Честопати имаме реформи заради реформи, без јасно артикулирано разбирање на врскaта помеѓу целите што власта сака да ги постигне со одредена реформа и акцијата што се предлага за остварување на таа цел. Затоа не изненадува кога оваа власт воскреснува реформи што биле завршени во едно друго време, од друга политичка гарнитура. Тоа е болештината на оваа власт. Да го реформира веќе реформираното
Македонија е земја на реформи. Кога овие реформи ќе ги обландирате со евроатлантски наратив, обидете се да ги критикувате или, не дај боже, да бидете против нив. Тоа што и покрај сите реформи, сиве овие години на транзиција, останавме модел на дегенеративно и корумпирано општество не ја менува генералната слика дека сме земја на бесконечни и празни реформи. А ние сѐ уште останавме нереформирани.
Реформите треба да донесат промени. Овие промени треба да ги обликуваат политиките на власта во наредните години. Не е доволно само да се знае каде да се оди. Треба да се знае како да се стигне таму. Вообичаено така е секаде, освен кај нас. Со вакво „јако“ лидерство како нашето во моментов, ниту знаеме каде одиме, ниту како да стигнеме до посакуваните резултати од реформите.
И вакви јадни реформатори да ти биле на правиот пат. Уште да може да го пронајдат.
Очигледно, реформите во Македонија се оправдани исклучиво во поглед на целта што политиката сака да ја постигне во дадениот момент на владеење, а не од нивната реална остварливост. Честопати имаме реформи заради реформи, без јасно артикулирано разбирање на врскaта помеѓу целите што власта сака да ги постигне со одредена реформа и акцијата што се предлага за остварување на таа цел. Затоа не изненадува кога оваа власт воскреснува реформи што биле завршени во едно друго време, од друга политичка гарнитура. Тоа е болештината на оваа власт. Да го реформира веќе реформираното.
И, што имаме од реформите? Очајно здравство во кое се обезвреднува животот, образование што продуцира незнаење, корумпирано и неефикасно судство, неефикасна и дезориентирана полиција, очајна економија што генерира сиромаштија. Јака цена плаќаме за реформите. За неспособноста на власта и реформаторите. Тоа се случува кога низ реформите очајно се обидувате да ги одбраните идеолошките перформанси на дезориентирана власт. Изгледа грешка е реформите да бидат оставени на реформаторите. Можеби прво требаше да ги реформираме реформаторите.
Едно мора да ѝ се признае на оваа власт, а тоа е дека успеа да ги одглави реформите, заглавени во магичниот круг на повторување. Им даде нова „визионерска“ димензија. Можеби не успеа со реформите да ја унапреди благосостојбата на своите граѓани, но затоа успеа да ја реформира есенцијата на нивниот идентитет.
Оваа власт се „одважи“ да оди чекор понапред во сите досегашни реформи во последниве триесет години на независна држава. Го „реформира“ фундаментот на таа држава: нејзиното име, историја, идентитет, а на добар пат е тоа да го стори и со нејзиниот јазик. Ги реформира нашите односи со соседите. Преку реформирање на нашето постоење како држава на македонскиот народ. Во држава на некојси недефиниран мултиетнички народ. Ја жртвува државата за реформи. И сѐ само со еден потпис на пенкало. И одвратно лош англиски.
Ако сите досегашни реформи беа краткорочно политичко прашање до следните избори, оваа реформа ми изгледа трајна. И долгорочно погубна за идното креирање и водење на политиките на државата. Зашто никој не ја побара и посака. Но реалноста е сосема спротивна од нашите желби. Тоа се случува кога власта исполнува туѓи.
Колку и да се обидувате, не можете да ја негирате реалноста. Со исклучок на власта, која ги затвора очите да не ги види погубните резултати од она што им го направи на државата и на македонскиот народ. Обичните луѓе ги живеат промашувањата на политичарите. Ние допрва ќе ги преживуваме резултатите од нивните промашени реформи.
Оваа власт не ризикуваше дека ќе предизвика хаос со ваквите реформи. Таа предизвика хаос. И среде овој хаос што го предизвика сѐ уште се надева дека низ обновените ветувања за реформи (повторно??) ќе успее да ја врати довербата кај гласачите. Можеби со буџосаните социјалните пакети, да. Но не верувам дека уште има некој што може да верува во искреноста на нејзините ветувања за реформи. Особено на нејзината способност да испорача промени. Можеби најфункционални промени ќе се случат кога тие ќе бидат променети.
А дотогаш, нивните реформи го замреа бранот оптимизам, изграден врз лажните ветувања кога ја преземаа власта. Сега останаа само срамот и разочарувањето, со кои ќе мора да живеат нивните поддржувачи, а богами и ние другите.
За новите реформатори што ќе дојдат, единствениот начин да се остане релевантен во реформскиот процес е да се земе поширока перспектива на глобалните предизвици и да се дизајнираат реформи што најмногу им одговараат на потребите на граѓаните. За да успеат во тоа потребни ни се подобри политики и вистински реформи засновани на посолидна и цврста врска помеѓу јавната политика и јавноста. Но најмногу од сè треба да направат реформите да работат за бенефиција на сите, а не за малкумина како сегашниве.