Добро е тоа што Македонија се приспособува кон потребите на сите свои етнички малцинства, уште подобро е тоа што влегуваме во решавање на проблемите и на другите некогаш маргинализирани групи, како сексуалните малцинства, но мора да се земат предвид и ставовите на мнозинството, поточно на македонскиот народ
Можен ли е дијалог помеѓу истомисленици? Да, но исклучиво како потемкинови дијалози, комични и целосно беспредметни. Суштината на дијалогот лежи во вкрстување на различните, често спротивставените гледишта. Во политиката на која било заедница, пак, политичкиот дијалог е нужен за да се дојде до минималниот консензус што овозможува мирољубиво функционирање на едно општество. Всушност, желбата да се води политичкиот дијалог е еден вид дневен референдум дали сакаме сè уште да живееме заедно како една заедница и околу кои вредности и принципи се обединуваме како општество. Затоа, урушувањето на политичкиот дијалог води кон криза, конфликт, па дури и крвави граѓански војни во една држава, процеси на коишто и јас двапати им сведочев во мојот живот, при распадот на Југославија во 1990-тите и во воената 2001 година во Македонија.
Уште поопасна состојба за една држава е кога определена општествена група ќе биде целосно исклучена од политичкиот дијалог и кога на нејзините припадници ќе им биде оневозможено да ги претстават своите гледишта во институциите, било да станува збор за политичка група (идеолошка, класна, социјална, економска) или за културна заедница (етничка, јазична, религиозна).
Македонија влезе во таа злокобна фаза вечерта на 30 септември 2018 година, кога политичката врхушка, предводена од Зоран Заев, одлучи да ги игнорира резултатите на референдумот за Договорот од Нивици и да продолжи со насилното наметнување на „Северна…“, и покрај јасно изразената мнозинска волја на македонскиот народ. Ајварот ги победи насилството и лагата на 30 септември 2018 година, поточно пркосниот дух на македонскиот народ ги победи злокобните духови на насилно наметнатите спогодби.
Одлуката да се прекршат Уставот и сите законски норми самата по себе многу зборува за состојбата на умот на тие што се впуштиле во такво безумие. Но многу е поопасна нивната одлука да ја игнорираат јасно изразената мнозинска волја на македонскиот народ. Спектакуларната пропаст на референдумот, којашто ги скрши розовите очила на целата глобална јавност, требаше да послужи како повик за будење на врхушката околу Заев, како горчлив пелин за лечење од мамурлакот, и да ги доведе до заклучок дека Договорот од Нивици треба да се искине и заборави, сите политички чинители да се вклучат во договарањето нова платформа за преговори, па да се седне повторно со Грција и да се дојде до достоинствен компромис (или да се заклучи дека компромис едноставно не е можен, па да се изнајде modus vivendi за натамошните односи помеѓу двете земји). Пропаста на референдумот беше огромен политички капитал во рацете на Зоран Заев, но тој одлучи да го прокоцка истата вечер кога македонскиот народ му го предаде ова непроценливо богатство во рацете. Единствениот пат кога тој имаше шанса достоинствено да игра „all-in“ и да победи во името на македонскиот народ, тој избра да им се испогани врз главите на сите Македонци (еден ден ќе дознаеме кога нè продал и пред кој Мефистофел си ја продал душата).
Но не беше доволно само да се погазат референдумот и јасно изразената волја на македонскиот народ. За да го спроведе својот, политичката врхушка одлучи да ги исклучи сите противници на Договорот од Нивици од политичкиот дијалог. Кога увидоа дека отпорот не умира, исклучувањето продолжи и натаму за да ја спроведе „Северна…“. Зоран Заев милува да зборува за дебата, за инклузивност и за „едно општество за сите“, но реалноста не е толку розова. Додека Македонија е „Северна…“ нема ни дебата, ни инклузивност, ни вклученост на сите, туку соголен апартхејд против мнозинството граѓани, базирано на брутално институционализирано насилство.
„Северна…“ е неодржлива во демократски услови.
Ете, тоа е состојбата во Македонија во изминативе три години и затоа нашето општество е толку пренапрегнато. Да бидат нештата уште полоши, Заев, потпомогнат од целиот негов придружен оркестар, се обидува да создаде привид дека „Северна…“ е веќе прифатена од целото општество, а да ги прикаже сите противници на Договорот од Нивици како општествени губитници, маргиналци, политички и интелектуални зомби-суштества, чудаци и теоретичари на заговор, односно поединци коишто времето ги прегазило и коишто живеат во некој свој замислен свет, целосно разведен од голата и сурова реалност (нешто како паганите и јазичниците во средниот век, по воведувањето и прифаќањето на христијанството). Наедно, сите институции на системот се злоупотребуваат, не само незаконски туку и спротивно на сите етички норми и принципи на цивилизирано живеење, за да се уништат опозициските политички партии, но и за да се замолчат интелектуалците во националните установи. Притоа, посебно се на удар инакумислечките академици од МАНУ, професорите од УКИМ, УКЛО и УГД, како и историчарите од ИНИ. Не велам дека не може да успеат во нивниот крвожеден нагон да го сотрат кој било интелектуалец, групација, па дури и политичка партија, но треба да бидат свесни дека тоа не им го решава проблемот. Насилството не раѓа убавини, туку само предизвикува реакција. Мене ова безумие особено ме плаши, затоа што историјата нè учи кој го зазема местото на демократската опозиција и на слободните интелектуалци кога тие ќе се забранат и замолчат. Навистина не ни е потребно да влеземе и во такви авантури.
Меѓутоа, наместо да се обнови демократскиот политички дијалог во Македонија и храбро да се влезе во дебата што ни се случува по кобната вечер на 30 септември 2018 година, политичката врхушка предводена од Зоран Заев одлучи да ни приреди потемкинови дијалози на едномисленици, наречени „Преспански форум за дијалог“ во Охрид, настан замислен да се одржува во живот фатаморганата наречена „Северна…“. Нормално, поканети се целата политичка врхушка околу Зоран Заев и целиот придружен медиумски, „културен“ и „интелектуален“ оркестар, а решиле да злоупотребат и видни државници од регионот, како и врвни глобални дипломати како кулиси за овие нивни потемкинови дијалози. Но не поканиле ниту еден противник на Договорот од Нивици, барем како „смоквин лист“ дека се искрени во желбата да водат дијалог. А, имаат да избираат кого да поканат… Впрочем, најпаметните Македонци во самата Македонија, оние со најдолги студиски престои на најугледните американски универзитети, се помеѓу најострите противници на Договорот од Нивици, најуспешните Македонци расеани по светот, оние наши бизнисмени, програмери, општественици, уметници и професори што заминаа оттука со една патна торба и направија блескави кариери во туѓина, токму во западниот свет, се вбројуваат во најжестоките противници на Договорот од Нивици. Можеше тие достоинствено да покажат пред учесниците од странство зошто отпорот на македонскиот народ е толку длабок. Но така ќе беше срушен привидот на среќната, насмеана и прогресивна „Северна…“.
Соочени со овој проблем, организаторите на „Преспанскиот форум за дијалог“ одлучиле да го решат многу едноставно… Не поканиле ниту еден противник на Договорот од Нивици на нивната собиранка! Сличен метод употребува и мојот двегодишен внук Лео. Деновиве си игравме криенка со него, а Лео мисли дека се скрил и дека јас не го гледам кога ќе си ги стави своите рачиња на неговите очиња.
Ете, толкава интелектуална и аналитичка длабочина има и овој дијалог на истомисленици, каде што една од главните теми беше „колку е позната и раширена успешната приказна на ‘Северна…‘ во пошироката јавност?“, само како еден од примерите во која реалност живее актуелната политичка врхушка во земјава.
Да бидат нештата уште полоши, конференцијата е платена од буџетот на Македонија, уплаќан главно од противниците на Договорот од Нивици. „Нема оданочување, без претставување“ нè научија татковците-основачи на Соединетите Американски Држави. Каде и како тогаш беше претставено оданоченото мнозинство граѓани на Македонија на „Преспанскиот форум за дијалог“?
Нам не ни се потребни потемкинови дијалози. Македонија мора да отвори сериозен дијалог за настаните што го разорија уставниот поредок по кобната вечер на 30 септември 2018 година и коишто го урушија демократскиот политички дијалог. Отпорот кон Договорот од Нивици е легитимен, неопходен и длабоко вкоренет во македонскиот народ. Итањето да се спроведат сите предвидени мерки од тој несреќен договор, безглавото јурење да се потпише и нова спогодба со Бугарија, нема да доведат до прифаќање на „Северна…“ од македонскиот народ. Добро е тоа што Македонија се приспособува кон потребите на сите свои етнички малцинства, уште подобро е тоа што влегуваме во решавање на проблемите и на другите некогаш маргинализирани група, како сексуалните малцинства, но мора да се земат предвид и ставовите на мнозинството, поточно на македонскиот народ. „Нема правда, нема мир“ кога е возбудено кога било малцинство, а како ли е кога мнозинството се чувствува онеправдано?
Крајно време е да се обнови политичкиот дијалог во Македонија! Крајно време е сите повторно да бидат вклучени во одлучувањето и да бидат сослушани пред да отидеме во уште подлабока национална катастрофа.