За вкусовите не спориме, има решенија што поинаку би ги реализирале и јас и критичариве. Едно пропуштаат да осознаат и признаат, по многудецениска апстиненција, Скопје, кое пет века беше касаба, гарнизон на Турците и каде што Македонците немаа право да имаат дуќан во чаршијата, црква на кат, а за споменик и да не говориме (и покрај сите лажги, демек за соживотот во чаршијата), конечно гради споменици и ги етаблира својата историја и самостојност
Скопје е град што во својата бурна историја неколкупати бил разурнуван од земјотреси, од кои еден пред повеќе од половина век, со јачина од 6,9 степени според Рихтер, кој го срамни со земја и во кој загинаа 1.070 лица, 4.000 беа повредени и околу 200.000 останаа без дом, повеќе од 15.000 стана беа урнати.
Ќе изградиме ново, поубаво Скопје, порача Јосип Броз-Тито по обиколката на урнатиот град во катастрофалниот земјотрес. На теренот првпат по Втората светска војна се сретнаа американска и руска војска. Во постземјотресно Скопје се слеаја братска помош и купишта пари. Според тогашните извештаи, 87 странски нации испратиле најразлични видови помош и помогнале во обновата и изградбата на постземјотресното Скопје. Но тогаш Скопје стана и отворен град, во кој е регистриран голем механички неконтролиран прилив на луѓе од соседните братски републики и покраини, но и мека на нереализирани амбиции на дузина архитекти мешетари од регионот и пошироко.
Бевме деца во тоа време и некои работи малку ги разбиравме. Скопје по земјотресот беше прогласено за град на солидарноста и во него се влеваше многу братска помош. Беа изградени населби со фински, норвешки, шведски бараки, руски монтажни комплекси, некои капитални објекти, како театарот, универзитетскиот комплекс, градскиот ѕид, транспортниот центар. На падините на Водно никна и елитна населба на просторот околу црквичето во Капиштец и пошироко.
Набргу ентузијазмот како да подзапре, градителскиот занес папса. Најверојатно потскусија и средствата од братската југословенска помош и пошироко се прелеаја во раскошни пространи градби на падините на Водно. Сето тоа беше изведено мошне итро и, се разбира, во тесен круг, во кој беа другарите од политичката врхушка и, се разбира, ескорт од личности од јавниот и културниот живот, за приказната да биде поубедлива. Градежната оператива го расчисти теренот, го распарцелизира и ги удри темелите на првото прелевање на капиталот од фондовите на постземјотресно Скопје во приватни имоти, кои сега во посттранзицијата се вистинско богатство. Многу од нив им се продадоа на новопечените богати махери и трагата полека се покрива и брише. Многу од бетонот и преостанатиот градежен материјал од солидарната братска помош се вгради и околу охридското крајбрежје, според некои и се пренесе и во Нов Белград и пошироко… Според хронолошките податоци, масовната изградба на поголеми станбени објекти започнува најпрвин во центарот на Скопје, и тоа во составот на т.н. Градски ѕид, кој е идејно дефиниран со конкурсниот проект на Кензо Танге. Но при разработката на проектот, со т.н. деветтата варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Домашните и странските архитекти учествувале со масовната обнова и градба на новото Скопје. Така никнуваат фамозниот Градски ѕид и новата железничка станица, а јавниот простор во градот го узурпираат и освојуваат футуристички градби – архитектурни фантазмагории во натур-бетон, како комплексите УКИМ, МОБ, Пошта и сл.
За првиот објект (МНТ), кој беше одбран на меѓународен конкурс, подоцна се разбра дека бил одбиен на други меѓународни конкурси, но кај нас ги исполни строгите „постмодерни критериуми“ и евалуации. Неколкупати потоа беше препокриван и реновиран однадвор и внатре, затоа што не „држеше“ вода, прокиснуваше. И денес е тука на местото и сѐ уште ги збунува и граѓаните и посетителите таа постземјотресна „карабина-архитектура“.
Македонската архитектура во втората половина на 1990-тите години ја доживува следната архитектонска фантазмагорија. „Се проектираат и започнуваат да се градат голем број разновидни објекти, а преку проектите одново заживува истражувањето на нови можности во архитектурата, кои според својот архитектонски израз се движат од неорегионализам до реинтерпретација на пионерските движења на модерната“ според посочувањата и оцените на компетентни проследувачи и познавачи на состојбите. Реконструкцијата на градот Скопје по оцена на кустосите на МОМА во 2018-2019 е окарактеризирана како бруталистичка бетонска утопија, а проектот на Кензо Танге метаболистички. Подоцна нови објекти ги пренатрупуваат старите градски квартови, чија инфраструктура има ограничени можности. Настанува еден нов вид урбан хаос. Како најнегативен пример од таа област во последната деценија на 20 век се наведува Дебар Маало.
Последниве десетина години, Скопје е преоблечено во сосема ново руво -барокно. Со владиниот проект „Скопје 2014“, општествените и дел од станбените објекти добија нови фасади во неокласицистички стил. Централното градско подрачје се дополни со фонтани и низа споменици. Овој архитектонски стил сѐ уште трае, а нови барокни фасади добија и некои објекти изградени во постземјотресно Скопје
Одобрувања, негирања, несогласувања при оцените на бурната полувековна македонската архитектура и изгледот на денешно Скопје, кое во подбивот на злобниците од шарената провиниенција сега се нарекува Неа Стиропори.
Контроверзиите се резултат на различните вкусови и мислења и се движат од лоши естетски оцени (архитектурна шизофренија) од некои заколнати архитектонски постмодернисти, според кои необарокните градби се неуспешен обид за модерен култ и одгатнување тајна на едноцивилизациска мистерија. Според нив, градот треба да остане со архитектонски обележја од постземјотресно Скопје, а тоа се објекти изградени претежно од натур-бетон, што во времето кога беа градени беше многу модерно – така барем тврдеа, изјавуваа и нѐ уверуваа тогаш главно тие истите естети, архитекти и градежници и нивните следбеници и поддржувачи. Во таков футуристички стил беше изградена „скокалницата“, објектот на Македонската опера и балет и универзитетскиот комплекс „Св. Кирил и Методиј“, нефункционален објект граден како сет за некои од смелите визии во филмовите на Стенли Кјубрик, цветните бетонски егзибиции на „Македонска пошта“, ЕЛЕМ.
Многу од градбите од времето на постземјотресно Скопје, ако ги споредите со новите зданија што никнуваат покрај нив, изгледаат запуштено и тегобно, како далечно ехо на едно сфаќање на архитектурата и воопшто уредувањето во духот на уравниловката и скромното социјалистичко милје.
Градот и проектот 2014, независно од сите плукачи, е заокружен и целосен – на радост на сите што посакуваат да се гордеат или пофалат со него. Веќе има алтернатива на злобните и тенденциозни визури што редовно ги нудеа странските дописници (Топаана, Шутка, бездомници и питачи, понекој стутулен старец, трошното Маџар Маало, понекоја депонија или преполн контејнер по кој претураат босоноги – значи бездомни или беспризорни дечиња). За вкусовите не спориме, има решенија што поинаку би ги реализирале и јас и критичариве. Едно пропуштаат да осознаат и признаат, по многудецениска апстиненција, Скопје, кое пет века беше касаба, гарнизон на Турците и каде што Македонците немаа право да имаат дуќан во чаршијата, црква на кат, а за споменик и да не говориме (и покрај сите лажги, демек за соживотот во чаршијата), конечно гради споменици и ги етаблира својата историја и самостојност. Постземјотресните градби беа со логична функционалност, но и со архитектонски заблуди (нека извинат љубителите на натур-бетон).
Вревата и дебатата за еклектизмот, стиловите, кичот, што упорно се создава кај дел од јавноста, се неубедлива аргументација на оние што некогаш го нагрдија, испокрадоа или го откупија по багателни цени половина од постземјотресно Скопје.