И пак ќе речам, ние немаме проблем со Софија, Атина, Белград, Приштина или Тирана. Си имаме проблем со овие што овде нè сотреа (и интелектуално, и духовно, и материјално, и здравствено), што распродаваат сè што ќе им дојде подрака и само гледаат како да ќарат додека се на позиција на моќ
Ова би требало да биде празнична и пригодна колумна, но времињата не се за празнување. Ајде да си признаеме некои факти, колку и да се непријатни. Со децении 24 Мај го одбележувавме или како верски празник (знам села што го имаат како селска слава) или како неформален празник само на оние во образованието, па се одбележуваше во рамките на училишниот систем. Постарите ќе се сетат дека за време на Југославија не се брануваше многу во врска со Кирил и Методиј, додека многу држави (вклучувајќи ги и СССР и Бугарија) имаа официјален државен празник посветен на солунските браќа. Конечно, дури во 2007 година се собра политичка сила (провоцирана од воспоставување внатрешен етнички баланс, а не заради просветленост), па Денот на сесловенските просветители се прогласи за државен празник. Но, и од тоа ништо, бидејќи во суштина се сведе на уште еден неработен ден. Еден полуписмен премиер ќе се обрати со честитка до нацијата, ама внимателно да не навреди некого – дома или во соседството, а впрочем целата нација не ги чествува бидејќи нација и не постои; постојат два народа со два јазика и две различни писма. Ние на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ редовно имаме ритуал и прослава, ама и тоа минува тивко и без многу врева. Искрено, и ние немаме баш многу со што да се пофалиме.
Оваа година за вревата во предвечерјето на празникот треба да сме им „благодарни“ на Бугарите и на нашата влада, која експресно и нетранспарентно донесе одлука за почеток на работа на бугарскиот државен универзитетот од Велико Трново, кој носи исто име со нашиот најстар и најдобар универзитет, како што обично милуваме да го наречеме УКИМ. Нè убедуваат дека е тоа универзитет со малку поинакво име (името му е Св. Кирил и Св. Методиј, а не Светите Кирил и Методиј) и дека тоа не е атака на брендот (интелектуалната сопственост) на УКИМ.
Веднаш да ви кажам дека е тоа најмалиот проблем! Кратко пребарувајќи на интернет, заклучив две работи: прво, УКИМ е многу попознат од овој од Велико Трново, па треба добро да се потрудите (ако пребарувате на англиски) да го откриете бугарскиот. Многу побрзо ќе наидете на оние тажни податоци за нискиот рејтинг на нашиот универзитет на светските ранг-листи. Второ, овој од Велико Трново не е ни единствениот со такво име! И во Словачка постои универзитет што го носи името на Кирил и Методиј. Никој нема право да му наложува некому како ќе се нарече себеси или својот универзитет – освен ако не си од Македонија; тука имаш кумови и сватови за секоја работа. Впрочем, да не заборавиме дека Кирил и Методиј се дел на преамбулата на Уставот на Словачка: „Ние, словачката нација, имајќи го предвид политичкото и културното наследство на нашите предци и искуството стекнато со вековна борба за нашето национално постоење и државност, свесни за духовниот аманет на Кирил и Методиј и историското наследство на Велика Моравија…“. Сетете се и на ветото за заклучоците на Советот на ЕУ во декември 2020 година, кое дојде токму од двете држави, т.е. Словачка и Чешка, кои солунските браќа ги сметаат за дел на своето културно и историско наследство. Освен тоа, овој бугарски универзитет воопшто не може да се открие на радарот на светските ранг-листи. Во нормални околности, нашиот УКИМ нема зошто да се грижи, бидејќи има многу повисок рејтинг од овој провинциски универзитет. (Ние барем се гледаме некаде на 2.000-то место.) Родителите што сакаат децата да им добијат знаење покрај дипломите, убедена сум дека и натаму ќе ги запишуваат на УКИМ, не на бугарскиот. Се разбира, единствената „предност“ е што „ЕУ доаѓа тука“ (па, ако сакате, и сега нема децата да ги праќаат на школување таму, кога бугарска диплома ќе се нуди овде). Кампањата за упис на студенти ќе биде манипулативна и нефер во старт, бидејќи веројатно ќе се потенцира дека со дипломирањето се стекнува диплома од членка на ЕУ и дека вратите на ЕУ ќе бидат отворени за новите дипломци. Но зарем и досега голем број млади луѓе не студираа во Бугарија, Грција, а за другите земји и да не зборувам.
Точно е дека и меѓу многубројните (државни и приватни) универзитети, намножени како печурки по дожд, одамна постои нелојална конкуренција за студенти, наталитетот опаѓа, а и одливот на населението си го прави своето. Во земја во која функционира некаков универзитет на Мерко во Струга, ФОН стана американско-европски итн., овој од Велико Трново, во принцип, убаво ќе се вклопи – што сè не видела оваа земја! Наместо извонредност, ние штанцаме безвредни дипломи. Овој ниту ќе го подигне нивото на високото образование, ниту ќе го намали (ние одамна удираме по дното, или дуплото дно). Ако сака да биде вистински високореспектиран и препознатлив универзитет, УКИМ треба да поработи на себе, без оглед на оваа „конкуренција“. Кога ја прочитав изјавата на Камбовски, претседателот на Одборот за акредитација, како вели дека не може да бара преиспитување на акредитацијата издадена во Бугарија, со теза „на Оксфорд не можете да му барате акредитација“ – искрено, умрев од смеа! Да го споредиш Оксфорд со Велико Трново не би му паднало на памет ни на најголемиот бугарофил (за член на академијата и да не зборувам).
Во аргументацијата дека нема ништо страшно што бугарски ДРЖАВЕН универзитет се шири во Македонија, има едно големо НО! Тоа се контекстот, времето и околностите во кои систематски и упорно пенетрира бугарското влијание на секој можен начин: од политичките и економски уцени до ТВ-канал што прекуноќ го „донесе“ преговарачот Бучко, на ред стигна и академската.
Ова не е ништо друго туку еден вид културна и академска дипломатија на посилниот и агресивен сосед, во време на сеопшта негација на сè што е на „М“. Во воздухот виси чувство на црковен и образовен натпревар сличен на оној од пред 100 години. На интернет-страницата на бугарскиот универзитет пишува: знаењето на бугарскиот јазик е услов за запишување. Универзитетот од Велико Трново обезбедува изучување на бугарскиот јазик и нуди специјализиран тренинг за странските државјани што би сакале да студираат на бугарските универзитети. Покрај студиските програми на бугарски јазик, универзитетот нуди и образование на англиски и руски јазик. Од историјатот на „најголемиот бугарски универзитет надвор од столицата [т.е. Софија]“ се гледа дека е воспоставен во 60-тите години на минатиот век, и тоа како виша педагошка школа, која потоа прераснала во универзитет. Денес фокусот на универзитетот, освен на педагошките науки, е и на јазиците (т.е. бугарскиот јазик и литература), историја и сл. Имаат и Семинар за бугарски јазик и литература, исто како нашиот. Некој овде констатира дека не било познато кои студиски програми или факултети ќе ги понуди „близнаков“ на УКИМ, но доволно е да му ги видите профилот и кадрите со кои располага за да сфатите дека веројатно бугарската држава ќе биде подготвена и со загуби да го одржува во живот овој „егзархистички“ метод на влијание. Некои споменуваат реципроцитет. Да, но македонската држава решила и УКИМ да го уништи систематски, а не да вложува во негово ширење надвор од земјата. Ние немаме средства ни за истражувања ни за конференции на кои би зборувале за нашата перспектива на нештата.
Се разбира, Бугарија работи на долги (политички) патеки, а нашиве маратонци го трчаат последниот круг пред да папсаат и да се предадат. За жал, универзитетот е само тројански коњ, а не институција којашто ќе направи да стигнеме на Шангајска листа (макар и во меѓусебен натпревар или соработка). И сега што да правиме? Прво, неговата судбина зависи од нас, неговите потенцијални клиенти. Нема да има некаков проблем, барем во сферата на високото образование, ако ние не ги запишуваме нашите деца на некои третокласни божем европски универзитети.
Ако одекот е ист како на изборите, кога од десетици илјади луѓе со бугарски пасоши гласаат едвај стотина, тогаш овој проблем не е никаков проблем и не заслужува врева. Кога би станувало збор за вистинска и двострана соработка на академски, културен, спортски или друг план, меѓу субјекти што заемно се почитуваат, дури и доаѓањето на Велико Трново би било добар знак за подобрување на климата меѓу двете земји. Но свесни сме дека сме светлосни години далеку од таква клима. Од овие марионети на власт и нивните ментори (белосветски и регионални), не очекувајте ништо. Тие и кога ги плукаат од Софија велат дека врне.
Она што останува вистински проблем е нашата политичка ама и интелектуална елита, која се надминува себеси во понизност, лигавење, виткање ‘рбет и прифаќање ултиматуми. И пак ќе речам, ние немаме проблем со Софија, Атина, Белград, Приштина или Тирана. Си имаме проблем со овие што овде нè сотреа (и интелектуално, и духовно, и материјално, и здравствено), што распродаваат сè што ќе им дојде подрака и само гледаат како да ќарат додека се на позиција на моќ. Притоа, дозволуваат колонизација на земјата од повеќе страни и на различни нивоа. Видете го составот на т.н. Стратегиски совет на Бујар Османи, и веднаш ќе сфатите дека подалеку од Тукидидовата теза нема да мрднеме: трпи, трпи и само трпи. Ние сме поле на натпревар на соседните национализми, ама сега доброволно и сосема мазохистички.