Како да се гради држава без национално единство? Не знам. Можеби, за да дојдеме до одговорот треба да го преформулираме прашањето во што е тоа национално единство. Дали во оваа земја поимите „национално“ и „единство“ имаат јасно и општо разбирливо значење? Не. Дали тие поими во принцип подразбираат минимум граѓански консензус за минатото, сегашноста и блиската иднина на земјата, олицетворени во политичките програми на институциите утврдени како Собрание, Претседател и Влада? Во принцип, да.
Тогаш, постои ли таков консензус? Не. И да бидам најискрен, не ми е јасно која влада и кои институции мислат да реализираат што и да е во земја во која две третини од нејзините граѓани немаат идентификација со името на државата, Република Северна Македонија. Не разбирам, по ѓаволите, како ќе ги мотивирате граѓаните на таа држава да веруваат во политичкиот поредок на таквата заедница, да ја планираат својата сегашност, но и да прават проекции за сопствената и иднината на нивните поколенија. Навистина не ми е јасно како тие граѓани можат да произведуваат какви било духовни врски со таква земја и во краен случај да бидат креативци, писатели, поети, филозофи, уметници, спортисти, инженери, архитекти, сонувачи и вљубеници во нејзините планини, езера, реки, славни личности и датуми?! Не знам дали е тоа можно, а да не е поставено на темелите на презрена дефинирана омраза кон сето она што во принцип во остатокот на светот е базирано на апстрактна романтична љубов?!
Не знам како ќе ги учите децата да ја сакаат земјата на која нивните татковци ѝ го пцујат името? Не знам како ќе студирате младина што за пет години ќе ви дојде на универзитетите со инстинктивна аномалија за сопствениот идентитет во облик на флоскула и со страв дека може да даде погрешен одговор и за тоа да биде етикетирана, стигматизирана, па дури и казнета? Не знам како и на кој начин ќе ги образовате во самоосознаени и слободни граѓани со јасна идентификација со институциите, администрацијата, официјалната и неформалната секојдневна усна и пишана комуникација во сите сфери на општественото живеење, насекаде и во секое време?
Како е можно да се воведе владеење на правото а притоа да не се применат средства и методи што на никаков начин и со ништо не можат да се наречат демократски? Како државата Република Северна Македонија ќе ги воведе во правниот поредок граѓаните што утре може да бараат нивниот идентитет институционално да се признае и прифати надвор од номинациите определени со формалното уставно уредување? Како ќе реагираат системите за заштита на слободата и демократијата кога ќе се прекршуваат основните човекови права на самоидентификација и легално самоорганизирање? Како ќе се пишуваат обвиненија заради вербално спротивставување на официјалните називи, изрази, форми и етикеција? Ќе се носат ли судски пресуди? Ќе одат ли непослушните граѓани во затвор? Ќе создава ли тоа околности за национално обединување на, сосема е јасно, и во овој момент до крајни граници спротивставените страни? Можно ли е со закони, сила, полиција, пендреци, судови и казни да се постигне какво било, макар и привидно, единство за што било и кога било?
И ако е можно, колку долго може да трае? И какви ќе бидат последиците од тоа? Не знам. Немам одговори. Само поставувам прашања. Драги мои, оние што ја произведуваа државата Република Северна Македонија знаеле дека овие прашања ќе бидат поставени. Да не се лажеме дека не знаеле. И поминале преку тоа сосема свесни дека не решаваат никаков проблем, туку само го развлекуваат во времето онака како што тоа го прават кај себеси дома, во Ирска, Шкотска, Велс, Каталонија, Баскија, Андалузија, Ломбардија, Фламанија, Валонија, Крим, Украина,Трансилванија, Босна, Санџак,Тракија, Кипар, Македонија и така натаму. Намерата ми е да одговорам на прашањето дали новата држава може да постои како либерална демократија со граѓански консензус за своите основни социјални и политички определби. Не.
На никаков начин и со ништо Република Северна Македонија не може да постои и функционира како демократска држава. И, сега, што да се прави? Немам поим, драги мои. Сите што ќе се родат и ќе живеат во земјава, ќе мора да се помират со ова сознание. Исто така ќе мора да се соочат со фактот дека отсега натаму ќе бидат обречени дека се различни од другите со самиот чин на раѓањето. Сите деца родени во Македонија од моментот на промената на нејзиното име ќе бидат или Македонци или северџани. Тоа е. И таа поделба ниту ќе се намалува ниту ќе се релативизира. Невозможно е. Република Северна Македонија е родена во омраза. Не е тоа држава во која мнозинството граѓани заради општа идентификација формирале заедница во која тие ќе си ги остваруваат своите заеднички интереси.
Оваа држава, да не се лажеме, бевме сведоци, е создавана сосила. Дури и тие што формално ги произведоа и легализираа овие промени, убеден сум со мали исклучоци, го направија со принуда и од страв. Но не е тоа најголемиот проблем. Проблемот, драги мои, е во тоа што ќе направат сѐ за да создадат јавен наратив дека тоа не било така. И таа идеја ќе создава нови конфликти, затоа што минатото, сегашноста и иднината на државата се случуваат денес, тука и сега, пред нашите очи и ние сме сведоци на тоа. И секако, таа феноменологија ќе произведува нови и нови феномени непознати досега на науките за општествените и политичките системи. Оваа состојба ќе произведува аномалии со кои ќе бидат соочени не само домицилниот административен и политички апарат туку и самата Европска Унија и САД како спонзори на овој процес. Република Северна Македонија ќе влезе во процес на преговори исправена пред горчливи и тешко премостливи општествени дефекти.
И секогаш тие проблеми ќе се компензираат на штета на граѓанските слободи и демократијата, општо. Се плашам дека процесот на преговори на Македонија со ЕУ, наместо да произведува и процесира баланси и општествена функционалност, уште повеќе ќе ги заостри и така антагонизираните политички, економски и културни групи и заедници. Страв ми е дека, наместо повеќе слобода и демократија, со инструментите на државната сила ќе се намалуваат и ограничуваат нашите основни права на слобода на мислење, говорење, пишување и изразување јавен личен или колективен став. Се плашам дека тоа ќе биде толерирано, а можеби дури и поддржано од институциите на Европската Унија и од „длабоката и плитката“ држава Америка. Знам дека ова можеби звучи песимистички и разочарувачки, но, драги мои, нема да мрднеме ниту една јота од местото на кое се наоѓаме сега ако не ги поставиме овие прашања и ако веднаш, ама веднаш, не отвориме дебата за можните одговори.
Знам дека во огромна мерка тоа се прашања што си ги поставувате сите вие и најголем број од вас го знаат вистинскиот одговор, но од страв да не ве повредат или да не се самоповредите го отфрлате или одложувате ова себесоочување со можните непријатни одговори. Но, сетете се, дали некој, некаде и некогаш решил некој проблем отфрлајќи го и негирајќи го неговото постоење? И за крај, ако за голем дел од овие прашања пронајдеме вистински одговори, дали ќе промениме нешто, на подобро и на подолго? Не знам. И не знам кој знае. Но знам кој сака. А кој сака, тој може.