Ако сето ова што ѝ се случува на Македонија во последните четири години може да се стави во фабулата на еден филм од жанрот мелодрама, со наратив пишуван строго според американските сценаристички стандарди на холивудската матрица, тогаш слободно може да кажеме дека сега сме на осумедесеттата минута и многу брзо ќе дојдеме до точката што еден од татковците на современата сценаристика Сидни Филд ја нарекува резолуција, во која, во иста драматуршка точка ќе се достигнат кулминацијата, расплетот и крајот. Американците, драги мои, се практични луѓе, кои уметноста на филмот ја сфаќаат како производ за на пазар што треба да им се допадне на што поголем број гледачи што тие ги нарекуваат консументи, кои припаѓаат на различни социјални, расни, етнички, културни, цивилизациски, сексуални, политички и други ентитети. Според вујкото, пак, на американскиот филмски мрчиндајзинг Стивен Спилберг, крајната цел на американскиот филм, односно идеалот е да им се допадне на сите, ако може! Секако, најважното од сѐ е додека го консумираме тој идеал содржан во пуканките, начосите и ги смукаме сламките од кока-колите, облечени во маички и шапчиња со лицата на омилените актери, херои и суперхерои, да не заборавиме дека тука сме да се забавуваме – образовајќи се. И тоа е сѐ. Тоа е таа дихотомија на поимот филм изразена низ нејзините две функции: „ентертејмент енд еџукејшн“. Така е и со оваа репертоарна мелодрама со наслов „Северна Македонија“, која токму во времето на божиќно-новогодишните празници, логично на насловот северна, нели, ќе влезе во нашите домови и срца и ќе нѐ огрее во овие студени и тмурни зимски денови и ноќи.
На американските универзитети сценаристиката или драматургијата се изучува строго според правила, кои гарантираат целосна контрола на сите фази на пишувањето на приказната, па, така, прво се пишува логлајн, во кој во една реченица се раскажува целиот наратив во форма на фраза, аксиома или теза што треба да се запамети, особено медиумски, врз која понатаму ќе се развива целата структура на синопсисот и третманот. Сосема, ама сосема подоцна се гради наративот, низ различните верзии на сценариото, кое од првата секунда има една парадоксална но суштинска цел – на крајот, откако филмот ќе се сними и сѐ ќе се заврши, тоа – сценариото да престане да постои. Сите сценарија на американските холивудски, не само блокбастери, на крајот од производството завршуваат во кантата за ѓубре. Тоа е, мила публико, животниот пат на сценаријата. Тажен ама вистинит. Европеецот Жан Клод Кариер се примирил со тој американски утврден сценослед, па својата работа ја нарече создавање „невидлив филм“. Ете, драги мои, таква е судбината и на сценариото наречено „Северна Македонија“, па откако ќе се заврши сѐ, во согласност со добрите практики на индустријата, да биде фрлено во смрдливиот агол од историската канта за ѓубре во департментот на американското студио за производство на политички драмолетки „Сцена Европа, оддел Исток, продукција Западен Балкан“. Да, тоа сценарио во својата структура беше поделено строго според американските филмски и сценаристички стандарди на два акта и една разврска во која во првиот акт експозицијата почна со доаѓањето на власт на Зоран Заев, низ една драматична крвава и епска борба на протагонистот со сите и против секого.
Заплетот се структурира во настаните во кои дејството напред го движеа драмските ситуации во вид на перипетии околу „Преспанскиот договор“, а вториот акт и фабулата се развија со конфликтите на протагонистот со антагонистите од „Бугарскиот договор“, кои му пречеа на епскиот херој да ја оствари својата праведна цел, создавајќи идентификација со гледачите консументи со драматуршките алатки на дејство, противдејство и новодејство, и со прецизен саспенс во осумдесеттата минута, кога во стилот на сега модерната форма „филм риалити“ на телевизиско интервју во кое учествува протагонистот, ќе биде достигната кулминацијата, пресвртот и крајот. И ете сме сега во резолуцијата, односно во разврската, кога се очекува протагонистот да се сруши во својот катарзис на епско јунаштво, со колосално заминување кон портокаловото зајдисонце и пожолтените прерии на рајот, со фон од темата на филмот во стилот на Вагнерова симфонија компонирана од современиот маг на филмската музичка драматургија, Германецот Ханс Зимер, што во крајна смисла ќе додаде една дополнителна европска нота на, сепак, да бидеме искрени, оваа во суштина американска продукција. Тоа е, нема друго. Сега, на ред се ревјуата, односно филмските критичари што ќе ја оценуваат вредноста на ова уметничко дело. Ќе има тука секакви пишувања, драги мои, да не се лажеме.
Од изливи на блескава генијалност и неповторлива, речиси историска филмска епопеја, до лабави егзалтации на филмските скептици дека сепак треба да се гледа внимателно оваа, во многу нешта, неубедливо раскажана мелодрама. Некои критичари ќе забележат на кастингот и актерска игра, некои на специјалните ефекти, а некои на продукцијата, а особено на постпродукција и промоцијата, но сите ќе се согласат во едно: дека оваа приказна има свои потенцијали да се развие во серија, односно во франшиза, што е омилениот начин на организирано производство на големите американски студија, каде што, без обѕир на сѐ, „Северна Македонија, кецот“ си заслужува „Северна Македонија, двојка“. Некако, сега ми доаѓа насловот на веќе епскиот филмски образец според кој речиси низ целиот свет се произведоа многу такви успешни приказни, а тоа е филмот „Рамбо“, чиј фабулозен прв дел беше продаван со поднасловот „Прва крв“. Не е ова случајно, драги мои, па режисер на оваа славна американска драма, во која карактерот Рамбо се бори против предрасудите на периферијата, примитивизмот, шовинизмот и нетрпеливоста кон различните од нас и на крајот ја губи битката, е Бугаринот Тед Кочев. Некои велат дека тој, Тодор Кочев е Македонец, со потекло некаде од Егејот, но Бугарите предварително го имаат утврдено како свој во согласност со здравата логика на Договорот со Бугарија, кој дефинира дека секој Македонец во суштина е Бугарин, а ете тоа им го потврди и гарантира и јунакот од нашиот филм Зоран Заев, нели така?!
Е, сега, тука е клучниот момент, кој произведува совршен драмски конфликт креиран во фактот дека македонскиот Бугарин, режисерот Тед Кочев води потекло од сега грчката префектура Западна Македонија, што, пак, според Договорот од Преспа имплицира припадност кон елинистичката културна и историска традиција, на кое Зоран Заев се согласи во првиот акт како што погоре го дефиниравме во драматуршката структура на оваа наша приказна. Лично очекувам во вториот дел од филмот „Северна Македонија“, кој може да се продава со поднасловот „Потрага по идентитетот“, плотот да се структурира во тројниот конфликт околу утврдувањето на правото на идентитет на режисерот Тед Кочев. Колку американски звучи ова? Навистина сум горд на себеси и своите евроатлантски драматуршки определби. Не е дека се нудам, но со задоволство би учествувал во јадењето пуканки и начоси со пикантен сос на премиерата на вториот дел од филмот „Северна Македонија: потрага по идентитетот“, кој, според логиката на нештата, би требало да почне да се дистрибуира и емитува за четири години од сега, кога потенцијалите на замрзнатата приказна ќе бидат одмрзнати во моментите кога целата филмска јавност ќе биде насочена кон една друга, исто така американска франшиза, која со години веќе игра во соседното ни кино, и од 1999 година се прикажува во неколку продолженија, со наслов „Србија во соништата“.
Се претпоставува дека ќе има голем интерес на секогаш гладната за холивудски драми балканска публика, особено кога темата е семејни драми со недоразбирања и саспенси определени и мотивирани во карактерите, протагонистите – пијани Срби, кои од главите си ги кршат шишињата со ракија што предмалку ги шмркнале на искап, па нарамиле „пушка берданка“ и тргнале во нова војна со светот, оти, нели, „радо иде Србин у војнике“?! Тоа ќе биде брилијантен фон, што ќе поттикне некој нов германски Ханс Зимер, ако не повеќе, барем со музичката драматургија да го манифестира европското учество во оваа, сепак, ајде да не се лажеме, добра, ама многу добра американска студиска приказна. Уживајте во филмот. Нова година е, нека биде весело!
А како ќе заврши оваа епизода од филмот „Северна Македонија, прва крв“? Не бидете нетрпеливи, доседете докрај. Филмот треба да се одгледа докрај. Сосе кредитите. Внимателно читајте ги имињата на творците. Многу е важно да знаете кој го правел тој филм. И, да не ве разочарувам, нема да има спектакуларен крај. Сѐ е сосема јасно. Мислам, јасно им е на сите, освен на публиката во салата составена од Македонци, кои очекуваат ова да заврши со хепиенд, во кој на крајот сите се земаат и живеат среќно до крајот на светот. Ама, доста со таа наивност на обична публика што консумира сѐ што ќе ѝ се понуди на платно. Кому му е од интерес ова да заврши? Ајде, Македонци, вклучете го мозокот. Аман, пак ли ќе повторувам? Филмските саги на соседите не зависат од тоа кој е на власт, од која вера е или религија и со кого, која земја во каков сојуз е во овој момент сега?! Нивната цел била е и ќе остане: тие да произведуваат филмови во кои вие ќе бидете обични гледачи! Ваш избор си е дали ќе правите свои филмови и ќе ги прикажувате и дистрибуирате низ светот за да го покажете своето постоење, или ќе бидете искомплексирани консументи на туѓи приказни и туѓи судбини. Секако, со пуканки, начоси и кока-коли!
Авторот е режисер и универзитетски професор