На многумина можеби ќе им звучи чудно, но всушност бевме сведоци на изразување граѓанско незадоволство преку т.н. хактивизам. Меѓутоа што е, всушност,хактивизмот? Тој е комбинација од зборовите хакирање и активизам и се појави кога луѓето започнаа да го користат интернетот за изразување политичко и социјално незадоволство, а неговите приврзаници се познати како СЈВ
(воини за општествена правда)
На 15 јули 2020 година се променија правилата на општествено-политичкиот активизам во Македонија. Што точно се случи? Вечерта кога јавноста беше пред екраните и ги очекуваше изборните резултати, пристигна информацијата дека е извршен хакерски напад врз веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК). Набргу потоа беше преземена веб-страницата на агрегаторот „Тајм.мк“ и при нејзиното отворање можевме да видиме маска што прикажува бело лице со насмевка и црвени образи, широки мустаќи и вертикална истакната брада, проследена со политичка содржина: „Последниве 20 години толку се осиромашивме не само монетарно туку и интелектуално и морално… ама што да правиш кога резултатот од партиските вработувања… нѐ доведоа во дното на дупката или по нашки кажано Маќедонија. За некои мајка, а за некои маќеа…“
Многумина ја препознаа маската што се користи од хактивистичката група „Анонимус“, но малкумина знаат дека всушност станува збор за маската на Гај (Гидо) Фокс. Но која е споменатата личност? Гај Фокс е еден од заговорниците што го организираа т.н. Барутен заговор во 1605 година. Тој не е ниту иницијатор ниту еден од главните организатори, но неговото име стана симбол за споменатиот заговорот. Во анархистичките средини за Гај Фокс се говори како за единствениот човек што имал чесни намери кога влегол во парламентот – човекот што требало да ги запали бурињата со барут, да го урне парламентот и да го убие англискиот крал Џејмс Први.
Употребата на маската со ликот на Гај Фокс има долга традиција, но конкретната маска беше стилизирана од Дејвид Лојд и се користи како главен заговорнички елемент во стрипот „В за вендета“, чија главна тематика е една анархистичка филозофија – луѓето не треба да се плашат од властите, туку властите треба да се плашат од народот.
Откако се појави во интернет, маската стекна култно значање и стана широко распространета на глобално ниво меѓу групите што изразуваат незадоволство од општествено-политичкиот систем. Во 2009 год. демонстранти ја носеа маската кога запалија лажно буре со барут пред британскиот парламент, изразувајќи незадоволство од трошоците на пратениците. Ликот на Гај Фокс можевме да го видиме во текот на 2011 год. како симбол на движењето „Окупирај го Волстрит“. Во 2012 год. демонстранти облечени во црно и со маски на Гај Фокс протестираа против цензурата на интернетот воведен од страна на индиската влада. Во 2013 год. маската беше користена во текот на востанието во Бахреин (т.н. Арапска пролет) и набргу властите соопштија дека е забранета затоа што е „маска на револуцијата“.
Во 2012 год. маските со ликот на Гај Фокс беа користени во текот на антивладините демонстрации во Тајланд, во 2013 год. во Турција, Бразил и во Египет, во 2014 год. во текот на протестите против владата на Николас Мадуро во Венецуела. Во октомври 2019 год. демонстрантите во Хонгконг започнаа со употреба на маската, спротивно од забраната на властите за користење на маските во текот на протестите.
Да се навратиме на 15 јули. На многумина можеби ќе им звучи чудно, но всушност бевме сведоци на изразување граѓанско незадоволство преку т.н. хактивизам. Меѓутоа што е, всушност, хактивизмот? Тој е комбинација од зборовите хакирање и активизам и се појави кога луѓето започнаа да го користат интернетот за изразување политичко и социјално незадоволство, а неговите приврзаници се познати како СЈВ (воини за општествена правда). Хактивизмот може да се разбере како метод за изразување незадоволство и алтернатива за уличните протести. Пораките на хактивизмот можат да се разберат како ширење свест за одредено прашање што е од суштинско значење во општеството. Не треба да се заборави дека ДДоС-нападот (дистрибуирано одбивање на услугата) е еден од најчестите типови хактивизам, поради својата ефикасност.
Ако се земат предвид реалните проекции (не песимистичките, ниту оптимистичките сценарија) за движењето на вкупните чинители за економско-финансиската, стопанско-производствено-трговско-услужната, политичко-општествената, па и социјалната состојба во Македонија, тогаш отрезнувачки би бил впечатокот дека „ќе бидеме сведоци на уште многу примери на хактивизам“ и други „иновативни“ форми на изразување незадоволство во иднина. Но со сета почит кон плурализмот на мислења и ставови, прашањето е дали внатре во таа формула е рецептот за да се исчекори кон општествен просперитет или не? Нам ни требаат израз и став, но уште повеќе решенија, генератор за одржлив развој, на сите полиња на општеството што во моментов се под рафалот на хактивизмот.