Денес би бил прогласен за луд секој што би оспорувал дека „богат“ значи „оној што има пари“. Но и овој збор е сериозно оштетен од нашата етичка заборавност: во коренот на зборот „богат“ лежи зборот „Бог“, како што во „образование“ речиси и не се гледа зборот „образ“
Живееме во време на најголеми брзини. Имаме фаст-фуд. Имаме брзи и умни телефони, таблети, компјутери, брз Интернет, брзо и ефикасно слабеење, брзи кредити (ги одобрувале за 15 минути, а се враќале 15 години), брза пошта, таблети за брза ерекција или брзо отстранување мамурлак, секакви брзи услуги. Имаме дури и „брза уметност“ (особено под влијание на западниот „холидеј бич“ бестселер) или кич, кој Абрахам Мол го дефинира како „уметност на среќата“, при што среќата се сфаќа како нешто доста плитко и малограѓанско, нешто што се исцрпува во материјална згриженост. И, нормално, имаме и брзо образование. Односно, брзо знаење. Еден вид fast food knowledge.
Познато е, ама само накратко: Македонија има повеќе дипломи за високо образование одошто заварувачи, водоводџии и други занаетчии. Кај водоводџија се закажува потешко одошто операција кај неврохирург. И покрај многуте фалбоспеви на секоја власт дека образованието е моќ, прогрес и слични флоскули, оние со дипломи остануваат и натаму без работа, а најумните од нив се преквалификуваат во водоводџии. Но тоа е и логична последица кога под образован човек се подразбира само човек со диплома. Дипломата, знаењето и образованието се ТРИ сосема различни нешта. За жал, во време на брзи нешта, и зборовите се абат и трошат брзо, како излижани монети што се во постојан економски оптек, па, наместо да се разликуваат, личат дури и на своите спротивности. Зборовите често ги губат своите изворни значења и остануваат без јасна вредност: како излижана архаична паричка на која не можете да прочитате дали е петодинарка или дводинарка.
На пример, зборот „образование“. Тој во себе го крие зборот „образ“. Образован човек, според тоа, во детството на овој збор не бил оној што многу знае, туку оној што има образ. Нам денес тоа ни изгледа апсурдно, ама некогаш „да се знае“ и „да се има образ“ биле речиси исти нешта. Денес, напротив, познаваме хирурзи што се виртуози и многу знаат, ама немаат образ зошто уценуваат туѓи животи со мито. Или уметнички критичари што се извонредно учени, толку учени што ако сакаат можат одлична книга да ја сторат пепел и прав, или сосема просечна да ја воспеат. Тие можеби знаат, ама не се ОБРАЗОВАНИ: немаат образ. Тоа е така затоа што коренот на секое знаење е сепак во етиката. Историјата на знаењето е полна со такви примери: надарени научници се ставале на страната на злото, па своите знаења ги ставале во служба на режими што произведувале убиствени оружја или, пак, спротивно, по сопствен морален избор ја одбегнувале таа страна и знаењето го ставале во служба на општо добро. За жал, често биле злоупотребувани: радијацијата на Кири требаше да служи за лекување болести, а не за Хирошима, како и динамитот на Нобел, со кој требаше да се пробиваат тунели, а не да се јагленосуваат човечки тела.
Значи, ние имаме многу, многу луѓе со диплома, помалку од оние што нешто знаат ама немаат образ, и најнакрај – сосема, сосема малку од оние што и знаат и имаат образ, односно се навистина образовани. Тоа „образ“, сакале ние или нејќеле, нужно се сврзува со морал и чест, па преку нив и со некаков поим за Бога (сакралното), зашто човекот е „изобразен според ликот божји“ тврдат теолозите. Тоа значи: образован е оној што во сè внимава да не повреди, оштети, ограби, навреди, оскрби друг. Таквиот, морално воспитан човек денес е реткост меѓу дипломираните, кои со своето неспорно или спорно (сеедно) знаење тргуваат како со жолтици – вложи една, за да земеш две. Има такви менувачници на диплома за пари доста по општеството, и неправедно е да се споменува само политиката, иако тоа таму е највидливо. Токму во самото образование, особено со неговата приватизација, најмногу владее законот „вложи една за да добиeш две“ и затоа самото образование и оние што го сочинуваат (простете ми, исклучоци) се необразовани. Без образ, што значи – безобразни. Башка што најчесто и ништо не знаат, зашто подлегнуваат на класичната заблуда дека Гугл е врвното божество на знаењето: тие несреќници никогаш нема да направат разлика меѓу ИНФОРМАЦИЈА (која ја има на Гугл) и ЗНАЕЊЕ (кое треба да биде во вашата глава).
Знаењето подразбира ХИЕРАРХИЈА НА ИНФОРМАЦИИ, а тоа е веќе уредена структура: информации што ги поврзува вашиот мозок, не некој друг, однадвор. Како што делото „Ана Каренина“ не постои меѓу кориците на книгата со ист наслов, туку само во главата на секој читател додека чита (и тоа секој на различен начин), така и знаењето не е на Гугл, туку во главата на оној што се служи со него.
Такви заблуди и мутирани зборови има многу, но не ги забележуваме. Денес би бил прогласен за луд секој што би оспорувал дека „богат“ значи „оној што има пари“. Но и овој збор е сериозно оштетен од нашата етичка заборавност: во коренот на зборот „богат“ лежи зборот „Бог“, како што во „образование“ речиси и не се гледа зборот „образ“. Според тоа, богат е оној што е со Бога, а не оној што спие на евра. Богат е оној со образ. И само во таа смисла образованието е богатство, не во материјална. Образованите се најбогати луѓе на светот – имаат знаење, но имаат и образ. Најчесто немаат пари, и пари нека не чекаат, како знак на богатство, барем не овде. Толку.