Лош сон во зората: силно светнал ден, а уште неразбуден се превртуваш во нечии илузии. Алармот е исклучен.
Мораш да се разбудиш самостојно (си велам како на народ), по сила на внатрешно претчувство за неодложно будење. Сè што имаш е тој часовник во градите.
Одеднаш слушаш: „условот за милион е…“, а потоа и оној фон од квизот „Кој сака да биде милионер“.
Аномалиите во сонот се слични со оние на јаве: никој ништо не те прашува, но трикот е да одговориш без прашање. Ако го имаш одговорот, можеби ќе го задржиш она што не е изгубено. Но ако го прифатиш условот за милион, веројатно ќе изгубиш сè: и земјата, и сонцето, и адресата во катастарот на народите… Ќе добиеш само шмиргла да си го истругаш името од влезната врата на животот и смртта, а потоа… Ќе ти се каже, на официјалниот јазик на твојата земја…
Знам, дејствува збркано, но всушност е совршена режија. А ти си побркал зора со спиење. Но има една олеснителна околност: уште не си искористил ниту еден џокер.
Водителот те посочува со прст, а ти се колебаш: публиката никој не ја сфаќа сериозно, а кога има јасен став, поминува консултативно. Проблемот е што публиката е во публика.
Пола-пола (или фифти-фифти) како џокер функционира единствено при формирање влада или тендер, а на терен – што и да елиминираш, сто отсто губиш.
Ти преостанува да повикаш пријател. Но по сето искуство со пријателски договори, кому му требаат пријатели?
Одеднаш (и самиот изненаден) извикуваш: Ја повикувам баба ми!
(Неколку часа подоцна на една нива…)
„Треба да се клепа“ – си мислам, меѓу две замавнувања на косата низ лутата трева што ги обраснала одоколу питомите стебла: да се коси со клепана и неклепана коса не е исто. На рамно или на стрмно. Детелина или плевел. Кој косел – знае. Кој не косел – научил на друга животна „нива“. Не е исто, ама ист е „учителот“.
По игра на случајот, припаѓам во вторите: косам од спорт, не од зорт. Никако не е исто. Царството на слободата (по Маркс) е од онаа страна на нужноста: да умееш со косата и да живееш од косење – не е исто. Кога бидувачката ти зависи од резултатите на еден голем напор, не му се навраќаш од чисто задоволство.
На парчето таткова земја доброволно учествувам во најстарата војна – меѓу питомото и дивото. Ја одбрав својата страна (или таа ме одбра): не е онаа на плевелот.
Помеѓу тримерот и косата, често предност ѝ давам на втората: моторните тримери се поефикасни и потребен е незначителен напор, но повеќе сакам да ја мирисам икосената трева одошто согорениот бензин и да ги слушам птиците наместо моторот. Освен тоа, нема подобар одмор за умот од физичкиот труд, кога е резултат на потребата од труд, а не егзистенцијална нужност од резултатите на трудот. Кога работиш со слободна волја, а не од принуда.
Битките ги добивам. Војната ја губам. Но билансот на влогот и исходот не ме загрижува. Радоста е во малите победи: да го надгледувам растот на кревкото, кога дивото истапува пред одбраната на питомото. Да го сведочам мигот кога цветот и пчелата ја „коваат“ најубавата теорија на заговор – создавањето на плодот што ветува блажина.
Единствената колатерала од тој „заговор“ е медот. Работа за пчелари и за поети: надеж за еден поблаг свет. Не е исто. Ниту сите заговори се исти.
Некогаш и локалните договори се поголеми заговори од светските заговори.
И тамам да речеш nihil novi sub sole (ништо ново под Сонцето), помислуваш дека Латините малку „погрешиле“ – под Сонцето има нешто подновено: плевелот. Иако суштински непроменет, секоја пролет доаѓа со нови сили.
Обратно од нас, плевелот ги губи битките сè дури нè има на нивата, со косата или тримерот в рака. Или со мастило. Додека еднаш одлучиме да не се појавиме таму: денот кога плевелот ја добива војната. До некоја следна генерација што ќе ги засука ракавите.
Колумната требаше да излезе минатиот вторник, на Денот на македонскиот јазик, но остана неклепана. Како и нивата, и зборовите имаат свој плевел. Зборот, како и косата, треба да се клепа пред да се употреби. Во спротивно е јалова работа, а „плевелот“ стои.
Пред три децении и кусур, еден голем македонски поет напиша: „Ние, луѓето што сме се зафатиле да сме му сведоци на времето што го живееме низ пишуван, врзан и мерен збор, еднипати го болуваме сиот тој напор на вербална пренапнатост, низ евидентни и вознемирени состојби на неволици, неверици, несоници… неоти вечни претплатници на илузии и занеси.“
Ете го коренот на снеможувањето: неволици, неверици и несоници, но овој пат од вечните претплатници на империјалистички илузии и занеси, подлабоки од коренот на плевелот. Од нив, и зборот и бидувачката стануваат „снеможени сведоци осудени на немеење“. Треба да се клепа.
Во дигиталниот речник на македонски јазик има дури осум значења за зборот клепање, и тоа: 1. удира, чука на клепало; 2. остри со чукање (коса, секира); 3. делка, вреже во камен; 4. остри со чукање воденички камен; 5. многу зборува, дрдори, ломоти; 6. пишува невешто; 7. клевети; 8. трепка со очите.
По игра на случајноста, првите четири (една половина) значења му припаѓаат на корисното, а вторите на јаловото.
Не е доволно само да се клепа, корисно е да се клепа во првата половина од значења, оние што му служат на човечкиот собир и трајниот запис, оние што се предуслов на лебот и чистење од плевелот… За втората, јалова половина, чинам не е нужно објаснување.
Преку татковите меѓи, преку парчето „ослободена“ земја од плевел – една цела татковина тоне во плевел. Половина напуштена, а половина запуштена, се одродува и отуѓува. Се парцелизира и распродава заради окрупнување на диви присвојувачи.
Затоа во сонот ја повикав баба ми. Сигурно знае што да се прави со толку плевел.
Знаела да одгледа мажи, а од еден залак да направи три (за три сина). Знаела да го надитри и посилниот од себе иако немала познавања од дипломатија, но секако ја слушнала народната Марко Крале си ја губи силата.
Знаела (иако неписмена) дека не може посредници да пишуваат за она што го чувствуваш на мајчин јазик. Затоа сама се описменува: да му пишува на дедо ми кога заминува во партизани.
Но косата не ја клепаше. Плевелот го корнеше. И убеден сум дека немала лош сон во зората. Јавето било потешко, а сонот и зората не оделе заедно. Била пред неа на нивата, наместо неа: го носеше нејзиното име (Зорка). Не верувам дека би си ја истружила со шмиргла светлината од името заради нечии илузии за пат до ѕвезди без трње.
Латините не погрешиле кога склепале per aspera ad astra (низ трње до ѕвездите), но секој народ што го изгазил патот до својата слобода, го знае тоа. Погрешивме ние, потомците на оние со ѕвезди на капите, што дозволивме асномските дострели да паднат во трње.
Ја оставам баба ми на мира. Таа е одамна на „небесните“ ниви. Се надевам таму нема плевел како овде.
Уште не си искористил ниту еден џокер. Џокерите те искористија. Не е исто.
Сè е илузија. Нема никаков милион. Но милионери постојат. Тие го водат шоуто.
Сè додека публиката не слезе на сцената.
Единственото вистинско нешто е во оној часовник во градите. Замисли го алармот, ако сите „часовници“ заѕвонат во иста зора. Ете го твојот џокер.