(Варијација на темата македонска ситуација)
Туку за нашиот архијерејски синод, кој наскоро да ти очекувал афтокефалија, а не знае точно од каде и од кого, од оној вселенски тип или од синодот на Руската православна црква што го анатемиса Толстој, иако тој за разлика од него во битието беше христолик од петиците до врвот, и до ден-денес не му ја симнува анатемата. А баш му е гајле за тоа на генијот од Јасна Полјана. Да беше паметно, пак, православието ќе се обединеше во Христовиот идеал на браќа и сестри во Господ, а не да биде распарчено во шизофрени националистички енклави, па Големиот инквизитор (да се потсетиме на Достоевски), католичката монолитна црква, понекогаш му се потсмева и си игра со него како што сака.
Ако беше паметна Руската црква, заслепена во своето империјално величие, досега илјада пати ќе ја признаеше Македонската. Оти треба да знае дека Русија е христијанизирана од Македонија во Киев. Ама се прави дека не знае. Па и српската, бугарската и грчката ќе го стореа тоа. Да. Ама како што се однесуваат и какви што се, сите тие егзистираат надвор од Бог и начелата на синот Исус, промовирајќи се како антибожји, политички субјекти пар екселенс. Па и Македонската црква со нејзините фарисејски архијереи (реков освен Агатангел).
Кај ја бараа тие мајчината мајка кај Бугарите? Зарем не чуле за првата македонска/европска црква на апостол Павле и на Лидија Македонката? Знаат ли, или не знаат тие што е тоа праизвор? Генеза? Не знаат. Или се теледиригирани од некој центар за да не знаат. Црквата ја признава Бог, а не некој фарисејски црковен субјект заглавен до гуша во политичка кал.
И така со бугарската, а пред тоа и со српската оросписка авантура, Синодот на МПЦ, особено во миговите на идентитетската ликвидација не го штитеше генеричкиот македонски идентитет, што е жално. Во таа смисла, катастрофална е и изјавата на европскиот владика на Синодот што ја прочитав во едно големо интервју во „Вечер“, во кое тој вели дека за нас да ти била поважна географијата (неа да сме ја чувале) отколку историјата. Просто да не ти се верува. Со еден збор Невестата Христова, Црквата, одамна теолозите и црковната подржавена фарисејска бирократија ја ставила како ороспија во бордел. Илјадници примери има да се илустрира тоа. Не е само католичката инквизиција, како што мислат некои. Ана Комнена, интелигентната ќерка на византискиот цар Алексеј Комнен, во своите записи дава сведоштво дека и православието спалувало богомили. Итн.
До бескрај. Во заклучок: теолозите ја кријат вистината дека Исус е вестител на филозофијата на индивидуализмот и дека вели дека на неговиот татко не му се потребни згради (храмови од тули и малтер), туку дека неговиот храм е човечкото срце. Затоа и вели: кај сте двајца помолете се, јас сум третиот, тоа е црква. Приближно. Ако треба и прецизно ќе го цитираме Светото писмо. Нашите Богомили, кои гностички аналитички го анализирале Писмото, добро го знаеле тоа, го проповедале и затоа стрчеле, за на крајот да бидат безмилосно заклани оттука до Атлантикот. Најкрваво во финалната битка во Монсегур – Франција.
Доволно, драг читателу. Уште од покрупните глупости, кои и Крлежа ги сместува во метафизички простор, остана да го спомнеме дебилниот марш за правда организиран од Владата (позицијата).
Боже, па тоа е навистина неиздржливо. Оние што ја заклаа правдата кај нас, сега да протестираат и да ја бараат неа. Туку, нека ми простат, повеќе од Владата, организаторите, беа глупи маршантите на кои не им беше важно дали владетел во нивната глава е мозокот или партиската ступидност на безлични марионети. Не е потребен повеќе коментар. Тој феномен е сега планетарен и раритетен на планот на дебилизмот. Не знам дали хуманитарниот брат Сорос немал тука важна улога преку дипломатијата на Кале. А возможна е, сосема возможна таа (хипо)теза.
Тоа и толку. А веќе гледам, драг читателу, те фаќа нервоза. Велиш: ја промашивме темата што беше фиксирана и во насловот на колумната – изборите што наскоро нè очекуваат. Се оддалечивме.
Не, не е точно, не се оддалечивме, не оти сè што кажав понапред, имено, е во функција на таа тажна тема. Но еве, ин медиас рес. Она што е најважно сега, тоа е да се урне од тронот фашизоидниот, криминален, опиумски режим на Зоран Заев. А тоа може да се постигне ако не апстинираме, туку сите излеземе на избори. Тука давам мало појаснување, драг читателу, да не ме сфатиш погрешно. Оти воопшто не мислам дека тие што ќе го наследат престолот на власта ќе бидат многу подобри од претходните престолници, но во секој случај целиот народ се надева дека барем нема да бидат полоши.
Оти, тие цело време кога се вршеше идентитетската ликвидација на Македонците молчеа. Ниеднаш не излегоа во илјадници пред собрание да го превртат наопаку сосе квислинзите во него, туку беа длабоко вовлечени во својата смрдлива партиска дупка и мирно гледаа што се случува.
Едноставно, затскриени зад славниот комитски акроним со кој со децении го лажат народот, тие како да беа некој вид логистичка поддршка на нашите идентитетски ликвидатори. За да си ја завршат мирно, без пречки работата. Па, сепак, нема кој друг да го урне диктаторскиот заевизам освен тие. И тоа е жалната вистина во жална Македонија. Малите партии, никнати како печурки по дожд, се раскарани, немаат заедничка визија и се подјадени од ситниот нарцизам на нивните лидери. Па, велиш сега луто, драг читателу: За кого да гласаме? Одговарам:А треба, и за ѓаволот, само не за Заев и Димитров, оти тие се бетер од него.
А на тие од големата „опозиција“ со комитскиот акроним од четири славни букви, тоа што велат дека ќе го вратат Името и ќе го укинат Преспанскиот договор, немој да им веруваш. Тоа се Чичиковци (ако си ги читал „Мртви души“ на Гогољ), кои со таа лага, драг читателу, сакаат да ги купат за ништо мојата и твојата душа, а потоа да ги фрлат на ѓубриште, откако ќе седнат во своите удобни фотелји на власта и ќе почнат да си делат тендери и да си го дебелат финансискиот задник. Да го дерат народот со сè нови и нови даноци и давачки за нивниот луксуз. Како што се случува тоа, впрочем, од 1990 до денес. Имам пишувано во таа смисла за фреската на Микаленџело во Систина на која св. Вартоломеј му ја покажува својата одрана кожа на Исус како артефакт, симбол на сиромаштијата и страдањето на човекот. Е, сега тој св. Вартоломеј во нашиот случај е македонскиот одран и без кожа народ. Па, кому сега тој да му ја покаже својата одрана кожа: на Заев, или на Мицковски ако тој се востоличи на државниот трон? А? Оти нив ги прогласивме, малоумни, за божества, а не вистинскиот Бог на правдата, милоста и љубовта, кој не го рекетира народот и нема полиња со марихуана, туку полиња со правда, вистина и љубов. И не оној на политичко православие, католиштво, протестантство итн., туку оној на срцето на кое инсистираше пламено Исус, кој, покрај другото, за тоа и заврши на Голгота. Како што завршија, како некој вид некоја негова колективна слика, и Македонците идентитетски распнати и уништени од фарисеите на сатанистичката цивилизација. Западната! И Македонците како Исус во западната Гетсеманската градина пред оваа идентитетска поморија, знам, драг читателу, се молеа, како и јас и ти, со Исусовите зборови: „Боже нека нè одмине оваа чаша“, ама на крајот како и Божјиот син сфатија дека е таа досудена и дека треба да ја испијат. А Бог си го знае својот план, како што ни кажа апостол Јован во последната книга од Новиот завет и Библијата, Апокалипсата, или уште Откровение.
Армагедон, што се римува чудно и може не случајно со Армакедон, нема да ги одмине нашите злосторници. Оти и не случајно, според божја промисла, и беше испратен во Македонија, со Македонецот подмишка од Троада, најревносниот Исусов апостол Павле, без кој којзнае и дали ќе успееше нововековниот цивилизациски проект на христијанството. Приказна долга. Подолга и од несониците на Шехерезада.
Туку, на самиот крај сме, драг читателу, да не го лутиме секогаш божествено смирениот главен одговорен уредник на весникот Александар Димковски. Значи, излези на гласање. Не бојкотирај. Мораме да го симнеме од тронот фашистичкиот режим на Заев и Димитров. Тоа е целта, а потоа јово наново; ќе видиме што ќе правиме и како ќе се справуваме со новоизбраните, кои ни се добро познати од пред тоа. Значи, не апстиненција, бојкот, оти имено со бојкотот го доведовме и Пендаровски за претседател, кој бргу-бргу, без да чека, го прогласи најсветлиот лик од поновата македонска историја Гоце Делчев за етнички Бугарин. Ајде да речеше само Бугарин, пак ќе имаше некој излез, оти и Гоце, како и сите наши преродбеници во отсуство на своја држава, разбирливо, имаше бугарски документи (Мисирков дури од неколку држави: Бугарија, Србија и Русија). Но со тоа етнички нашиот/ненаш недоветен претседател го запечати него како со мртовечки капак засекогаш како Бугарин. И остана жив. И сè уште е претседател за наш општ срам и понижение. А сето тоа не може ни да се искаже, ни да се исплаче, толку многу е болно и тажно, драг читателу.
Толку за ова ноктурно предизборие од мене. Излези на избори, иако речиси и не постои валиден избор, оти ние сме ставени, како што вели народната, да избираме помеѓу магарето и змијата. Или магарето да те јавне (прости ми за ненамерната вулгарна асоцијација), или змијата да те касне. Но… До следната наша средба, те поздравувам и охрабрувам. Биди и очаен, само не апатичен, оти така си мртовец за ништо и за никаде. А со очајот е друга ситуацијата; тој ќе те исфрли во вера, во ракетен погон кон ѕвездите на вселената. Кон Слобода. Како Јане Сандански: кон Македонија. Плукни ја смртоносната придавката северна, и пушти ја низ смрдливата канализација на оваа иродовска цивилизација.
(крај)