Горат суви треви и нискостеблести шуми. Горат ожнеани стрништа и страници неиспишани книги. Горат научни сеидби и страници испишани со македонска историографија. Горат национални паркови и национални богатства. Гори националното. Гори под нозете
Републиката е повторно во пламен. Не онаа Крушевска Република, барем не сè уште. Мислам на новата, преспанска. Малку појужно од Крушевската. Тешко е да се заменат, и не само географски. Крушевската Република за десет дена добива цврсто утврдување, национализирани претпријатија, санитетска служба со болница и што уште не… Во преспанската се влегува и излегува полесно: мигранти доаѓаат и умираат (но не затоа што ја замениле со рајот), а осомничени бегаат слободно. Во преспанската република нацијата се денационализира, а по осумте адаптирани пратеници, во обид е адаптација на осум земјоделски комбиња во возила за брза помош и што уште не, дури републиката гори…
За волја на вистината, за ширењето на пожарот не е виновен човечкиот фактор, туку северниот ветер. Настанокот е друга работа. Тоа се факти, а пред фактите и боговите молчат. Или беше обратно?
Како и да е, историјата се врти. Но се чини и тоа е обратно, барем синтаксички, па излегува – кој ја врти историјата? Така ми се чини, слушајќи дека треба да се вртиме накај што дува силата (како петел-ветроказ) и читајќи дека треба да се менуваат учебниците – да се изгорат стереотипите и предрасудите на старите историски сеидби, како стрништа, зашто се одамна ожнеани и „за волја на вистината не ја рефлектираат реалноста“, ќе каже еден министер. За волја на вистината…
Што да се прави со вистината што не ја рефлектира реалноста во согласност со ветувањата на изборите во последните три децении? Или да свртиме обратно, кога веќе сè што е извртено наопаку се калеми со смисла што да се прави со реалноста што не ја рефлектира прокламираната вистина? Треба да се менува, претпоставувам. Да се исчисти, како старо стрниште. Или тоа или да се преора сè од почеток, зашто свршила жетвата над оваа македонска земја. Нема веќе, толку е. Толку може да даде. Попусто се ѓубри. Треба да се чисти. Нема изговор.
Гори државата, на сите страни и по сите основи. Горат суви треви и нискостеблести шуми. Горат ожнеани стрништа и страници неиспишани книги. Горат научни сеидби и страници испишани со македонска историографија. Горат национални паркови и национални богатства. Гори националното. Гори под нозете.
Гори потрошувачката кошница. Горат пеперутките и пчелите во кошниците. А без нив, нема опрашување, нема ни птици, ни мед. Ќе нема род, за никого. Празно небо, празни кошници, празна тегла. Се разбира, „северецот“ не е виновен за колапсот на светот, не е толку моќен. Но е дел од проблемот, наместо од решението. А решено е сериозно да гори.
Гори сè што е исправено кон ѕвездите. Горат шумите. Гори знаењето. Гори од човечки фактор, од незнаење. Како што веројатно горело сè, секогаш и можеби – секаде.
Горат и највисоките борови. Гори сè што е високо, што расте. Што сака да расте. Само во политичките височини не гори ништо. Натаму само се вивнува. Оттаму дува „северот“. Не оној природен, студен мартовски ветер, туку оној вештачки, фабрикуван, кој не прилега на оваа јужна земја, што ни го втераа во коски да го носиме како ревма. Како „сувенир на стражарските денови“, пееше Балашевиќ.
Но повеќе ми врти на сувенир на деновите кога ја напуштивме стражата. Стражариме на Фејсбук. Полесно е. Дали е ова факт пред кој долго ќе молчиме? Или долгото молчење стана несоборлив факт со кој одбиваме да се сообразиме? Дотолку полошо по фактите, ќе му одговори Хегел на својот студент на прашањето дека неговото учење не одговара на фактите.
Попусто македонскиот граѓанин им порача со бојкот на избраните од него – да не ја отвораат „торбата со ветрови“ (како Одисеј во епот), оти ќе нè раскостат. Не послушаа, а беа обврзани. Го пуштија „северецот“ на слобода, па сега се неслободни да изустат „македонски“ ни како додаток на прирокот за време (тогаш, денес) или место (таму, дома), на пример. Но ќе остане премолчено да се користи во иднина како додаток на прирокот за начин – „тешко, некако“. Се плашам како и во епот, овој ветер означи почеток на една долга одисеја и ќе нè оддалечи од „сонуваната земја“ и мирната пловидба дотаму…
Во меѓувреме, Земјата продолжува да се врти околу својата замислена оска. Прави да се замислиш околу што и чии оски се вртиме во нашето кратко вртење на Земјата.
На пример, како е можно од погледот врз еден (условно) исклучителен космички пример на вртеж полн со живот да влеземе/слеземе во еден монотон сив вител каде што сè се врти околу политиката и (не)работата на политичарите? Како е можно една толку стара (своевремено) идеја за хелиоцентричната поставеност на Сончевиот систем каде што сè се врти околу Сонцето (светлината), замислена уште од Аристарх во третиот век пред новата ера, а возобновена од Коперник во 15 век, да му отстапува денес предност на егоцентризмот, како само замислена оска околу која забрзано ротира потрошувачкото општество и од кој сè повеќе страда заедничката перспектива кога ги зазема одлучувачките места во едно општество?
Само замисли, читателе, каква реткост е и колку е кратко тоа наше вртење околу сончевата светлина, а потоа замисли како горел слободоумниот Џордано Бруно на клада поради своите убедувања (помеѓу другото) дека таа (Земјата) се врти? А сега замисли колку години се вртиш во посттранзициска темнина, зад која те убедуваат дека те чека една израмнета земја, каде што сè е рамно и недостига уште џиновската желка со слоновите, па да се чувствуваш како хиндус од она време? Долго ветуваната „500“ како златен стандард, како македонска алфа без омега, најпосле е на прагот, но извртена како и сè друго на друга страна – тоа е безмалку бројот на граѓани што живеат во „нискостеблестиот“ слој на животниот стандард, поточно во сиромаштија, каде што најмногу гори под нозете, и над нозете – во стомакот. Тоа е сликата за нашата вистинска опожареност. Од незнаење.
За разлика од Бруно, кој буквално изгорува во пламенот на својот идеал, тосканскиот астроном Галилео Галилеј, по долго противење, се согласил јавно да се одрече од теоријата дека Земјата се врти околу Сонцето, но останал доследен на своите уверувања во домашен притвор до крајот на животот. Нему му се припишува онаа промрмомрена реченица по процесот против него „Сепак се врти!“ (Eppur si muove) како мирен пркос кон инквизицијата. Жалење за стореното ќе стигне дури по триста и педесет години од страна на папата Јован Павле Втори, а за Бруновата клада по четиристотини години – именувана само како „тажна епизода“.
„Несреќна е земјата што нема херои“, ќе му рече на Галилеј разочараниот ученик по одрекувањето на учителот, во драмата на Брехт „Животот на Галилеј“. „Несреќна е земјата на која ѝ се потребни херои“, ќе му одговори Галилеј.
Можеби најнесреќна е земјата на која ѝ се потребни херои а ги нема, си мислам. Таа има најголеми шанси да стане „тажна епизода“.
Лично, не им верувам многу на ветроказите поставени највисоко. Ги сакам оние веќе ретки ветрокази-петлиња, кои ги има повеќе во песните, како во онаа на Џетро Тал, која ја проблематизира улогата на ветроказот како нешто што просто ги одразува промените горе, а ја охрабрува идејата дека ветровите се обзираат на сјајот во окото на петелот-ветроказ. Поинаку кажано, од нашиот поглед на нештата и појавите (може да) зависат промените погоре. Тоа и оние погоре треба да го знаат, дека сепак се врти. Сè.
А од хелиоцентричниот систем, ако не друго, треба да научиме, дека ништо не се врти околу нас, туку заедно се вртиме во круг и околу Сонцето, и со него во поголем круг. Среќа(та) на тоа вртење е да те замени некоја пеперутка или пчела со цвет. Ништо повеќе. А зар е малку?
Авторот е магистер по мир и развој и поет