По некоја случајност, Моријана Адамс вели дека во екстремни форми одредена група врз основа на својата раса, етничко потекло, религија итн. се обидува да го оправда и докаже своето априорно „право“ на привилегирана положба во општеството. Затоа слушаме изјави за субвенционирање на вработувањата по етничка основа во приватниот сектор, дека овој начин на вработување е уставна категорија, ние како пратеници Албанци што сме ги добиле гласовите од Албанците имаме обврска да се грижиме токму за Албанците, го познавам македонскиот јазик, но не би било лошо и новинарите да го знаат албанскиот и сѐ така до бесконечност!
Во втората половина на 20 век беше создаден еден општествен систем на кој можеа да му завидат дури и најфанатичните приврзаници на расната филозофија, како што се Жозеф Артур Гобино и Хјустон Стјуарт Чемберлен. Еден „избран“ народ, верувајќи во својата „супериорност“, ги постави темелите на „совршеното“ општество и во овој „рај“ на сегрегацијата само одредена група луѓе имаа права. Сегрегацијата беше поделена на „мала“ и „голема“, притоа „малата“ се однесуваше на јавните објекти и социјалните настани, а „големата“ сегрегација ги диктираше (ограничуваше) можностите за живеење и вработување. Педантноста одеше дури дотаму што сегрегацијата ги регулираше сите аспекти од секојдневниот живот – јадењето во ресторани, пиењето вода од јавните фонтани, одењето во кино, купувањето куќа и сѐ така до бесконечност! Како и во секое „совршено“ општество, беше озаконета административната самоуправа, оформена врз основа на етничките и јазичните особености, а беше донесен и закон за образование со кој се изврши сегрегација во високото образование. Со посебен декрет, јазикот на малцинството беше воведен како задолжителен јазик во средните училишта. Но „правичноста“ не завршуваше тука, доколку најголемиот дел од населението сакаше да работи во градовите, требаше да добие дозвола за престој, дозвола за живеење, потврда од работодавецот и дозвола за движење во ноќните часови.
За да не предизвикаме збунетост, мора да појасниме дека не говориме за Македонија, туку за општествениот систем познат како апартхејд, кој беше воведен во Јужноафриканската Република од страна на помала етничка група врз преостанатиот дел од населението, но секоја сличност не е случајна! Споменатиот апартхејд е класичен пример за сегрегација, која ги дели луѓето врз основа на критериуми што ги нарушуваат човековата слобода и право. Во суштина, сегрегацијата е поврзана со дискриминацијата на луѓето врз основа на расните, класните, националните, етничките и религиозните разлики и таа се јавува кога одредени политички, правни или нормативни барања наметнуваат значителни ограничувања врз одредена група.
Можеби ќе звучи чудно, но во нашето општество во последните дваесетина години се спроведува сегрегација, која е затскриена зад паролите за „еднаквост“ и „правда“. Охридскиот рамковен договор требаше од Македонија да создаде мултиетничко и правично општество за сите граѓани, без разлика на нивната национална, етничка и верска припадност. Затоа беше предвидено целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите, вработување во јавната администрација за припадниците на етничките заедници, образование на мајчин јазик, употреба на симболите во општините, праведна територијална реорганизација итн., со други зборови требаше да се создаде општество со еднакви можности за сите.
Меѓутоа ние не создадовме мултиетничко општество, туку едно шизофренично општество.
За да ја потврдиме вистинитоста на нашата теза ќе посочиме неколку примери. Сегрегацијата најмногу е видлива во образованието, каде што егзистираат околу 300 основни и 30 средни албански училишта, албанска секција на педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, два универзитети во Тетово – Тетовскиот државен универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа, како и уште неколку отворени последниве години, со други зборови во Македонија се создаде паралелен албански образовен систем. И тука сосема логично се поставува прашањето каде е мултиетничноста во нашето општество. Мултиетничкото општество подразбира општење помеѓу различните етнички, јазични и религиски групи, а не сегрегација. Во текот на образовниот процес, македонските и албанските ученици немаат никаков допир и дружење, а тоа е веќе видливо и во високото образование, секако со одредени исклучоци. Оваа гетоизираност создава етничка поделба и омраза затоа што Македонците и Албанците се градат како личности во одделни општества и немаат заеднички вредности.
Меѓутоа нашата општествена сегрегацијата не завршува тука. По некоја случајност, Моријана Адамс вели дека во екстремни форми одредена група врз основа на својата раса, етничко потекло, религија итн. се обидува да го оправда и докаже своето априорно „право“ на привилегирана положба во општеството. Затоа слушаме изјави за субвенционирање на вработувањата по етничка основа во приватниот сектор, дека овој начин на вработување е уставна категорија, ние како пратеници Албанци што сме ги добиле гласовите од Албанците имаме обврска да се грижиме токму за Албанците, го познавам македонскиот јазик, но не би било лошо и новинарите да го знаат албанскиот и сѐ така до бесконечност!
Овие искажувања се привидение на дискриминацијата и се во спротивност со повелбата на Обединетите нации за унапредување на универзалното почитување и уважување на човековите права и основните слободи за сите, без разлика на расата, полот, јазикот и религијата. Исто така се во противречност и со нашиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата, во кој се вели дека: „Дискриминацијата по перцепција е секое разликување, исклучување или ограничување на едно лице поради претпоставена припадност кон одредена група врз која било дискриминаторска основа…
Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожата, потекло, национална или етничка припадност, пол, род… Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што има за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на првата и слободите на одредено лице и група на еднаква основа со други…“ Субвенционирањето на вработувањата по етничка основа во приватниот сектор е дискриминација на сите други и обид за привилегирана положба на Албанците во нашето општество. Ова не е мултиетничко општество туку една сегрегација, која полека започнува да личи на јужноафриканскиот апартхејд. По сѐ изгледа дека албанската политичко-општествена елита својата борба за поголема „еднаквост“ и „правда“ ќе ја заврши со барања за одделни албански ресторани за јадење, албански фонтани за пиење вода, албански јавни тоалети и сѐ така до бесконечност!