Историјата на Бугарите, како и на другите балкански народи, во последните 600 години е тесно испреплетена со владеењето и развојот на Отоманското Царство и современа Турција. Таа испреплетеност оставила поле за многубројно турско малцинство што ја населува државата, концентрирано во еден или два региона главно на Родопите. Комунистичкиот режим во втората половина на дваесеттиот век направи насилен обид да ја смени етничката мапа на државата и да го зајакне националниот состав на државјани Бугари
Поучни лекции за Македонија: Бугаризацијата на Турците во времето на Тодор Живков
Поранешниот колега од Македонската телевизија, Слободан Трајковски, објави едно свое професионално сеќавање од посетата на некогашната претседателка на Извршниот совет на Југославија на Бугарија, поточно за средбата меѓу Милка Планинц и претседателот на бугарската држава и на партијата Тодор Живков. Тој наведува дека при средбата, на прашањето на Планинц зошто бугарската политика не ги признава Македонците, Живков го рекол следново: „Како да признаеме. Во Бугарија има стотина илјади Помаци (бугарски муслимани), милион и пол Турци, два милиони Македонци. Има и Власи и Роми. Колку Бугари ќе останат? Нема политичар во Бугарија што може да го направи тоа оти ќе пропадне Бугарија!“ Така рекол Живков, а нема причина да не му се верува на Трајковски.
Цитатов е земен како вовед во текстот за да се укаже не толку за точноста на настанот или за точноста на бројките туку низ него да се илустрира децениската негаторска политика кон малцинствата (кон другите народи) во Бугарија во времето на комунизмот, особено во периодот на владеењето на живковизмот. Такви изјави има стотина што може да се најдат меѓу 2.469 документи на Централниот комитет и Политбирото на Комунистичката партија што јавно ги има објавено бугарскиот државен архив и што може да се видат на неговата електронска страница.
Во текстот што следува нема да се зборува за бугаризацијата на населението во Пиринска Македонија за што е доста пишувано, туку за обидот да се побугарат сите Турци во Бугарија, од најмало до најголемо, настан што е од многу свежо минато, но малку подзаборавен. И низ него може да се согледа опсесијата на бугарската политика за создавање нова, чиста бугарска раса, за амбициите да се докаже дека голем дел од населението порано било бугарско, а подоцна станало нешто други, турско, српско и македонско. Истовремено да се согледаат и репресивните мерки, лажното прикажување на фактите и суровоста кон другите националности, особини што на бугарската држава низ историјата никогаш не ѝ биле далечни.
Меѓу документите што се споменати може да се прочита изјавата на Живков за Турците. Акцептирајќи ја опасноста од големиот наталитет и ширењето на турското население тој изјавил: „Доколку не сториме нешто, 200 до 300 илјади Турци да заминат од Бугарија за 15 години, Бугарија нема да постои. Бугарија ќе биде вториот Кипар“. Малата средоземна држава ја посочувал како пример на одвоеност, зашто Кипар по грчката интервенција бил поделен на северен турски и јужен грчки, со јасно поставена граница. Ваквиот став на челникот на државата и партијата бил сигнал Бугарија да почне масовна операција, прво за бугаризација на Турците, а потоа за етничко чистење и нивна депортација во Турција.
Историјата на Бугарите, како и на другите балкански народи, во последните 600 години е тесно испреплетена со владеењето и развојот на Отоманското Царство и современа Турција. Таа испреплетеност оставила поле за многубројно турско малцинство што ја населува државата, концентрирано во еден или два региона главно на Родопите. Комунистичкиот режим во втората половина на дваесеттиот век направи насилен обид да ја смени етничката мапа на државата и да го зајакне националниот состав на државјани Бугари. Соодветно на таа стратегиска цел спроведе оперативно практичен план за нејзино остварување.
Сѐ почнало утрото на 24 декември 1984 година кога армиски и полициски единици ја опколиле областа Крџали во јужна Бугарија, каде што голем дел од жителите биле припадници на турското малцинство. Улиците биле блокирани, телефонските линии прекинати, бил воведен полициски час. Тенкови и водни топови се движеле низ улиците, на цивилите со бугарско потекло им било поделено оружје да им се закануваат на своите соседи. По наредба на Софија во сите села во Крџали биле испратени матичари, службеници надлежни за пријавување лица и издавање нови лични документи. Се наведува дека матичарите од цела Бугарија биле преместени и собрани таму побрзо да се заврши работата. Со некој член од Законот за воено право сите претставници на овие малцинства беа принудени да ги „бугаризираат“ своите турски имиња и презимиња. Новите лични карти беа издавани веднаш. Дотогаш постојните малцински права беа укинати, се забрани носење турска облека, на луѓето им беше забрането да зборуваат турски, како во јавната така и во приватната комуникација, дури ни дома.
Целата операција неколку месеци се одвиваше тајно, владееше официјален молк, за неа се слушаше само во разговори меѓу луѓето, немаше никаква информација во весниците или на радиото. Власта, како и секоја власт, негираше дека се случува нешто такво. Но во јануари 1985 г., настаните се обелоденија откако Бугарија се најде во тесно, кога европските земји ги добија висинските сознанија и откако францускиот претседател Франсоа Митеран во знак на протест ја откажа својата државна посета на Бугарија. Веднаш потоа, Комунистичката партија соопшти дека акцијата во Крџали и регионот е успешно завршена и дека ќе продолжи во другите региони каде што има турско малцинство.
На 31 март 1985 година, комунистичките властодршци соопштија дека операцијата е завршена и почнува да се работи интензивно на службено, административно впишување на новите имиња во сите релевантни регистри. Секој претставник на турското малцинство во годините што следуваат добивал во просек по 19 нови потврди, дозволи или изводи – од извод од матична книга на родените до возачка дозвола и здравствен картон со новото име и презиме, со новиот бугарски идентитет. Сите Асани станаа Асени, секој Алија стана Илија, Ајша доби име Марија, се словенизираа (побугарија) сите имиња и презимиња на мажи, жени и деца, дури и на нивните дедовци и баби што не биле меѓу живите.
Кампањата на жестоката и насилна асимилација се водеше под гротескната и иронична државна парола „повторно раѓање“ или „преродба“. Тој слоган требаше да наметнува заклучок дека Турците се Бугари што некогаш биле потурчени, а сега треба да се вратат кон својата мајка родилка, да си го осознаат вистинското бугарско потекло, а не наметнатото турско. Пропагандата на режимот одеше до таа дрскост што со сите сили се трудеше да го убеди светот дека обидот за асимилација е всушност доброволна одлука на турското малцинство, дека не е терор туку добра волја. Вреди да се спомене дека истите паролашки наводи Бугарија ги користеше во педесеттите години од минатиот век во Пиринска Македонија кога по два одржани слободни пописи на населението бројот на лицата што се изјаснија како Македонци достигна 200 илјади и кога беше почната масовна операција на нивна бугаризација. Слична успешна кампања оствари Грција со Македонците во Егејска Македонија во првите децении од 20 век.
Но пет години подоцна, на почетокот на 1989 година, комунистичкото раководство во Софија сфаќа дека ситуацијата излегува од контрола, дека доаѓа време кога ѓаволот може да го наплати данокот, кога почнаа масовни протести и други изрази на револт. Носи заклучок дека настанатиот притисок, и дома и надвор, може да се намали со иселување на припадниците на турското малцинство во Турција. На крајот на мај 1989 година, шефот на државата и на партијата Тодор Живков се обрати до населението со понуда – сите што сакаат да се иселат можат да го сторат тоа.
Настанува хаос. Жителите од турските краишта почнуваат трескавично да продаваат сѐ што имаат за да се отселат во Турција. Непрегледни колони луѓе, возила, дури и стока се движат кон границата со Турција. Живков изјавува: „Се соочуваме со масовен егзодус. Тој е секако неопходен и поволен за нас, за Бугарија. Му наредивме на Министерството за внатрешни работи брзо и со сила да ги депортира екстремистите, масовно да ги протера фанатиците што протестираат“. Цинизмот оди дотаму што дава наредба да не се користи терминот „депортација“, туку да се оправдува како лична желба на оние што се иселуваат и дека Бугарија има разбирање за нивните желби и барања да заминат во Турција.
Масовниот егзодус во медиумите е насловуван како „голема екскурзија“ со толкување кон јавноста дека луѓето само привремено отпатувале во Турција во посета на роднините. Од мај до крајот на август 1989 година, додека беше отворена границата, бегајќи од бугарскиот идеолошки, националшовинистички и физички прогон во Турција, се иселија околу 300 илјади Турци – бугарски државјани, не сакајќи да ја прифатат промената на муслиманските имиња со словенски, не трпејќи ја забраната да го говорат својот мајчин јазик, да ги заборават верата и народните традиции. Од иселените повеќе од две третини не се вратија. Само неколку месеци по овој егзодус, на 10 ноември 1989 година Живков е симнат од власт.
Бугарија, по падот на комунизмот и еднопартискиот систем, им ги врати сите права на Турците, турското малцинство формира своја политичка партија што е застапена и во Народното собрание. Во деловите населени со Турци дозволи настава на турски јазик и донесе повеќе одлуки во корист на нивните национални права и слободи. Двајца бугарски претседатели и еден премиер јасно му се извинија на турското малцинство. Како непризнаено малцинство, а многубројно, останаа само Македонците, кои според бугарските закони не може да формираат ниту културно-уметничко друштво со македонски предзнак.