сега постои и насока за мир на институтот, кој мирот (до душа на чуден начин) го спои со безбедноста и одбраната. Се развија и магистерски и докторски студии, но што од тоа? Чуму „мировници“, кои зависно од потребата предаваат и за ненасилство и за НАТО? Чуму професура од мировни студии ако молчиш пред секоја воена и империјална авантура во која е втурната Македонија? Помислувам дека е подобро да не постојат вакви „студии“, зашто инаку е нечесно, шизофрено, нелогично… Седат со сериозни лица додека слушаат американски и НАТО-емисари како ветуваат дека „војната е мир, а мирот е војна“, се прегрупираат, уживаат во сликање со министри за одбрана и полиција… Не знам како на тоа гледаат студентите (кои се во сѐ помал број, не затоа што не се заинтересирани, туку затоа што веќе си ги пакуваат куферите). Лично, мене ми е мачно и тешко кога гледам како „интелектуалното/академското чедо“ живее на инфузија, и тоа повеќе од комерцијални причини одошто од научни или морални.
Јохан е престар и поретко комуницира, Хакан не е со нас речиси 10 години, па си разговарам со „мојот последен Викинг“ од скандинавската школа. Јан ме теши, кажувајќи ја вистината (она што беше религијата на Ганди, всушност): не е само Македонија, туку глобално функционира воено-индустриски-политички-академски-забавувачки комплекс, подреден на логиката на моќта и профитот! Академијата одамна го изгуби интегритетот, и живее од пари и за пари (или преживува); лицемерството ѝ е второто име, без оглед дали се занимава со мир или демократија и човекови права. Дел од нашата преписка е нешто што заслужува да се сподели, затоа што е мудро и вредно како предизвик да се размислува надвор од кутијата, па и надвор од академијата: „Секогаш треба да се придржуваме до највисоките академски стандарди во она што како независни истражувачи го правиме, но тоа не мора нужно да биде во универзитетско окружување. Академската работа не е бескорисна, напротив! Но, ние двајца сме во таа игра премногу долго за да го чиниме тоа автоматски/рутински. Јас веќе не се борам за простор во академските средини.
Солидното, на академски основи заснованото јавно образование е далеку поинтересно и покорисно за светот отколку проектите и дебелите книги. А постои свет и надвор од академијата – свет на мудрост, длабоко и далековидо размислување, пишување есеи – и свет на уметноста (кај мене, фотографијата). Зошто да пишуваш дебели и здодевни книги за само неколку библиотеки – кога светот се наоѓа пред колапс? Јас веќе не го правам тоа. Продолжи да гледаш од твојата академска планина – но, кон други хоризонти, хоризонтите на сето преостанато…“. Го препрочитувам ова и ми доаѓа полесно. Веројатно, студенти/професори на мировни студии има многу повеќе надвор отколку во предавалните. А таа енергија не била никогаш поважна за опстанокот на светот отколку сега.